Политиката против „Салатата Македонија”

Дали Македонија може да се прифати како една заедничка држава на сите кои живеат во неа? Ова прашање одвреме навреме се појавува на разни дебати, но никако да се добие конкретен одговор. За еден дел од Македонците, Македонија прво е нивна, а дури потоа на другите. Додека пак, другите етнички групи, посебно Албанците, според набљудувачите, бараат рамноправност. Политиката повеќе игра со ова чувство отколку што покажува смелост да му стави крај на ова прашање.

Анализа на Назим Рашиди

Во интервју за телевизијата Алсат – М пред неколку дена лидерот на најголемата опозициска партија, Бранко Црвенковски изрази разбирање и, до некаде и жалење за низа настани кои им се случиле на Албанците во последните 20 години. Тој исто така рече дека сака да ги почувствува проблемите на Албанците како да се негови, па дури и да најде и решенија за истите.

Но, како се толкуваат овие изјави?

Тие се изненадни и се искажани пред локалните избори и кога македонската опозиција веќе почнала со низа протести.

Дебата на минатото

За Алберт Муслиу од организацијата Албанска Демократска Иницијатива, ова требаше да биде една дебата од минатото.

„Дебатата за тоа чија е Македонија е последица на комунистичкиот менталитет, во кој владееја теории дека една нација не може да има неколку држави. Државата требаше да биде етничка сопственост, а не граѓанска. Во политичкиот дискурс се инсистира дека државата е во сопственост на една етничка група, нешто што во Европа и во развиените демократии се надмина со оформувањето на Европската заедница„ вели Муслиу

Но, Жидас Даскаловски, од Центарот за истражување и креирање политики вели дека оваа дебата ќе продолжи.

„Дебатата околу прашањето каква држава е Македонија, кои се правата, обврските, односите помеѓу етничките заедници постојано ќе се одвива. Оваа дебата нема да заврши затоа што постојно ќе има нови прашања. Но, ова не е ништо страшно и сите треба да сфатиме дека тоа е нормално во демократии со повеќе етнички групи”, вели Даскаловски.  

Македонија се уште не дала конкретен одговор за тоа чија е всушност Македонија. 
Од уставен аспект таа на почеток се сметаше дека им припаѓа на граѓаните, за потоа со уставни измени по Охридскиот рамковен договор да се спомнат и другите етнички групи. Но, во пракса, општото чувство е дека Македонците сметаат дека Македонија е првенствено нивна, па потоа на другите. Ова е неприфатливо за другите етнички групи, посебно за Албанците кои бараат рамноправност.

Дебата која нема да заврши

Но, колку овие дебати всушност може да ги разјаснат овие прашања?

„Мислам дека е легитимно тоа што опозицијата придобива политички поени во оние сфери во кои Владата прави грешки. Но, мислам дека за премиерот некои акции од страна на Албанците во последните шест години кои се идентификувани како провокации треба да бидат поттик за тој да се поправи”, смета Муслиу.

Низа проекти на актуелната Влада, како на пример, проектот „Скопје 2014”, се доживеаја како моноетнички и кои евидентираат само една етничка група.

Прашањето е колку всушност постои свесност кај актуелната политика, природно, да има рамноправно претставување при донесување одредени одлуки?

Или пак, како што велат некои набљудувачи, сегашната реторика на Бранко Црвенковски всушност би требало да биде реторика на Никола Груевски, за да се пренесе една порака до општеството дека е излечена поука од минатото.

Но, Жидас Даскаловски вели дека нема конкретни решенија.

„Нема краен договор, крајно решение и ниту Бранко Црвенковски, ниту Никола Груевски не може да гарантираат дека ќе знаат како да се справат со потребите на граѓаните Албанци во Македонија. Тоа што ќе биде важно е дали Македонија ќе може да ги опфати интересите на сите во една мирна дебата со демократски калибар”. 

„Салатата Македонија” е позната по фактот дека во неа има разни овошја измешани во еден сад, кои кога се јадат имаат еден посебен вкус. Но, оваа салата повеќе ја сакаат странците. Во Македонија политиката се противи на ова гледиште, истакнувајќи при тоа само еден елемент, не сакајќи да ја прифати реалноста која и така е вистински микс.

AddThis Social Bookmark Button