Долга кампања=избори со слаб одзив

Една година пред редовниот термин за локалните избори, власта и опозицијата ја почнаа битката за освојување гласови. Аналитичари се едногласни дека ова е предолг период за кампања која може да резултира со слаб одзив на гласачите. Некои пресметки велат дека за активности на терен до крајот на летото, најголемите партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе потрошат половина милион евра.

Анализа на Душко Арсовски

Според пораките кои власта и опозицијата во последно време си ги праќаат преку телевизиски спотови, митинзи, билборди се чини дека Македонија ја очекува жежок период и веќе виден филм. На една година до локалните избори, политичките противници ја почнаа кампањата малку порано од вообичаеното. Или можеби постојаното рекламирање на владините активности сега добива на динамика со серија реклами во кои владејачката ВМРО-ДПМНЕ потсетува на грешките кои ги правеле владите на опозициската СДСМ.

Најголемата опозициска партија во земјата организира средби со граѓани и митинзи низ села и градови. Аналитичарите се согласни дека кампањата за локалните избори е прерана.

Меѓу нив е и комуникологот Петар Арсовски кој за за Диверзити Медиа вели:

Блиските резултати на претходните парламентарни избори за кои кампањата траеше пократко, ги тераат партиите овој пат да одат на подолга кампања, во надеж дека ќе може да го подобрат својот резултат. Значи, СДСМ се надева дека ќе може да се доближи, а ВМРО се надева дека ќе може да ја зголеми разликата“

Немање стратегија

Зошто повторно негативна кампања на власта? Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски оценува дека не се работи за недостиг на идеи, туку за стратегија.

„ Кај нас секогаш се почнува со негативно затоа што можеби побрзо може да стигне до самите потенцијални гласачи. Секогаш негативното е многу посилно од позитивното, многу посилно реагираат луѓето“

Долгата кампања според политикологот Мерсел Биљали не може да донесе нешто значајно за партиите, а негативно би се одразило на денот на изборите.

„Најверојатно апстиненцијата ќе биде повисока од кои и да е претходни избори. И второ, јас мислам дека гласачите не се во состојба нешто посебно да избираат затоа што тие се соочени со притисоци, со страв, со влијание на криминалот, со различни интереси, со партизација на државата“

Петар Арсовски делумно се согласува со ова.

„Ќе биде премногу ако партиите не сменат нешто во меѓувреме. Но, ако се сменат во пристапот, на пример, ако почнат со поинтензивен Пи-ар или ако почнат со поинтензивни контакти со граѓани, или ако сменат, во смисла на некој политички маркетинг проект, тогаш може да се направи разлика“

Како и на многу избори претходно, во фокусот на кампањата на владејачката партија е опозицискиот лидер Бранко Црвенковски и грешките од неговото владеење. Од друга страна, според Божиновски, локалните избори ќе бидат можност за негова рехабилитација.

Во моментов имаме една специфична ситуација бидејќи самиот легитимитет на лидерот на опозицијата беше разнишан по последните парламентарни избори. Тој ги наметна локалните избори како тест. Од локалните избори зависи дали лидерот на опозицијата ќе продолжи да биде лидер на опозицијата или ќе се повлече“

Контаминација

Владо Бучковски, поранешниот висок функционер на СДСМ, деновиве изрази сомнеж во искреноста со која Црвенковски ја води  кампањата, потсетувајќи на искуството со ланските избори.

Ја контаминираше кампањата. Тој не остави простор да му се верува дека реално ќе се повлече. И во холивудско сценарио можеше, на пример, на последниот митинг во Куманово, пред изборниот молк, тој да даде оставка и да се повлече. Па, условно речено, со таква шок-терапија, во тој молк да анимираме уште 2,3 отсто, колку што недостигаа за победа. Меѓутоа, тоа не се случи и сега СДСМ го носи тој хендикеп.вели Бучковски во интервју за неделникот „Капитал“ .

Мерсел Биљали кој му беше советник на Бучковски додека овој беше премиер, за Диверзити Медиа вели дека на опозицијата и се потребни драстични промени.

„Факт е дека на македонската политичка сцена било да се работи, условно кажано, за македонскиот или албанскиот блок, и’ треба нешто ново. Нова филозофија, нов пристап со потребна доза на идеал. За жал, ние сме во една своевидна празнина и апатија која е многу штетна за интересите на државата и на граѓаните“

Проценките кои ги објавија некои медиуми покажуваат дека само работното лето партиите ќе ги чини 500 илјади евра за плакати, превоз, реклами, сцени и озвучување, за изнајмување простори, како и за телевизиска опрема. Политичката забава до идната пролет граѓаните сами ќе си ја платат, зашто според буџетот и завршните сметки на државата, годишно во партиските каси се влеваат околу два милиона евра народни пари.  

AddThis Social Bookmark Button