Репресирани, па заборавени

Македонија е меѓу последните посткомунистички општества која се нема оддолжено кон жртвите на комунизмот. Прогонуваните одвај и да се спомнуваат во учебниците по историја, поради што историчарите бараат измена на учебниците од основното и средното образование. Здруженијата  на политичките затвореници Македонци и Албанци иако одделно, поставија исти барања – извинување од државата, нивна рехабилитација и прочистување на семејната историја.   

Анализа на Весна Коловска

“Целиот мој живот сум го минал во затвор, логор, прогон, како непогоден, гледан со презир од секого, живот во кафез, живот без лезет. Се прашувам: зошто? Затоа што сум мислел слободно и слободно сум ги искажувал своите мисли и ставови што подоцна станаа вистина?”

Ова  го напишал покојниот Тома Батев, професор и затвореник во злогласниот комунистички затвор  ‟Голи Оток„  во својата книга – сведоштво „Досието Високи сенки“. Книгата содржи копии од досието што цели 44 години за него го водела службата за државна безбедност. Батев 29 месеци поминал на принудна работа на озлогласениот остров, каде неистомислениците со тогашниот комунистички систем биле испраќани без обвинение и без судска пресуда.

Здружението на политички затвореници кое покрај жртвите на комунизмот ги обединува и прогонуваните за идеите за самобитност на Македонија од раните деведесетти од минатиот век, од Република Македонија, како наследник на комунистичката држава, бара извинување  и рехабилитација.

Отштета

Претседателот на Здружението, Никола Андонов се повикува на членот 36 од Уставот, каде се спомнати политичките затвореници.

„Со Уставот и со тој член, државата е задолжена да дозволи граѓаните да ги остварат тие законски можности.  Но, се разбира, преку добри законски проекти каде нема можност тие да бидат доведени во позиција тие да ги докажуваат своите права и тогашните нивни политички убедувања, бидејќи тие веќе ги докажале со судските пресуди донесени во тој период. Тие го докажале своето политичко делување  и владеење„.

Соодветен закон за рехабилитација во име на 34.000 политички затвореници работи Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес. Во исто време, Албанците од Здружението на политички затвореници и оштетени лица со над сто индивидуални тужби преку суд од државата ќе бара оштета.

„Со никакви материјални средства тоа не може да се надомести. На пример, јас сум бил казнет 13 години за дела за кои сега не се казнува ни три дена. Ние имаме некои стандарди за материјалното надоместување - поранешните политички затвореници да се обештетат на ниво на осуден или човек кој одлежал без да е виновен. Според македонските закони тоа е од 2.000 – 6.000 денари по ден„, изјави Шпетим Положани, претседател на ова здружение.

На неодамнешниот протест Албанците – политички затвореници  побараа пред да почне решавањето на нивното прашање, власта да донесе закон за статусот на поранешните борци на ОНА.

„Има некаква морална, етичка врска меѓу едната и другата категорија, бидејќи и двете категории, на некој начин, се жртви. Бидејќи веќе заврши тој конфликт, се донесе амнестија, треба да се создаде основа за некакво помирување„, смета Положани.

Засега владините коалиционери – ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ тешко наоѓаат компромис околу политичките затвореници, а официјалниот одговор е дека се уште се преговара. Во меѓувреме, двете здруженија предупредуваат дека нивните членови кои дваесет години чекаат рехабилитација, полека го напуштаат овој свет.

Историчарот Никола Жежов смета дека ова е долг и чувствителен процес, при што, преку досиејата треба да се проверат вистинските политички затвореници, а внимателно да се пристапи кон имињата на кодошите.

„Затоа што внатре имате и цивилни соработници на власта, коишто не по нивна волја морале да соработуваат со поранешниот комунистички систем на власта. Имаме луѓе коишто биле уценети да го прават тоа. Тоа се рани од двете страни - и од страна на репресираните и од страната на тие кои учествувале во тој систем, коментира Жежов и додава:

‟Затоа треба да се погледнат сите сегменти. Знаете дека согласно закон, со писмо до МВР, тие што имаат досиеја можеа да ги видат и луѓето по цивилна должност. И сега имате ситуација во која имате оружје во рацете на луѓето со имиња и презимиња“.

Учебници по историја

Жежов проценува дека на секој следен доаѓаат од три до пет цивили. И ако се земе предвид како што посочува тој, дека постојат 15.000 зачувани досиеја и уште 30.000 уништени, тоа се од 135.000 – 225.000 цивилни луѓе кои кодошеле за државата.

Тома Батев добил само 351 страница од неговото досие, иако постоеле уште стотици и стотици страници пресликани во микрофилм кој не му било дозволено да го види. Во последната книга тој е видно разочаран што еден од бројните кодоши што го следеле е негов добар пријател со кого поминувал многу време. На крај, во неговата книга завршува:

“Не сакам реваншизам. Сега барам само рехабилитација на разумот, на вистината, на правдата како цена за мојот  “грев“. Да го продолжам својот живот здивнат, слободно со крената и горда глава, со чист образ. Моите внуци, моето потомство, младото поколение да биде без сомнеж за нешто што сепак не било така. “

Батев замина од овој свет без да ја доживее својата рехабилитација. Но, остави сведоштва кои на новите генерации им изгледаат како неверојатно доживување. Во учебниците по историја за репресиите речиси и да не се споменува, што според историчарите е неправедно и нелогично.

Универзитетскиот професор по историја Зекирија Реџепи смета дека ако ништо друго, барем за овие луѓе треба да се пишува и да се учи и така, тие да добијат некаква сатисфакција.

“Не мислам дека поради нивното жртвување треба им се даде приоритет, но сепак заслужуваат поинакво место во едно демократско општество. Посебно што имале последници од времето на комунизмот. Многумина од нив беа први и како дисиденти се противеа на диктаторскиот систем на комунизмот. Кога го кажувам ова мислам на цел Балкан, не само за Албанците во Македонија.”

Во Бугарија, каде заврши процесот на рехабилитација,  периодот и жртвите на комунизмот се изучува  во учебниците по историја за втора и за трета година во средното образование. Во Србија, со тамошниот закон, се рехабилитирани 1.870 лица, а неодамна беше одлучено да ги обесштети првите 15 затвореници од Голи Оток со по седум евра од поминат ден во затвор, како по примерот на Хрватска. Во Македонија, Методија Андонов – Ченто е единствениот рехабилитиран политички затвореник.


Системот во минатиот век

Судени без пресуда

Во комунистичкиот систем луѓето биле следени од службите или биле прогонувани поради идеите за самобитноста на Македонија. Поради искажано мислење во кое се критикува системот, комунистичката партија и тогашниот претседател на тогашна СФРЈ -  Тито. Биле судени на редовни и вонредни партизански судови, а некои завршувале во затвор без пресуда. Некои луѓе биле следени до крајот од животот. Други, не успеале да ги преживеат суровите услови на затворот на островот Голи Оток.

Албанците дополнително биле казнувани поради членување во илегални групи или поради одбивањето да влезат во задруги и да го предадат на државата своето земјиште. Во шеесеттите години од минатиот век биле прогонувани поради протестирање против репресиите во Косово, додека во и осумдесеттите - за идеите за политичка диференцијација. 


 

AddThis Social Bookmark Button