Кој е за 1,8 милијарди евра?

Од плетење волнени чорапи до фестивал на рок музика. Постојат многу можности да се покаже креативноста и конечно, да се заработува. Две години откако беше промовирана Стратегијата за развој на креативните индустрии во Македонија, не постојат показатели колку нови вработувања овозможил овој документ. Креативците и натаму се жалат на старите проблеми, дека немаат даночни олеснувања и фондови. Од Владата велат дека наскоро ќе има позитивни движења.

Анализа на Душко Арсовски

Кога се организираше неделата на дизајнот во Скопје во минатата есен, веројатно малкумина очекуваа дека тоа може да биде шанса за почеток на бизнис. Но, во тоа веруваше еден од креаторите, Јасна Шоптрајанова која преку својот Центар за креативно живеење го развива овој животен концепт како можност за успех.

„Дизајнерска компанија од Македонија со српска компанија разви заеднички производ, специјално за Белградската недела на дизајнот. Имаме тројца холандски дизајнери кои лани беа на Неделата на дизајнот во Скопје, а сега ги произведуваат своите прототипови во Македонија. Тие работат на концепт за ексклузивна серија, па, им е многу полесно и попрактично да го произведуваат тука“

Шоптрајанова учествуваше на форумот што неодамна го организираше Британскиот совет во Скопје на кој македонските креативци ˮкупувааˮ странски искуства во овој сектор. На пример, од Велика Британија како што посочува Џон Њубигин, претседавач со Креативна Англија, креативните индустрии вработуваат два милиони луѓе и извезуваат стоки и услуги вредни од 10 до 15 милијарди фунти. Оваа платформа ги помага креативците на островот со финансии, но и со тренинзи.

„Може да имате добра идеја, но доколку немате бизнис план, доколку немате план инвестиција, немате соодветни вештини, не знаете како да пристапите на пазарите кои ви се потребни, не знаете како да ги разберете тие пазари, тогаш можеби нема да успеете“

Проектот на Шоптрајанова веќе го нуди сето ова.

„Тој е инкубатор за креативни бизниси. Тој развива публика за кретивни развојни производи, развива основа за професионалните уметници и креативци да ја применат својата умешност независно со што се занимаваат. И кај потрошувачите развива чувство за потреба од креативни производи. “

Од минатата година до денес тврди Шоптрајанова, на овој начин биле отворени 50 работни места.

Што носи пари?

Александар Милев е еден од многуте креативци во Македонија. Тој изработува филигран. Веќе ги поминал бизнис обуките, а размислува за натамошен развој.

„Ние сакаме да направиме и еден центар за обука за филигран, тоа е инвестиција којашто во моментот ја немаме. Имаме алат, но имаме само еден дел. За сето тоа да биде професионално, ни требаат финансии за почеток. “

Освен што му недостасуваат финансии, од неодамна Милев остана и без простор за работа откако се урна дел од старата железничка станица во Скопје. Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска ветува дека ќе има простор на друга локалција.

„При донесувањето на програмата за ревитализација на старата скопска чаршија работиме со цел овие занаетчии да добијат соодветен простор да се даде на нивно користење за да се поттикнат тие занаетчии повторно да работат во старата скопска чаршија. “

Во Естонија најмал проблем е просторот вели, Рагнар Сил од Министерството за култура на оваа балтичка држава. Таму мноштво напуштени стопански објекти од времето на комунизмот сега се креативни средини.

„Може да се формираат развојни бизнис центри во различни области- дизајн, архитектура, музика и друго, а може да се инвестира во нови технологии. Постојат многу едноставни и јасни работи но, потребно е финансирање. “

Во Естонија, десет отсто од компаниите се од областа на креативните индустрии, апет отстои од луѓето работат во овој сектор. Сил е и претседавач на работната група за креативни индустрии на Европската Унија. Тој најавува дека Брисел подготвува нова програма, наречена ˮкреативна Европаˮ за која ќе се одвојат 1,8 милијарди евра.

За Диверзити медиа Сил објаснува кои области би можеле да се профитабилни за краток рок.

„Не постои заедничка дефиниција за креативни индустрии. Секоја од земјите треба сама да дефинира што да вклучи, а што не. Ако сакате големи бројки, јас би вклучил туризам, спорт, храна, софтвер и тие сектори ќе учествуваат со седум проценти во Бруто домашниот производ. “

Даноци по мерка

Македонија во својата стратегија дефинираше 21 област како, архитектура, дизајн, мода, театар, софтвер, рекламирање и други, кај кои постои креативен потенцијал што може да донесе развој.

Еден од условите за тоа е добрата регулатива вели Њубигин.

„Едно нешто кое се обидуваме да го направиме е да се избориме за поголемо даночно ослободување. Како на пример, за истражувањето во развој на нова интелектуална сопственост што помага да се намали ризикот којшто го носат овие бизниси. Ако снимате филм или компонирате музика однапред ги инвестирате сите ваши пари, уште пред да излезете на пазарот, а ризикот да доживеете неуспех е огромен. “

Зоран Тодоровски од организацијата МАТА која им помага на македонските креативци смета дека земјата има добра правна рамка за отворање бизнис. Но, дека во пракса има недостатоци. Како на пример, давачката која се нарекува фирмарина. Ист износ плаќаат и големите и малите играчи на пазарот.

„Тоа веднаш ги обесхрабрува луѓето бидејќи велат, чекај чекај, како јас ќе го ставам тоа во вкупните калкулативни трошоци, особено кога го почнувате бизнисот. Така што, тука би требало нешто да се стори. Би требало мерките за оданочување да одговараат на обемот на бизнисот. “

Анализата што ја направи експертски тим покажува дека најзастапени креативни индустрии во Македонија се рекламирањето со скоро 14 проценти, издаваштвото со 12,5% и уметничките занаети со речиси 11 отсто. Бројките може да се сменат ако и реално профункционира документот за активна соработка што деновиве го потпишаа неколку министерства и институции.

Дотогаш, на мајсторот за филигран Милев ќе му треба само просторија за работа.  

 

AddThis Social Bookmark Button