Апатични граѓани, празна политика

Околу 60 проценти од албанскиот електорат во Македонија се изјаснил како неопределен која партија ќе ја поддржат. Набљудувачи велат дека ова се должи на недостатокот на оригинални политички понуди. Дали ова создава можност за појава на други политички иницијативи или е само едно предупредување за веќе постоечките албански политички партии?

Анализа на Назим Рашиди

Анкета на Институтот за истражување на политики и добро владеење, на виделина изнела бројки кои се сметаат за загрижувачки за апатијата на граѓаните во однос на политиката.

Според оваа анкета околу 60 проценти од албанскиот електорат е неопределен или незаинтересиран за политиките на политичките субјекти. Само околу 40 проценти од луѓето имаат јасни определби за партиите.

Башким Бакиу
од овој Институт овие бројки ги толкува на овој начин:

„Секое поголемо неизлегување на гласање покажува дека во земјата има проблеми со демократијата, односно со одредени групи. Во Македонија, ова покажува дека 60 проценти од Албанците не сакаат да излезат на гласање затоа што мислат дека политиката не покажала дека може да ги реши нивните секојдневни проблеми”.

Лажен политички шарм

Арсим Зеколи, поранешен дипломат и колумнист, вели дека ова е резултат на недостигот на политичка понуда.
 
„Од едноставна човечка гледна точка, каде што вие треба да се борите за корка леб, не ви останува верба за партискиот лажен шарм. Се ближи крајот на оваа дваесетгодишна ера на  големите прашања. Сега луѓето бараат работа, сигурност, квалитетно образование, пристоен живот...Нешто што постоечките албански партии не го нудат ", вели Зеколи.

Дали тоа значи дека оваа ситуација и апатијата на Албанците, всушност, создава терен за нови политички движења?

Во јавноста веќе се појавија неколку такви иницијативи. Во врска со ова Зеколи и Бакиу имаат поделени мислења:

„Ако ме прашувате мене дали има потреба за трета политичка опција, мојот одговор е не. Затоа што, на тој начин се намалува силата на албанската политика во целина. Но, тоа е еден сигнал, аларм за постоечките партии да го променат своето однесување", смета Башким Бакиу.

Додека пак, Арсим Зеколи за ова, коментира:

„Во постоечките партии не гледам каква било можност за промена, затоа што сите се ‟Султан„ партии. Движењето кое ќе почне да ги пренесува вистинските желби на обичните граѓани ќе има иднина и се надевам, дека наскоро едно такво и ќе се појави”.

Каде се движиме?

Се поставува прашањето што значи оваа ситуација за целата политичка сцена во Македонија?

Новинарот Александар Чомовски мисли дека однесувањето на албанскиот електорат, имајќи ја предвид последната анкета, всушност не е поразлично од она на македонското избирачко тело. Тој додава дека се работи за тренд кој е присутен и во регионот и кој е резултат на нејаснотиите околу насоката на која се движи државата. Особено што се однесува до евроинтеграциите.

„Во двата етнички електорати има недостаток на големи идеи и големи личности, како и реални трансформации и реформи  кои би ги задоволиле социјалните, економските и културните интереси и на Албанците и на Македонците. Апстиненцијата е очигледна и е општ резултат на незадоволството на граѓаните”, вели Чомовски.

Идната година Македонија ќе има уште еден нов изборен процес. Ќе се одржат локалните избори.  Активностите на политичките партии со чекорите кои тие ги преземаат, јасно ставаат до знаење дека веќе работат за изборите. Активностите на терен и изјавите на партиите дека ќе го победат својот ривал, иако до изборите има уште неколку месеци, создаваат впечаток на предизборен период. Но, ова чувство не е присутно и кај граѓаните, кои очигледно се незаинтересирани и незадоволни, како со реториката, така и со активностите на партиите.

AddThis Social Bookmark Button