Збогум пирати?!

Европскиот парламент со убедливо мнозинство го одби трговскиот  договор  АКТА,  кој од граѓанските активисти беше оценет како оружје против слободата на Интернет. Примената на ваков тип договори ќе значи крај на слободното споделување на содржини на Интернет, кои подлежат на авторски и сродни права. Дали Македонија е подготвена, на пример, да забрани торенти, сервиси преку кои се доаѓа со филмови, музика, игри, софтвер...?

Анализа на Весна Коловска

На македонскиот долгометражен филм „Панкот не е мртов“ му требаа повеќе од три години да дојде до кино премиера, а на пиратската копија и требаа само два –три месеци да се најде на каналот “Ју тјуб„. Продуцентот Дарко Попов од популарната Интернет страница веднаш побарал да се отстрани филмот. ˮЈу тјуб„ брзо  реагирал, меѓутоа, според Попов, филмот во меѓувреме, веќе бил виден околу 5000 пати.

Сум изгубил три години за да се направи со триста маки и некој го постави на Интернет. И уште дава коментари дека е тоа општествено добро и дека треба сите да го гледаат и дека тој тоа што го направил е многу добро дело. Што е тој? Робин Худ, што...?!  револтирано прашува Попов.

Набргу дознале кое е лицето што неовластено го поставило филмот на Интернет, меѓутоа, како што вели Попов адвокатот го посоветувал да не тужат.

„Објаснувањето беше дека прво ќе се „тегнеме“ по судови многу долго време, а после тоа, бидејќи дознавме  по име и презиме кое е тоа момче од Битола што го поставил филмот, се испроблематизира прашањето што може да му земеме?! Не сме ние крвници, не сме ние адвокатите на Принц, па, да му влеземе дома и да му земеме половина стан! Тоа е глупаво! Тоа не е решение“, коментира авторот на овој македонски филм.

Акција и (не)реакција

„Панкот не е мртов„ на кино го виделе околу 10.000 гледачи. Но, колку пати е симнат преку торенти, никој не може да каже. На најпопуларната  торент  страница за македонските Интернет корисници, бугарската „Замунда“, „Панкот..“ е симнат 4.400 пати. Бројките од  кино-прикажувањето даваат најдобра слика за последиците од торенти. Според Манаки филм, од златните години (2002-2003 година), кога во скопските кина имало по околу 2,8 милиони посетители годишно, лани само 25.000 луѓе гледале филмови на кино. Тоа е пад од 112 пати.


Причинско-последнична ситуација

Високобуџетниот филм „Одмазници“ што сега се прикажува во скопското кино „Милениум“ е осмиот најсимнуван филм преку торенти во светот. Се поставува прашањето - Дали воопшто може да се инстистира на строга контрола на пиратството на филмови во Македонија, кога опремени кино сали има само во Скопје, Охрид и во Битола, а само две сали во Скопје имаат 3Д опрема?


Торентите се создадени за бесплатна и некомерцијална размена на музика и филмови, но од друга страна, тие се косат со Законот за авторски и сродни права.

Новица Наков од невладината „Слободен софтверˮ смета дека Македонија е мало и неинтересно подрачје за големите холивудски студија за да бараат откривање на неовластено симнување на нивните дела, преку доследна примена на законот.

„Веројатно поголем  ќе биде трошокот за некоја компанија од таму да дојде да ги чита законите, да најми луѓе и да истражува. Меѓутоа, од друга страна, проблемот може да биде и во недоследната примена на законот, затоа што тој може да се искористи за замолчување на лица или организации ако утврдат дека користеле некоја нелиценцирана содржинаˮ вели Наков и посочува пример:

„Во Русија, затворени се неколку организации кои што се борат за човекови права на основа на тоа дека користат нелиценциран „Виндоус“.„

Адвокатот Валентин Пепељугоски е застапник на Бизнис софтвер алијансата во Македонија, по чие барање се спроведени повеќе акции за заплена на нелегален софтвер. Тој вели дека нелиценцираниот комерцијален софтвер што сега изнесува околу 61% треба да се сведе под 50%.

Тука губат големите компании. Но, тука губи и државата преку неплатени даноци, ДДВ, промет, данокот на добивка, неплатени царини, неплатени придонеси... Тоа се огромни штети што се мерат во милиони американски долари, но и кои се мерат во изгубени работни места“.

Слобода за уметноста...ама со усул!

Координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост во  последните години е насочено кон откривање на нелегален софтвер и фалсификување на трговски  марки. Телото постапувало по околу 600 пријави, додека во доменот на филм и музика реагирало по барање на Советот за радиодифузија и на продукциските пакети. По пријава делуваат и од Министерството за внатрешни работи, каде делува посебна група за компјутерски криминал.

Сепак, никаде не може да се најде барем приближна бројка на нивото на неовластено симнување или користење на авторски дела преку Интернет во Македонија. Можеби тоа би бил збирот од вкупната симната содржина од сите провајдери кои работат во Македонија. Но, тука спаѓа и содржината за која се плаќа. Нашите соговорници имаат спротивставени мислења за слободното користење и авторски дела.

Во светот, ништо не е бесплатно. Тие го заведуваат народот со тоа што кажуваат дека постои бесплатен софтвер. Отворениот софтвер не е бесплатен. На крајот од денот се поставува прашањето зошто не се избрише целокупниот софтвер којшто е нелегален?“, посочува Пепељугоски.

И покрај лошото искуство на сопствена кожа, Дарко Попов е за слобода на уметноста преку Интернет.

Уметноста треба да биде слободна и бесплатна за сите, но да се воведе некаков ред. Не може албум или фил веднаш да го има во пиратска верзија на Интернет веднаш по неговото излегување. Тоа е глупаво. Замислете со нашиот стандард, ние да немавме пиратерија, немаше да може да гледаме филмови, да слушаме нови албуми,  музика.  Ќе купувавме нови албуми за 30, 15, 20 евра?!“

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија се забележува дека фалсификувањето и пиратеријата не се третираат како аспект на организиран криминал, а се уште е ниско нивото на свест за интелектуална сопственост во земјата. 


Бугарите први по пиратерија во ЕУ

Бугарија е на прво место во ЕУ по ниво на пиратерија. Ако во останатите европски земји нивото на пиратерија е помеѓу 22 и 26 проценти, во Бугарија е високи 65 проценти. Се проценува дека штетите за бугарската економија се движат помеѓу три и четири милијарди евра годишно. Експертите предлагаат создавање на алтернативна платформа, каде за мали износи од Интернет ќе може да се купува интелектуална сопственост.


Ние најмногу закачени на Замунда и на Пират беј

Порталот Alexa содржи ранг-листа на најпосетени Интернет страници на глобално ниво, но и одделно по земји. Според оваа листа, на топ стоте најпосетени страници од македонски корисници се наоѓаат две страници со торенти од каде може да се симнуваат содржини. Бугарската Zamunda.net е на високото 20 место на посетеност (2.279 на глобално ниво), додека  шведската The pirate bay на 52 место (на глобално ниво го држи 83 место). 


 

AddThis Social Bookmark Button