Смрди на ѓубре, ама мириса на пари

И покрај строгите закони и казни, Македонија се уште се задушува во смет. Диви депонии има во речиси секое населено место и во овие пеколни летни денови тие се жаришта на зарази. Надлежните апелираат на поголема совест од сите, невладините сметаат дека институциите доцнат, додека пак, општините се жалат дека немаат пари за да се справат со проблемот.

Анализа на Душко Арсовски

Се движиме по стариот пат од Скопје кон Куманово. Откако ќе се помине Арачиново во должина од само неколку километри, од двете страни има две диви депонии. На една доминира градежен шут, на другата има се, а најмногу неподнослива реа. На значително висока температура забележуваме луѓе како копаат по ѓубрето, собирајќи пластични шишиња и кучиња кои јадат остатоци од храна.

Во општина Арачиново велат дека постојано работат на случајот и дека местата со диви депонии се чистат повремено. Според Исен Рамадани од Секторот за комунални работи од оваа општина, тоа е се што може да се направи.

„Тоа пак се полни бидејќи нема адекватно место за депонијата. Порано имавме и проект. Но, не најдовме заеднички договор бидејќи имавме опструкции од граѓански петиции“

Диверзити Медиа Продакшн: Сакате да кажете дека Арачиново нема своја депонија?

Имаме место за отпад, на излезот на селото е, локацијата ја видовте и вие, ама не е баш адекватна. Нема каде да го носиме ѓубрето, па затоа таму го фрламе. И патот таму се блокира. Таму не фрлаат само граѓаните и комуналното претпријатие, туку кој како ќе стигне, бидејќи ова е регионален пат“, објаснува Рамадани.

ДМП: Нема ли моќ општината да казнува, да санкционира?

Испративме неколку казни. На пример, ако сретнеме некој додека фрла смет, го казнуваме. Имаме еден инспектор за животна средина и за сите комунални работи бидејќи Општината располага со петмина вработени“ 


Најмногу казни ˮпадналеˮ во Скопје

Здружението на комунални инспектори оперира со бројка од околу 3000 изречени глоби од почетокот на годинава. Две третини од казните биле во Скопје. Во некои градови како Куманово, Кичево и Гостивар воопшто не се пишуваат казни, зашто таква е политиката на градоначалниците, велат во Здружението. Најниската казна за несовесно фрлање отпад е околу 3700 денари или 60 евра.


Рамадани вели дека неколку пати безуспешно барале помош од Министерството за

животна средина и просторно планирање . Оттаму пак, објаснуваат дека надлежни за управување со отпадот се општините.

„ Министерството нема буџет, а не постојат ни субвенции, за ние да може да ги помогнеме општините, односно нивните јавни комунални претпријатија коишто се одговорни за собирањето и за транспортот на комуналниот отпад“ посочува Ана Каранфилова Мазневска од Секторот за отпад при Министерството за животна средина.

Но, ресорното министерство може да ги одземе надлежностите на општините во делот на управување со отпад доколку се утврди дека некоја локална власт не се справува со проблемот како што треба. Според Мазневска, тоа досега не се случило.

Невладините организации кои до пред неколку години беа мошне гласни, сега се соочуваат со немање фондови. Од Македонскиот зелен центар, една од поактивните еко-организации тврдат дека организираат кампањи за подигнување на свеста.

Нејзиниот претседател Методија Саздов проблемот со дивите депонии го лоцира кај неколку фактори.

„Доцнеше легислативата. Освен Дрисла, регионалните депонии се уште не се реалност во Македонија. Дивите депонии најчесто се чистат од проекти на здруженија на граѓани и преку иницијатива на локалната самоуправа. Некогаш се случува пред избори, некогаш тоа е редовна процедура. Што се однесува до оние кои што фрлаат отпад на диви депонии, малубројни се примерите каде што инспектори на лице место ги фаќаат сторителите и им ги одземаат тракторите, камионите...“

Според регистарот на Министерството за екологија, во Македонија има околу 1000 диви и 55 легални депонии, од кои само Дрисла во Скопје ги задоволува стандардите. Според планот, регионалните депонии ќе треба да ги затворат овие црни дупки. Но, Мазневска посочува дека почетната фаза е помината.

„Регионалните депонии секако, не може да се направат преку ноќ, потребно е време. Регионалните депонии нема да го решат проблемот со одлагање на отстранување на отпадот на непрописниот места и создавањето на дивите депонии, ако граѓаните се однесуваат така како што се однесуваат“

Опасно!

Од ресорот оценуваат дека главна причина за создавање на депониите е што на овој начин, граѓаните избегнуваат да платат надоместок за отстранување на отпадот. Но, Саздов пак, на проблемот гледа и од друга перспектива.

„ Тое е можеби поради лични интереси и несоработка помеѓу комунални претпријатија на регионално ниво. Тука обично влегуваат политички интереси бидејќи сепак во депониите има и многу пари, доколку тоа се рециклира, се користи метан итн“

Фактичката ситуација со дивите депонии ја зголемуваат опасноста по здравјето на луѓето. Но, има отпад кој е темпирана бомба за општата благостојба на граѓаните:

Депонирање медицински материјали. Депонирањето во Дрисла е релативно скапо, па многу од луѓето се одлучуваат медицинските материјали да ги депонираат на некоја дива депонија. Опасно е заразени мрши коишто шират зараза. Опасноста е уште поголема доколку домашни животни да дојдат во контакт со дивите депонии“ предупредува Саздов.

Многу често таквите места се потпалуваат што претставува дополнителна опасност, смета Џавид Фејзули специјалист по општа хигиена и животна средина од Тетово, град кој со години не може да го реши проблемот со дивите депонии.

Чадот содржи и тоа како штетни и опасни материи кои што го влошуваат здравјето, посебно на луѓето кои имаат белодробни заболувања, астма, бронхитис. Но и кај здравите луѓе, а дотолку повеќе и кај младата популација“

Во Институтот за јавно здравје немаат информација за ризиците од дивите депонии, иако тоа им е една од задачите. Владимир Кендровски упатува одговорот да го бараме на друго место.

„Како Институт за јавно здравје не може да имаме увид за секоја депонија која се наоѓа каде било во државата, туку напротив. Согласно нашиот закон тоа е обврска на Центрите за јавно здравје“

Во последниот годишен извештај на оваа инситуција објавен во 2009 година, дивите депонии се споменуваат на едно место. Таму се наведува дека Институтот изготвил стручно-методолошки упатства и обучувал за управување со цврстиот медицински отпад на депонии.

Вака, останува секој посебно кога го прекршува законот, остава органски смет на дива депонија како оние во Арачиново, да си пресмета дали и колку тоа може да го му го загрози здравјето. Ако веќе не помагаат глобите!

 

AddThis Social Bookmark Button