Претстава „против“ Груевски

Премиерата на претставата „Операта на питачите" на Албанскиот театар од Скопје, која што беше изведена на фестивалот „Охридско Лето", предизвика реакции за критицизмот во неа околу политичките случувања во земјата. Во претставата имаше директни пораки за власта. Посебен акцент со голема доза на пародија беше ставен на Премиерот Никола Груевски и на политиките на неговата партија. Во неколку случаи, беа обработени и конкретни настани што во последните години ја окупираат јавноста. Така, оваа претстава, поставена според текст на Вацлав Хавел, а во режија на Дино Мустафиќ, ја покренува дилемата за тоа колку уметноста може да се користи како форма на протест?

Анализира Назим Рашиди

Како што и беше најавено, претставата „Операта на питачите‟ даде еден критички поглед на сегашната реалност. Но, повторно, со една универзална порака која се однесува на постојаните дилеми за сомнителните врски кои може да постојат помеѓу политиката и криминалот. Претставата која се одигра во средата беше примена со голем интерес од страна на посетителите на фестивалот Охридско лето.

Во претставата обработени се одредени настани и конкретни политики, со особени критики и пародија за проектот „Скопје 2014", како и моменти во кои се сатиризира  Премиерот Никола Груевски. Сите овие елементи го донесоа во сегашноста текстот на Вацлав Хавел, поранешниот претседател на Чешка, но и сценарист, поет, есеист. Текстот е напишан уште во седумдесетите години на минатиот век.

Но, претставата, исто така, отвора едно друго прашање, колку уметноста може да се користи како форма на протест или форма на изразување кое би имало влијание врз јавното мислење. Посебно во време кога Македонија е критикувана за недостаток на слобода на говорот.

Без временски рок

Адем Карага, е директор и актер во претставата „Операта на питачите". Еве што тој мисли за тоа прашање:

„Ние не донесуваме одлуки за тоа што ќе се случи, но ги поставуваме прашањата за актуелните проблеми во нашето општество. Штотуку настанатата претстава со еден извонреден труд на актерите ќе се прифати со голем интерес од сите околни земји во транзиција‟.

Диверзити Медиа Продакшн: Дали треба да се доживее како форма на протест?

„За тоа ќе одлучи публиката", одговора тој.

Сепак, останува прашањето колкаво влијание, навистина, има уметноста кај луѓето?

Познато е дека во медиумите не им се обрнува внимание на големите дела кои што би можеле да потенцираат одредени аспекти од општеството. Тоа не се однесува само на театарските претстави, туку и на другите уметнички форми. Од друга страна пак, бројот на гледачи, на читатели или воопшто, на љубители на другите видови на уметности не е многу голем.

Уметниците велат дека, сепак, уметноста има голема важност, затоа што се работи за дела кои остануваат и кои го одразуваат времето во кое ние живееме.

Според босанскиот режисер Дино Мустафиќ, ова го докажува токму текстот на Хавел, кој иако напишан пред околу половина век, тој е актуелен и ден денес.

„На крај на претставата, пред последната сцена ние читаме едно писмо напишано од Вацлав Хавел во 1975 година, кое беше еден интелектуален протест, еден јавен став за она што тој го очекуваше од Чешката комунистичка партија", вели Мустафиќ.

И публиката која што ја следеше претставата го доживеа тоа како протест за сегашните случувања.

Различни земји, ист калап

Мустафиќ вели дека не му било тешко претставата да ја „зачини‟ со локални „мирудии‟, зашто, како што посочува, проблемите се слични во сите земји во транзиција.

„Во Босна, само сменете ги имињата на партиите или политичарите и ќе ја видите сличноста во нивното однесување. Не е важно дали оваа претстава се изведува во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Романија, Бугарија ... " вели режисерот на претставата.

Во историјата на уметноста познато е постоењето на т.н. наменска уметност или уметност која има за цел да иницира, поддржува или критикува еден социјален феномен. Денес, уметноста треба да се гледа повеќе како форма на перцепирање на реалноста од страна на одреден слој на општеството. Особено кога се обработуваат теми поврзани со актуелната реалност.

Но, набљудувачи велат дека иако уметноста го има своето значење како душа на едно општество, сепак, за нејзиното влијание да биде поголемо, таа треба да биде проследена од побројна публика.

Претставата „Операта на питачите" во септември премиерно ќе се изведува и во Скопје, а ќе се преведе и на македонски јазик. Во меѓувреме, се очекува да се изведе и надвор од Македонија, па дури и во чешката престолнина, во Прага.

AddThis Social Bookmark Button