Груевски може, Ахмети мора

Официјален Лондон деновиве најави дека ќе спроведе детално истражување за улогата на Европската Унија во сите области од животот на Британците. Во услови на криза во Еврозоната, ова се толкува како обид да се влијае врз реформите во Унијата. Но, на проектот се гледа и како на компромис помеѓу владините партнери - воздржаните Конзервативци и проевропските Либералдемократи. Од ова истражување, според оценки на домашни експерти, Македонија може најмногу да научи како владеат партии кои имаат спротивставени гледишта

Анализа на Душко Арсовски

Додека светот нестрпливо ги очекува првите спортски дострели на Летните олимписки игри во Лондон, многу британски политичари посакуваат што поскоро да видат резултати од една друга „игра“ која треба да го измери ефектот од членството на Велика Британија во Европската Унија.

Наесен ќе почне првата голема операција за собирање податоци во сите области, која треба да покаже каде Унијата влијае врз граѓаните на Обединетото кралство. Објаснувајќи го проектот, шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг тврди дека со оваа операција не е доведено во прашање членството, со образложение дека тоа е национален интерес.

„Ќе бидеме еднакво заинтересирани од производителите на возила да слушнеме за европските стандарди, како и од невладините организации за политиките за заштита на животната средина. Или од ескпертите за безбедност како да се справиме со организираниот криминал. Исто тако, ќе ги поканиме и европските и партнерите од Г-20, европските институции и други меѓународни тела ако сакаат да учествуваат со свои податоци. Прегледот треба да се сфати како неопходен позитивен дел од реформата на Европа“.

Поранешната новинарка на БиБиСи на македонски, Билјана Георгиевска како познавач на состојбите, вели дека официјален Лондон се подготвува за една можна нова Европска Унија со строги економски правила. Тоа може да резултира и со посилна политичка заедница која би ја оставила Британија на страна, зашто не е членка на еврозоната.

„Оние што се тврди евроскептици веруваат дека граѓаните ќе го речат она што ниеден политичар не се осмелува да го рече - ајде да излеземе од ЕУ. Други пак, на овој начин сакаат да извршат поголем притисок врз европските лидери. Да и овозможат на Британија подобра позиција, да и го дадат тоа што таа го бара. Трета причина би можела да биде вршење притисок врз британската влада за самата да се залага за многу потврди преговори со ЕУ“


Каде се сопнуваат Конзервативците и Либералдемократите?

Моментно, партнерите во британската влада се судираат по неколку важни теми. И тоа, по прашањето за реформа на Горниот дом на британскиот Парламент или Законот за лордови. Потоа, по прашањето за односот кон банките за наметнување на построги или помалку строги прописи за секторот, којшто практично, ја доведе Британија во сериозна финансиска криза и конечно, за односот кон ЕУ“


Воздржаност и компромис

Малинка Ристовска Јорданова од Институтот за европска политика во Скопје оценува дека сепак, нема опасност резултатите од истражувањето негативно да се одразат врз функционирањето на Европската Унија, во услови на економска криза. 

„Таа тема постои. Ризикот постои. Опасноста постои и подобро е да се зборува за неа, да се отвораат аргументите отколку да се затвора темата во име на некаква си хармонија. Секое ѓубре под килимот кога- тогаш ќе излезе“

Според планот, собирањето податоци ќе почне во октомври и ќе заврши на крајот на 2014 година. Што може Македонија да искористи од ова што го прави Велика Британија?

„Кога различни партии имаат различни ставови, тогаш тоа значи дека се презема едно пошироко истражување, вклученост, а не се затвора прашањето. Тоа е првото што треба да се научи. Второто што треба да се научи, е како се води таа дебата и како таа се аргументира. Трето што треба да го научиме е веројатно, како ќе се извлечат поуките односно, како ќе се менаџира со резултатите - кои ќе бидат политичките резултати од сето тоа“, смета Ристовска Јорданова.

По последните избори, во Британија владеат Конзервативците на Премиерот Дејвид Камерон во коалиција со Либералдемократите на Ник Клег, што е прва ваква комбинација на спротивставени опции, по повеќе од половина век. Анализата што ќе биде спроведена е резултат на компромис на првите, кои се воздржани кон ЕУ и вторите, кои се проевропски ориентирани.

„Прегледот ќе покаже податоци и анализи со кои, се разбира, ќе можат партиите да одлучат за нивните политички препораки. Тоа ќе осигура дека нашата национална дебата е основана на факти и ќе биде корисна помош за креаторите на политики во иднина“, коментира министерот за надворешни работи Хејг. 

Политичка (не)култура

И во Македонија на власт се конзервативната ВМРО-ДПМНЕ и социјалдемократската ДУИ. Но, демократската зрелост и политичка култура овде, се чини, е поинаква. Оттаму и коалициските односи во Владата се поставени поинаку. 

Политичкиот аналитичар Суад Мисини дава своја дефиниција:

Не можам да се сетам на заеднички проект кој оваа коалиција го извела, а којшто е важен за сите граѓани подеднакво. Од друга страна, коалицијата е мошне функционална кога се работи за поделба на бизниси и сфери на влијание. За етнички паралелизам  во институциите, за вработувања кои што немаат и крај, и од време на време за насилничко владеење. На крај, дефиницијата би можела да биде, дека во оваа коалиција, ВМРО-ДПМНЕ владее како што може, а ДУИ како што мора“

Актуелната британска Влада пак, тоа го прави на овој начин:

„Најчесто мислам дека дискретно успеваат да постигнат компромис зад затворени врати. Точно е дека има сигнали, се препознаваат сигнали во печатот наклонет на едната или кон другата страна. Но, во основа двајцата лидери на двете партии навистина се залагаат да постигнат компромиси и да ги оправдаат пред своите приврзаници, затоа што и едниот и другиот би имале загрозена позиција ако не функционира коалицијата“, посочува новинарката Билјана Георгиевска.

Она за што постои апсолутен компромис во сите досегашни владини коалиции во Македонија се стратешките приоритети - членствата во НАТО и ЕУ.

Но, според Мисини, актуелната Влада се издвојува зашто прави и други компромиси, ама се обидува да ги прикрие. Како пример, тој го посочува автентичното толкување на Законот за амнестија, со што владините партнери ги затворија воените злосторства сторени во таканаречените „ хашки случаи“ .

„Беше очигледно дека е постигнат политички консензус тоа да се протурка така, иако вие имате бурлески од типот на изјавата на Никола Груевски потоа којшто велеше дека нема ништо со тоа. Пратениците така си гласаа во Параментот“

Од случајот со проектот музеј-црква на скопското Кале, пак, владејачките партии направија театар кој предизвика меѓуетнички тензии. Со идеја на ВМРО-ДПМНЕ, тој се градеше, додека функционери на ДУИ го уриваа зашто било без нивно знаење.

Премиерот Никола Груевски во неколку наврати оцени дека коалицијата функционира добро.

„Сите проблеми ги решаваме со разговор и, главно, се држиме за тоа што ќе се договориме и го исполнуваме“ рече тој во една прилика.

Ваков или сличен однос имале сите досегашни доминантни партии кон своите помали партнери. Разликата е што изминуваат 21 година независност на земјата, што се чини е солиден период некои практики кои се покажаа како погрешни, да се сменат. 

AddThis Social Bookmark Button