Балканот, „старата дама‟ и „големата мечка‟

Кога проширувањето на Европската унија не е ниту на крајот на листата на нејзини приоритети, клучно е каде ќе се движи Македонија и земјите од Западен Балкан. Според експертите, легитимно е вртењето кон некои други земји, како на пример, Русија или Кина, кои пак, преку големи инвестиции може да остварат и политичка моќ.  За тоа какви се краткорочните перспективи на регионот разговаравме со познавачи на економијата и геополитиката

Анализа на Весна Коловска

Неодамна црногорскиот завод за статистика Монсат, објави податок според кој 32отсто од странските компании во земјата ги поседуваат Руси.  И покрај овој факт,  Црна Гора минатиот месец доби почеток на преговорите со ЕУ. Економскиот новинар на угледниот црногорски дневен весник „Вијести“ Милорад  Милошевиќ оценува дека црногорската Влада негува доза на стравопочит кон Русија. Но, оти отсекогаш води сметка за интересите на моќните западни земји.

Во такви околности, се поставува прашањето кој ќе го има клучното политичко влијание во земјата – Европската унија или Русија?

Некакво повидливо политичко влијание може да оствари инвеститор од која било странска држава кој би понудил да вложи милијарда евра во наредните две години во црногорскиот туризам и инфраструктура, изградба на патишта или во областа на енергетиката. Тоа за Владата во Подгорица би било понуда што не се одбива, без разлика, дали тие пари би ги понудиле Турци, Руси или некој трет. Значи, на Црна Гора не и се проблем ни Русите, ни Американците. Нејзе и тоа како и се потребни уште директни странски инвестиции,“ вели Милошевиќ.

Трусно подрачје

Примерот со Црна Гора е силна илустрација за можните перспективи на регионот. Кризата го забави, па дури и го замре проширувањето на Европската унија. А, во тој процес се’ поизразени се барањата и условувањата на националните влади. Која сила ќе го придвижува регионот кој се уште не е целосно стабилизиран?  Кој ќе ги насочува процесите  - дали тоа ќе биде ЕУ, САД или Русија?

Илина Мангова од Институтот за демократија од Скопје вели дека Балканот и Македонија се далеку од интересите на големите сили.

Ним пред се им е битно овој регион да остане стабилен, бидејќи Балканот и Македонија немаат што посебно да им понудат на светските сили. Овде нема ни нафта, ниту минерали. Битно е овде да не настане дестабилизација, што би ги свртело светските сили кон овој регион. Македонија од друга страна, како и Балканот, бавно се движи кон ЕУ и тука има два клучни елементи кои го успоруваат тоа – прашањето со името и статусот на Косово“.

Душан Рељиќ од Германскиот институт за меѓународни односи и безбедност од Берлин, вели дека Русија има културолошка и православна врска со дел од регионот, но е потисната помеѓу Балтикот и Црното море и е без позначајно политичко влијание. САД до крај немаат влијание врз Србија и Босна и Херцеговина, додека Европската унија се соочи со криза во еврозоната. Рељиќ вели дека Западен Балкан економски назадува, поради што на терен се појавија нови околности.

„Во услови кога европската интеграција не напредува, туку назадува – ова се однесува на Македонија, кога економскиот регион стагнира, кога прашањето за приклучување на Македонија кон НАТО се уште е отворено, секако дека постојат и други политички замисли кои добиваат на сила„ коментира Рељиќ и посочува кои се тие замисли:

‟Една од тие е обединување на Албанците во една држава. Јас а приори тоа не би го нарекол ни позитивно ни негативно, туку би рекол дека е тенденција која има своја основа во фактите како и се’ друго што се случило во последните дваесетина години на просторот на поранешна Југославија“.

Опција без основа

Демографската структура,  смета тој, оди во прилот на албанското население, наспроти падот на прирастот кај словенското население. Таков е примерот со Србија која годишно има 40.000 луѓе помалку, за разлика од Косово кое добива прираст од 30.000 жители.

Во Македонија исто така, долги години постои тенденција каде што македонското население не расте со таа брзина со која расте албанското. На тоа се надоврзуваат и политички стремежи. Ако погледнете уште од средината на 19 век, постои силно движење за создавање заокружена држава кај Албанците. И сега, по 100 години од Првата Балканска Војна и создавањето современа албанска држава, постои силна тенденција Албанците во регионот  да се обединат во еден сојуз, една држава...“  коментира Раљиќ.

Но, големите сили, според него, се противат на промените, се до моментот кога ќе се добие нова, квалитетна реалност и при тоа го посочува примерот со распадот на Југославија или независноста на Косово.

Ако некој би ме прашал дали верувам дали прво ќе се случи европско обединување или прво ќе се случат нови граници во регионот, јас во моментот повеќе би бил подготвен да кажам дека ќе дојде до нови граници. Затоа што тоа што даваше импулс на интеграциите во регионот во последните 20 години беше желбата за брз економски напредок во рамките на економските интеграции. Во овој момент, таа опција нема доволно основа во фактите“.

Според некои анализи, САД би можел да ја прифати оваа опција, откако ќе ги исцрпи сите можности да го стабилизира Балканот во сегашните граници.

Со ова не се сложува Илина Мангова:

Америка цврсто стои зад сегашните граници на Балканот, зад стабилноста и суверенитетот на овие држави. Регионот не е веќе геостратешки интерес на Америка, поради што сведочиме за нивна помала интервенција во сегашните односи. Затоа можеби доаѓа до вакви толкувања на сегашната ситуација и на интересите на САД воопшто„.

Соговорниците на Дверзити медиа се согласни во тоа дека на процесите во регионот најмногу може да влијае раздвижувањето на економијата, со директни инвестициите, преку кои може да се влијае и политички.


Советник на Џими Картер ќе напише

Евроазија е местото за превласт

Збигњев Бжежински, советник на поранешниот американски претседател Џими Картер, во својата книга „Големата шаховска табла‟ пишува дека во овој дел на Југоисточна Европа интересите на САД се судираат со тие на Франција и на Германија, како доминантни европски сили. Во книгата, Бжежински вели Евроазија е местото каде големите сили се натпреваруваат за превласт.

„Таму живее 75% од светското население, со 60% учествува во светскиот БДП, а има и три четвртини од светските извори на енергенси. Тогаш, легитимно е прашањето зошто големите сили би трошеле ресурси во конфликтниот и не до крај стабилизиран Западен Балкан?!‟


 

AddThis Social Bookmark Button