Капчето на Коце и Источна Македонија

И една година по затворањето на А1 телевизија и весниците на Велија Рамковски, не запира трендот на отпуштање новинари и медиумски работници. Последен е случајот со телевизија Канал 5 и со новинари од весниците на Медија Принт Македонија. Експерти сметаат дека овој процес ќе донесе трајно уништување на квалитетното новинарство. Менаџерите се правдаат дека кратат трошоци. Од друга страна, сметките на медиумите покажуваат големи профити

Анализа на Душко Арсовски

 

Овој Илинден неколкумина новинари и сниматели од Канал 5 ќе го паметат по лошо зашто телевизијата ненадејно им врачи откази. Добиле објаснување дека нема потреба од нивен постојан ангажман. Новинари и дописници на дневните весници ДНЕВНИК и УТРИНСКИ ВЕСНИК добија решенија со неколкукратно намалена плата. И во телевизија АЛФА на редица искусни новинари во неколку наврати им е скратен личниот доход.   

Претседателот на новинарскиот синдикат Тамара Чаусидис која и самата лани остана без работа во телевизија Алсат-М смета дека ваквите потези нанесуваат трајна штета на македонското новинарство.

„Буквално, имаме чистки на професионалци во медиумите. Имаме една негативна селекција. Медиумите се ослободуваат од новинарството сфатено како професија која е критична кон нештата и остануваат послушници, замолчени и исплашени професионалци“ коментира таа и додава свое објаснување на нештата:

‟Зошто се прави ова? Затоа што многу полесно се оперира, се менаџира, се пазари со уредувачките политики кога имате новинари кои што работат по задача или по наредба“

Менаџерите во медиумите избегнуваат да зборуваат на оваа тема. Директорот на Канал 5 Иван Мирчевски за Диверзити Медија изјави дека отказите се кратење на трошоци, за некои работници, но и поради недисциплина. Прашањето дали медиумот има анализа како ова ќе се одрази врз квалитетот на програмата и на работата на останатите, Мирчевски го оцени како тенденциозно и не сакаше ништо да коментира.

Рефлексии и чистки

Од Центарот за развој на медиуми во Скопје велат дека ова што се случува не е изненадување.

„Долго време велевме дека ова е пазар кој не може да издржи толкав број медиуми. И, нормално дека ова ќе се одрази и врз најјаките медиуми. Досега од пазарот патеа само локалните, малите медиуми, но, сега тоа ќе го осетат и поголемите. Во индивидуални случаи може прст да има замешано и политиката, но општиот впечаток е дека тоа е рефлексија на економската ситуација во земјата и кај медиумите“, смета Газменд Ајдини од Центарот за развој на медиуми.

Анализа што неодамна ја објави неделникот Капитал покажа дека двете најголеми телевизии Канал 5 и Сител немаат финансиски проблеми. Напротив, лани, во време на криза, имале чиста добивка едната - 1,5 милион евра, а другата над три милиони евра.

Новинарката Тамара Грнчаровска која лани доби отказ од „Утрински Весник‟ не се согласува со тезата дека медиумскиот пазар се чисти. 

„Медиумите се уште постојат и се отвораат, но, работната сила, работата на новинарите е се помалку вреднувана во контекст на платите и многу полесно се делат откази, се префрлаат новинари, се намалуваат плати. Така што, ако порано имаше сигурност дека овој медиум добро работи и функционира, сега веќе нема“

Таа беше меѓу петмината новинари со кои почнаа отказите во Медија Принт Македонија (МПМ). Во решението стоело дека меѓу другото, одбивала задачи, направила материјална штета, наводи со кои таа воопшто не се согласува. Случајот е на Апелацискиот суд. Смета дека со чистките, медиумите сами себе си си наштетуваат. 

 

„И тука се губи квалитетот бидејќи товарот останува на помал број новинари во редакциите. Тука се губи квалитетот на носење теми бидејќи стравот е што ќе напишам, како ќе напишам, дали некому ќе се допадне, нема да се допадне. И факт е дека со тоа губи новинарството“, посочува Грнчаровска.

Чаусидис пак, дава своја прогноза како ќе заврши случајот:

„На кратки патеки многу лошо, затоа што медиумите буквално ќе се ослободат од новинарството. Меѓутоа, на долг рок, мислам дека тоа е неиздржливо. Колку и да ја затупувате со серии, со пропаганди, со ова со она, јавноста ќе почне да бара некои други содржини, ќе ги бара преку други медиуми, социјални медиуми итн“

Децентрализирана незаинтересираност

Сегашниот негативен тренд се чини ќе доведе до максимална централизација - да се информира само за настаните во главниот град. Весникот ВЕСТ, неодамна ги раскина договорите со повеќето свои дописници низ Македонија. Меѓу нив и кочанскиот новинар Ико Стефановски, кој смета дека со ова, на крајот, губат читателите.

Гајле ми е дали градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски делел вода, капи и не знам што друго правел. Луѓето сакаат да најдат и текстови напишани за местата каде што живеат. Излегува Скопје - држава. Околу 90 проценти од информациите што се објавуваат и во печатените и во електронските медиуми се однесуваат на Скопје“

ОРКА Холдинг, новиот сопственик на весниците ВЕСТ, УТРИНСКИ ВЕСНИК и ДНЕВНИК, само го продолжи она што го почна претходниот - германскиот ВАЦ, со откази и намалување на плати. Еден уредник во ДНЕВНИК деновиве добил решение со намалена плата дури за пет пати од таа што ја добил претходниот месец.

Но, се чини дека Македонија не е изолиран случај. И во регионот имаше серија затворања на медиуми, како хрватскиот неделник „Национал‟ и весникот „Вјести‟. Црногорска „Побједа‟ прогласи банкрот, а новинарите во српската телевизија „Авала‟ штрајкуваа поради неисплатени плати.

И во Бугарија не е „розово‟, оценува познатата телевизиска новинарка, Лора Крумова.

„Во моментов состојбата е многу сложена. Во исто време, пазарот за новинарство е стеснет. Има намалување на плати, има откази. Сето ова доведе до ситуација новинарите тешко да може да сменат работа. Тешко се наоѓа работа во друг медиум со подобри услови“

Кризата со медиумскиот пазар во Македонија почна со затворањето на А1 телевизија и на весниците на Велија Рамковски. Оттогаш до денес, според новинарскиот синдикат, околу 500 новинари останале без работа. Од таму велат дека е тешко да се утврди колкав процент е тоа од вкупната бројка новинари. Се оперира со 1600 но, таа треба да се земе со резерва, оти според Чаусидис многумина работат на црно и не се евидентирани. Има десетици весници и списанија, стотина радија и телевизии.


Опција

Во маркетинг или во невладин сектор

Овој процес исфрли на површина е една друга појава- искусни новинари целосно да ја напуштат професијата незадоволни од состојбите. Таков пример е поранешниот главен уредник на ДНЕВНИК, Сашо Кокаланов којшто од скоро се занимава со сосема друга работа. Некои, како Герман Филков и Сабина Факиќ како одамна да проценија што ќе се случува и се вклучија во невладиниот сектор.


 

AddThis Social Bookmark Button