Младите и лустрацијата

Во време кога во Македонија се објавуваат имињата на оние за кои се вели дека соработувале со структурите на поранешниот комунистички систем, можеби никој не го поставува прашањето како младите гледаат на овој процес. Процесот на лустрација се случува по повеќе од дваесет години од падот на комунизмот, но дали тој денес ја има истата тежина за луѓето?

Анализира Назим Рашиди

Комисијата за верификација на фактите, која го реализира процесот на лустрација објавува имиња на оние кои што соработувале со тајните служби на претходниот систем. Неколку пати е кажано дека процесот, сега по 20 години е задоцнет процес, но со оваа констатација со покренува и прашањето за тоа каква важност овој процес има за една генерација која не е толку оптоварена со минатото.

Зорана Гаџовска, млада новинарка, вели дека таа и луѓето од нејзината генерација во лустрацијата гледаат недоверба и политизација:

“Младите со кои јас контактирам мислат дека овој процес не ја постигнува својата цел, и дека служи за политички пресметки. Лицата кои се лустрираат или се пензионери или пак, немаат важност за општествениот живот. Ако се сеќавате, пред некое време по куќни дворови никнаа досиеа на политичари, и затоа мислам дека тие не веруваат во овој процес и дека со откривање на тоа кој кого шпиунирал ќе се откријат некои историски факти”, вели Гаџовска.

Објавувањето на имињата буди интерес

За Албанците процесот на лустрација има една друга димензија. Во нивни очи, соработниците на поранешниот систем, кој се сметаше за репресивен кон Албанците, се сметаат за учесници во оваа репресија.

Во поранешниот систем голем дел од оние кои зборуваа за слободите и за правата на Албанците се обвинуваа за “иредентизам”. Дел од нив се протеруваа, осудуваа, завршуваа во затвор. Општо земено, соработниците против слободите и правата на Албанците се презирале од луѓето.

Како младите Албанци го гледаат денес овој процес?

Семра Јакупи, која исто така е млада новинарка ни зборува за ставовите на нејзината генерација:

 “Не мислам дека во овие летни денови тоа е главна тема на разговор меѓу младите, но е нешто за што се дискутира, затоа што целата работа крајно се политизира, па објавувањето на имињата на Интернет страниците буди интерес и кај младите”, вели Јакупи.

Општа недоверба

Процесот на лустрација се реализира со истакната политизација, тој буди недоверба, посебно меѓу опозицијата во Македонија. Најголемиот страв според аналитичарот Алберт Муслиу е дека тоа што всушност треба да ги расветли случувањата од минатото, може да се употреби за политички мотиви.

“Нормално дека и резултатите на овој процес ќе се гледаат со недоверба и сомнеж. Причина за тоа е политизацијата и недостигот на транспарентност. Во тек на лустрацијата имало оспорувања со Уставниот суд, со процедурата, имало недоверба и внатре во самата комисија и постои еден сомнеж дека целиот процес е киднапиран од страна на политичките партии и истиот се употребува за политиката на денот”, вели Муслиу.

Оваа атмофера на сомнеж уште повеќе ги оддалечува младите генерации од овој процес, кој всушност би требало да биде важен процес, велат соговорниците на Диверзити Медиа, процес кој требаше да расчисти со минатото, за иднината да биде појасна.

AddThis Social Bookmark Button