Падна митот, исплива силување

И тоа се случи во судската историја. Затвореник силувал затвореник, по што жртвата пријавила. Со тоа, веројатно, таа влезе во архивата на македонското обвинителство како прв случај на пријавено силување во затвор. Оттука, силувањето во затвор е мит или стварност?

Анализа на Весна Коловска

Ноќта спроти националниот празник Илинден, 24- годишниот радовишанец Али С. го силувал својот цимер, струмичанецот Октај Ф.(27) во една од ќелиите на штипскиот затвор. Третиот цимер, Билен А. го држел Октај, додека Али го силувал по втор пат во тоа деноноќие. Силуваниот трпел болки, по што решил да го пријави случајот. Основното јавно обвинителство, полицијата и судот добија единствен случај од таков вид, бидејќи во исто време ова ќе биде и прв пат да работат на случај на силување каде учесници се лица од ист пол.

Судијата Стојан Михов од штипскиот Основен суд вели дека случајот веќе доби вообичаен тек.

Имајќи предвид дека се работи за кривично-правен настан кој се одвива во казнено – поправна установа, како и останатите предмети, така и овој, ќе биде процесиран во редовна кривична постапка. За ова кривично дело е предвидена казна затвор од три до десет години затвор. Се работи за кривично дело „силување“ од Кривичниот закон“, објаснува Михов.

Тројцата затвореници веќе една година издржувале затворска казна за тешки кражби и разбојништва, а им се суди за уште неколку други криминални дејства. Истрагата треба да покаже дали осомничениот за силување Али Б. го задоволувал својот нагон или силувањето го сторил како вид на казна. Тројцата учесници по инцидентот се распределени во три различни ќелии.

Поради годишен одмор, од директорот на затворот не можевме да добиеме повеќе информации за тоа дали тројцата затвореници имале нарушени односи или постоело насилство меѓу нив.

 

Слеп мониторинг

Пријавата на затворско силување сепак, е изненадување за долгогодишниот соработник на Комитетот за превенција од тортура, адвокатот Тони  Менкиноски.

„Од личните контакти кои ги имав со лицата лишени од слобода, досега никој не проговори за темата која ја обработувате. Тоа е така поради недостиг на доверба, а не дека „темата‟ не постои. За жал, таа постои. Постојат индиции дека истата тема ја има и во други институции како што се психијатриски болници итн, посочува Менкиновски и додава:

„Проблемот во Македонија е што многу од органите што треба да вршат мониторинг, вклучувајќи го и Народниот правобранител , воопшто не го прават тоа. Или тој мониторинг е толку блед, неоснован, така што, лицата лишени од слобода немаат доверба во луѓето што треба да контролираат. Вклучувајќи ги и судиите за извршување на санкции, кои што имаат законска должност да ги посетуваат овие институции, како и инспекторите од Управата за извршување на санкции“.

Официјално има сомневање, индиции, најави, зборување меѓу редови за насилство, па, дури и силување меѓу лица кои привремено или до крајот на животот ја изгубиле својата слобода. Драги Целески, експерт во оваа област и актуелен заменик народен правобранител, кој еден дел од својата кариера поминал како директор на Управата за извршување санкции, вели дека не може со сигурност да тврди дека има такви појави.  

Имало индиции и во изминатите години наназад, меѓутоа и од ова место каде сега работам, досега, сме немале поплака во таква форма. Во минатото имало индиции, но, секогаш биле во скриена форма, каде што понекогаш и самите лица што биле субјекти на таквиот чин, или не сакале да зборуваат или не сакале да ги истакнат тие проблеми„, вели Целески, според кого, пријавувањето на вакво дело, сепак е лична одлука.

Тој смета дека не се пријавуваат силувања во затвори повеќе од срам, отколку од недоверба во институциите и терање на правдата на виделина.

За секое прекршување на некој ред и дисциплина, согласно позитивните прописи има определена постапка во која тоа треба да се утврди и да се расветли. Можеби повеќе е срам за таквиот чин што се случил, конкретно лицето што било жртва, едноставно се срами како од околината, така  и од самата јавност“, изјави Целески и потсети дека постојат закони, прописи и протокли по кои работат затворските институции. Како и тоа дека постојат постапки и утврдување одговорност доколку службените лица не преземат конкретни дејства, а знаат за такви појави. Дисиплински одговараат и самите затвореници.

Затворски привилегии

Поранешни затвореници кои ја отслужиле својата казна, неофицијално сведочат за своевидна „втора казна“ која ја доживуваат во затворот, од лица, за кои како што велат, не може да им се спротивстават. Според нив, особено на удар се осудените за педофилија и тие осудени за сексуални деликти. Во ова не се сомнева адвокатот Менкиноски, кој како поранешен член на Хелшинскиот комитет за човекови права работел на извештаи за состојбите во затворите.

Дека постои насилство помеѓу затворениците тоа е факт. Постојат групи кои се привилегирани, кои имаат повеќе права. Постојат групи во овие институции кои се наречени лидери - тоа се лица лишени од слобода. Нашиот систем не е во состојба да ги контролира или не сака да ги контролира‟, вели тој.

Во последниот извештај за состојбата во македонските установи и психијатриски установи, Комитетот за превенција од тортурата на Советот на Европа, утврдува дека „ малкумина привилегирани затвореници се сместени во ќелии уредени по сопствен вкус, опремени со телевизори со рамен екран, теписи, завеси...Се јавуваат во позиција да го добијат тоа што го сакаат. Отворено, во присуство на персоналот, разговараат на своите мобилно телефони“.

Диверзити медија контактираше еден од членовите на Комитетот, кои беа во набљудувачка мисија на македонските затвори. Психијатарот Оливера Вулиќ повикувајќи се на правилата за доверливост на Комитетот, вели дека токму облиците на мачење или насилство во која било форма се предмет на нивен интерес. Според нејзе, многу веројатно е овој пријавен случај на силување, да биде предмет на нивната следна редовна инспекција. 

Во препораките, Комитетот за превенција од тортура од македонската Влада бара да изготви национална стратегија за борба против насилството меѓу затворениците и да го зголеми надзорот, особено во најголемиот, затворот „Идризово“ во Скопје.


Од што се плашат управите?

Менкиновски: Од истражители да влезат во затворите

Во канцелариите на Народниот правобранител ретки се претставките во кои затворник се жали на друг затвореник. Тие се жалат на условите за сместување, а и на неможноста за користење на погодности, иако тоа не е во надлежност на Омбудсманот. Осудените лица од Народниот правобранител главно бараат заштита на индивидуалните права, како што е правото на здравствена заштита. 

-Дали сте се запрашале зошто затворениците скоро секогаш умираат на пат до болница или откако ќе бидат хоспитализирани? Управите не сакаат истрагата да им влезе во затворите од страв што се’ може да откријат внатре, вели адвокатот Тони Менкиноски.

Во македонските затвори престојуваат околу 2.500 лица и уште толку по психијатриските болници. Тоа е колку еден помал град во Македонија.


 

AddThis Social Bookmark Button