Кога малцинството владее со мнозинството

Обединетите Нации деновиве назначија нов специјален претставник за Сирија кој ќе се обиде да го стори она што не успеа Кофи Анан - да го убеди режимот во Дамаск да запрат насилствата. Но, набргу потоа светската организација ги повлече своите мировници од теренот. Експерти од Балканот велат дека не се изненадени од случувањата зашто Сирија е длабоко поделена држава и тоа по многу линии. А, главна одлика е тоа што малцинство владее со мнозинството со сурови методи, со голема корпуција создавајќи така јаз помеѓу богатите и сиромашните. За ова сведочат неколкумина наши соговорници, додека властите негираат.

Анализа на Душко Арсовски

Преку видео-порака на Интернет новинарка на Сириската државна телевизија деновиве даде отказ обвинувајќи го претседателот Башар Ал Асад дека го негира сопствениот народ и граѓанските права, одбивајќи преод на системот од транзиција кон демократија. Извесната Ола Абас вели дека режимот репродуцира механизми и методи на тиранија при тоа употребувајќи заведени групи луѓе.

Друг Сириец на Фејсбук остави порака во која пишува како дал илјадници евра мито за да избега од земјата оти бил затворан, зашто во една прилика забележал дека во земјата има премногу слики на Асад. Потоа, неколку пати летово одел на турско-сириската граница и праќал пакети храна за неговите роднини кои останале во Дамаск. Тој кажува дека се плаши од агенти на сириската тајна служба кои, како што тврди, ги има насекаде и кои што ликвидираат секој што во странство јавно ќе проговори за случувањата во Сирија. 

Ова се некои од сведоштвата кои го составуваат мозаикот за кризата која во Сирија трае веќе 17 месеци. Ако на почетокот беше нејасно, сега е кристално чисто дека во борбите меѓу Армијата под контрола на Претседателот Асад и опозициските сили досега загинале над 17 илјади луѓе.

Руслан Трад по татко е Сириец. Живее во Бугарија но, израснал во Сирија. Семејството му е поделено - некои се во Сирија, други пребегале во Либан. Тој сведочи за Диверзити медиа: 

„Од оние што останаа, некои се на страната на опозицијата, другите чекаат да видат што ќе се случи. Имам роднини кои беа во Армијата и дезертираа. Кога ќе се слушнеме на телефон тие не смеат да зборуваат за конфликтот. Опасно е зашто многу често апсат луѓе и без причина. А, ако има причина, веќе многу често исчезнуваат луѓе. Ние имаме пријатели во Сирија коишто се исчезнати со месеци и никој не знае каде се„.


Аларм

Земји ги повлекуваат своите државјани, за Македонци не се знае

Балканските земји веќе ги евакуираа своите државјани од Сирија. Во македонското МНР досега никој не побарал помош и немаат бројка за колку такви случаи се работи.

„Најголем дел од странците заминале од Сирија, па веројатно меѓу нив има и Македонци, вели портпаролот Борче Стамов.

Србија со посебен лет пред еден месец превезе група свои државјани. Еве какви беа реакциите на некои од нив:

„Луѓето внатре не знаат што ги снајде. Не ја сфаќаат ситуацијата. Некои се борат за да излезат од куќите. Во Сирија бевме како во своја земја, живееме и работевме нормално, имавме куќи и станови. Сега сите останавме на улица и без ништо“, сведочи еден граѓанин.

„Нема превоз, нема бензин, нема такси. Мора да се дадат големи пари за човек да стигне од еден на друг крај“, вели друг.

„Тоа е улична војна. Не се знае кој за кого е. Тоа е проблемот. Не смее никој да се изјасни искрено“, коментира трет.


Најбрутален режим

Трад вели дека во моментов во Сирија има над 100 илјади исчезнати луѓе. Според него, ова што се случува не е изненадување зашто незадоволството од 40-годишното владеење на семејството Асад се таложело со години.  

„Уште кога бев во Сирија пред конфликтот, луѓето беа незадоволни од корпуцијата. Уште тогаш говореа дека нешто треба да се направи и сакаа праведност. Последните години имаше екстремна разлика меѓу сиромашните и богатите. Тоа уште повеќе ги насочуваше бедните против власта и создаваше простор незадоволството да прерасне во судир. “   

Босанскиот експерт за Блискиот Исток, Ахмет Алибашиќ потсетува:

„Такви насилства имало и порано во осумдесеттите години, но, сирискиот режим е веројатно најбрутален од сите арапски режими. И можеби, заради тоа, револуцијата доцнеше. “

Бугарскиот универзитетски професор- арабист кој студирал во Дамаск, Владимир Чуков, објаснува дека конфликтот бил прашање на време зашто земјата е поделена по многу линии, особено верски.

„Затоа што имаме една многу интересна внатрешна национална, политичка специфика - етноконфесионална. Второ, што е интересно, е дека во Сирија постои регионална независност, јасна поделба меѓу Сунитите и Шиитите, нешто што го нема во други арапски држави. Третата причина за ваков крвав заплет е што ова е рецидив на Студената војна“

Чуков оценува дека „Арапската пролет‟ била само дополнителен поттик за сириската приказна која, според него, нема врска со ниедна од државите каде што последниве години паднаа диктаторските режими.

„Сирија не е Либија, Сирија не е Иран. Сирија е сиромашна држава. Второ, Сирија геополитички отсекогаш била поврзана за Европа уште од средновековието. И уште нешто многу важно, а тоа е дека малцинство никогаш не може да владее во една држава, а во моментов, Сирија е под водство на Алауитското малцинство кое што на власт дојде со воен преврат што го изврши таткото на Башар Ал Асад- Хафес “, објаснува Чуков.

Со Хафес неколку пати се среќавал Стојан Андов, како амбасадор на поранешна Југославија во Ирак. Го опишува како автократ со сојузнички односи со Иран кој сакал да ја држи во рака и ситуацијата во Либан. Оваа пракса, вели Андов ја продолжил и синот.

„Заради тоа и режимот се наоружуваше. За толкава земја, Сирија има голема армија и натрупано доста оружје. Освен атомското, таа ги има сите други оружја. На некој начин претставува и закана и за соседите, како што е Турција“, смета Андов.

И покрај бруталноста на режимот, во Советот за безбедност на Обединетите Нации нема единство за евентуална воена интервенција од надвор. Тоа според Андов најмногу е така поради ветото на Русија и Кина за што секоја има своја причина.

„Русија имаше многу добри воени односи со Сирија. Има и некои долгорочни договори руската флота да ги користи услугите на пристаништето во Такија. Кина, пак, има интереси. Таа дефинитивно е против граѓански револуции од свои внатрешни причини, смета Андов и додава дека режимот е истрошен.

Контролата, јаката војска и засегната Турција

Откако неодамна му откажа послушност на Асад и пребега во Либан, сирискиот премиер Риад Фарид Хиџаб изјави дека власта контролира само 30 проценти од територијата. Ова според Чуков е аларм дека државноста е ослабена.

„ Многу веројатно е во североисточниот дел на Сирија, таму каде што доминираат активистите-Курди, да се добие една автономна област, слична на таа што ја има во Ирак. Веќе се чувствува какви ќе бидат реакциите на Анкара. Таа нема да дозволи ПКК (Курдската работничка партија) да има контрола на тој регион“


Демографија

90 отсто се Арапи, само девет проценти Курди

Сирија има 22,5 милиони жители. Од нив, 90 отсто се Арапи, девет проценти - Курди, а има и седма најголема заедница на Ерменци во светот. Вкупно 87 проценти од населението се Муслимани (74% Сунити, 13% Шиити), а 10 отсто се Христијани.


Новиот специјален претставник на Обединетите Нации, Лахдар Брахими, ќе се обиде да издејствува дипломатско решение на кризата што не му успеа на Кофи Анан. Заминувањето на Асад е излезот, оценува Андов.

„Решение може да се бара само тој да се испрати, да му се гарантира живот нему и на семејството со некој приход каков ќе биде, а како компромис, неговата партија да може да биде една од партиите. Ако победи на изборите, добро, ако не, да биде опозиција. Да не бидат прогонети заради тоа“

Но, Руслан Трад предупредува:

„Соборувањето на Претседателот нема да значи крај. Државниот апарат е многу силен. Војската исто така. И ако нема волја кај самиот сириски народ, таа криза ќе биде истата како во Либан од пред 20 години“

Додека власта на Башар Ал Асад и натаму тврди дека се бори против терористи, западните сили и некои арапски држави ги сметаат за бунтовници и им праќаат помош во пари и воена опрема. Во ваква ситуација над 2,5 милиони Сиријци имаат потреба од итна хумантирана помош, велат официјални податоци.

На толку, и на милиони други раселени Сиријци како Руслан, им минува втората година како Рамазан Бајрам го минуваат во страв и во исчекување на крајот на ужасот кој се уште се чини далечен.


Статистика

Сирија има 2.800 долари БДП по жител

Модерна Сирија е формирана по прогласената независност од Франција во 1946 година. Најголем град е Алепо. Престолнината Дамаск е најстар, постојано населен град во светот кој датира од 9.000 години пред нашата ера. БДП по глава на жител изнесува 2.800 американски долари. 


Политички интриги

И Босна во криза за Сирија

Генералното собрание на Обединетите Нации деновиве усвои резолуција за осуда на Сирија поради бомбардирањата на бунтовничките градови од страна на Армијата. Босна и Херцеговина гласаше „ЗА“, што предизвика остри реакции на босанските Срби. Аналитичарот Ахмет Алибашиќ вели:

„Се работи за тоа што господинот Додик (претседател на Република Српска) ја користи секоја можност да покаже и да демонстрира дека Босна и Херцеговина е една невозможна држава и тоа и го прави“


 

AddThis Social Bookmark Button