Економскиот бум е под земја

Вкупно 70 отсто од минералното богатство на Македонија е под земја, за разлика од европските земји, кои речиси целосно го имаат исцрпено. Оттука, со сегашните светски цени - златото, среброто и бакарот може да ја преродат Македонија. Меѓутоа, државата не вложува во геолошки истражувања, туку земјата целосно ја препушта на странските компании кои што пак, немаат обврска да ѝ ги предадат деталните информации што откриле. Може ли богатството под земја да им донесе подобар живот на овие генерации?

Анализа на Весна Коловска

„Патот на рибите“, британски проект „тежок‟ 40 милиони долари е проект за истражување на движењето на рибите во Северното море од Англија кон Норвешка. Истражувајќи ги сеизмичките движења во морето, еден од физичарите открил присуство на гас. Така, следејќи го патот на рибите, Британија доаѓа до своето највредно наоѓалиште на гас, кој со овој енергенс земјата ќе ја снабдува во наредните 50 години.

Ова е само илустрација на тоа колку истражувањата може да донесат пресврт во националната економија. Во Македонија, последните неколку години, се чини, тоа може да се очекува од геолошките истражувања. По осумгодишни истражувања во реонот на струмичкото село Иловица, американската компанија „Фелпс Доџ“ откри наслаги на злато, бакар и на сребро. Од „златниот рид“ во 2017 година ќе почне со работа новиот рудник. Само истражувањата чинат 20 милиони долари, пари, кои според професорот Тодор Делипетров од Државниот универзитет во Штип, засега може да ги вложат само големи и богати странски компании.

Истражуваат странци – „Рио тинто“, „Фелпс  доџ“... , повеќе мултинационални компании. Американски, канадски итн., кои се огромни  и имаат можност да го понесат ризикот да вложат пари и ништо да не откријат. Кога истражувате еден простор, не значи и дека ќе наидете на минерална суровина. Меѓутоа, Македонија мора да најде начин како да ги поттикне и своите мали компании. Ние немаме  големи компании кои би се занимавале со истражување на минерални суровини, а да не мора потоа да се занимаваат со експлоатација“.

„Ловци‟ на инвеститори

Државата со години не плаќа истражувања, туку само доделува концесии врз основа на првичните геолошки испитувања. Неколку геолози, кои имаат основни, почетни истражувања се „ловци“ на  мултинационални компании. Нивната првична намера е да истражуваат, а потоа да заработат така што резултатите ќе им ги продадат на други компании, кои што имаат доволно пари да отворат рудник.

Еден од нив е пензионираниот професор по геологија Марин Александров. Тој ја убеди компанијата „Фелпс Доџ‟ да истражува во земјава. Таа сега, преку инвестицискиот фонд  „Еуромакс‟  планира да го отвори рудникот кај Иловица. Во разговорот за Диверзити медија, Александров вели дека таквите компании бараат доволно квалитетни и сигурни податоци за да почнат да истражуваат на терен. Според него, новите наоѓалишта на минерални суровини се единствената шанса за македонската економија.

Меѓутоа и кога државата би тргнала во пообемна потрага по компании за истражување, за професор Делипетров  проблемот  е што Македонија ги нема на едно место основните геолошки истражувања. 

Имаме огромен број на материјали од досегашни истражувања направени од 1950 досега, кои дел лежат во Министерството за економија, дел се на други места. Значи, прво, треба да се соберат на едно место, да се стават во една база на податоци која ќе биде достапна. Следно, секој што ќе истражува преку елаборат влегува во базата, но треба да се најде начин да се заштити истражувачот и неговите податоци, за кои трошел пари и соодветно да му бидат надоместени, ако некој друг таму експлоатира.“

Друг проблем како што истакнуваат професорите е тоа што, иако се работи за природно богатство, Македонија не се заштитила со закон кој би ги обврзувал истражувачите и корисниците на наоѓалиштата да ѝ обезбедуваат податоци и резултати од деталните истражувања. Некогаш овие податоци се чувале во Државниот геолошкиот завод, кој според најавите ќе се обнови во почетокот на 2013 година. Постои основна геолошка карта, но не и детална.

Минералите ја полнат државната каса

Со сегашната уреденост, државата распишува концесии за истражување и за тоа добива пари. Така, во тек е јавнен повик за 40 нови концесии, од кои најмалку се за истражување на минерални суровини. За Ејуп Љатифи од Министерството за економија, Секторот за минерални суровини е еден од најважните сектори кој придонесува во државната каса.

Се плаќаат концесии по два основа – се плаќа за просторот што се користи и врз основа на експлоатација на минерална суровина, за која се плаќа квартално.  Со тоа, е трета гранка што придонесува во државата и е една од најзначајните гранки во моментов, затоа што цените пораснаа,  а се зголеми и интересот за нови инвестиции, и од странски и од домашни компании.“

Минатата година државата заработила два милиони евра од концесии за геолошки истражувања и 20 милиони евра од концесии на рудниците.  Експертите велат дека тоа е ништо споредено со профитот на рудниците кои се дадени на странски компании.

Претседателот на асоцијацијата за рударство Николајчо Николов вели дека рудниците учествуваат со 10 отсто во вкупниот извоз на државата и вработуваат околу 13.000 луѓе.

Рударството во Македонија евидентно придонесува за стабилноста и развојот на државата. И воопшто за извозот. Може да се спореди со периодот од 2005 година, кога поголем дел од рудниците во Македонија не работеа, се почувствува економска криза. Особено во малите градови, каде практично рудниците ги формираат градовите. И кога рудниците не работат се чувствува кризата со целата своја тежина“.

Геолошките истражувања се тренд во регионот. Албанија издаде 150 лиценци за истражување на хром и бакар. Во Косово се 50 отсто од резервите на никел и 48 отсто од олово и цинк на просторите во некогашна Југославија и е петтата по акумулација на лигнит во светот. Меѓународниот совет за рударство го нарече Косово „најпрофитен регион за ископување на руда“.


Елдорадна треска

Потрага по злато – хит во Југоисточна Македонија

Од досегашните истражувања во Западна Македонија се откриени резерви на  железо и манган, додека Истокот е богат со обоени метали - злато, бакар, олово и цинк, како и молибден. И додека во западниот дел се бараат концесии за експлоатација на мермер, травертин, кварц и друг вид на неметали, во Источна Македонија се подготвува терен за три потенцијални рудници. Тоа е споменатиот рудник во Иловица, Кадиица, на компанијата Солвеј, која управува со рудникот Бучим и Боров дол во близина на овој рудник. Иако има солидно наоѓалиште на бакар, злато и молибден во близина на Кратово, повеќе мултинационални компании досега не успеале да се договорат со компанијата „Силекс“ околу експлоатација на локалитетот Плавица.  Слични наоѓалишта има близу Берово и во валандовско – дојранскиот реон.


 

AddThis Social Bookmark Button