Две Влади и една скапа играчка

Исто како случајот „црква на Кале“ лани, така и “Слупчане“ годинава, преименувањата на чаирските училишта и албанската химна на првиот училишен ден во тетовско, се чини, ја покажуваат леснотијата со која политиката игра со меѓуетничките односи во Македонија. За едни аналитичари ова е грубо кршење на човековите права. За други, доказ дека земјата има две влади поделени по етничка линија. Но, сите се согласни дека нема опасност од меѓуетнички тензии и оти ваквата политика единствено може да ја порази силно граѓанско движење. 

Анализа на Душко Арсовски

Млади кумановци од различно етничко потекло преку свое Интернет радио, веќе втора година ги разбиваат предрасудите и освојуваат заеднички простори. Ова е проект на Центарот за меѓукултурен дијалог што го води Ивана Давидовска. Таа за Диверзити медиа вели дека вообичаено разговараат за сите теми како што се  последните случувања во Слупчане, Чаир или ланските немири на скопското Кале.

„Таквите настани ни покажуваат дека не постои никаков соживот. И секојдневното живеење ни ја покажува таа сегрегација по етничка линија. Меѓутоа, она што мене многу ме плаши е што ваквите настани покажуваат дека воопшто не се ни работи на градење на меѓуетничките односи. Особено на политичко ниво, каде што таквиот живот треба да биде модел за граѓанското живеење“

Тоа според Давидовска било препознатливо и на празничниот концерт по повод независноста на земјата. На него учествуваа музичари од повеќе етнички заедници, но, публиката ги исвирка албанските уметници.

„Токму таквиот начин покажува дека ние живееме паралелно. Ние немаме еден заеднички настап и на Македонци и на Албанци. Каде што, тоа кој на која етничка заедница припаѓа, воопшто не е важно, туку важна е целта за која тие настапуваат“

Дел од аналитичарите оценуваат дека поттикнување меѓуетничка нетолеранција во серија настани е производ на владејачките партии - ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Професорката и активистка за човекови права Мирјана Најчевска смета на ваков начин се покриваат економските проблеми што ги мачат мнозинството граѓани .  

„Секогаш кога ќе дојде до правење етнички монолити околу некои вакви теми, веднаш се разбива можноста луѓето заеднички да настапат во одбрана и заштита на некои нивни заеднички загрозени човекови права. Во такви моменти, едноставно власта има алатки, има пропагандна машинерија која што ја става во движење и која што успева да го спречи цивилното општество да реагира“

На иста линија е и Владо Димовски од невладината организација Центар за меѓуетничка толеранција.

„Самото осиромашување на народот низа години, самото ’тепање’, а да не му дадеш некому да плаче, тоа е најголем грев што може да го направи еден политичар или политичка партија кон својот народ. Само граѓанските организации се тие кои може да направат било политичка опција или пак, граѓански здруженија со мешан етнички карактер. Ниедна политичка партија тоа не може да го направи “ изјави деновиве Димовски во радио интервју.

Иднина

Новинарот Агим Јонуз кој во своите колумни често ги анализира меѓуетничките односи, вели дека е скептичен дека токму граѓанско движење може да се спротивстави на официјалната политика.

„На улица луѓето се уште се дружат, се уште соседите си се соседи. Се уште многумина излегуваат заедно. Се уште многумина седејќи по кафеани доаѓаат до заеднички резимеа дека државата е лоша. Но, најкатастрофално е тоа што тие ништо не преземаат и им оставаат простор на политичките манипуланти да си создаваат јавен амбиент каков што тие сакаат“

Јонуз, во една од последните колумни го оправдува министерот за одбрана Фатмир Бесими за оддавањето почит на припадници на АРМ на споменик на борците на ОНА оти, како што вели, тој е прв политичар што зборувал за помирување. 

„Ако децидно се застане зад тоа дека на Шар Планина, во кумановскиот регион, во Арачиново, секаде наоколу, умреа непријатели чии гробови вечно на ова тло треба да се плукаат, тогаш не само дека не можеме да имаме убава иднина, туку тогаш иднината е невозможна. Некакво помирување ’вилибрантско’ мора да постои“

Потегот на Бесими предизвика лавина политички реакции и затегнати односи помеѓу македонскиот и албанскиот блок во Владата. ВМРО-ДПМНЕ непосредно потоа предложи закон за права на бранителите со кој не се опфатени борците на ОНА. Расправата во Парламентот доби епски размери.

Димовски не се сложува со одредени тврдења дека ова е режија на власта за драстично подигнување на рејтингот.

„Ние немаме една влада. Ние имаме две влади и токму заради тоа, секој си ја води својата партиска политика. И токму заради тоа, доаѓа до вакви недоразбирања. Кога вие имате на секоја чешма или на секоја улица по еден камен-темелник со крст, ставате кај ќе стигнете за да ќарите политички поени, па зошто Фатмир Бесими би го прашал Груевски или некого од коалицијата за да направи свеченост во Слупчане?

Граѓанска реакција со државни турбуленции

Во вакви услови, оценува Јонуз, нема место за критичките конструктивни маси од различно етничко потекло.

„Таквите се персона нон грата во ова општество. Зошто? Затоа што разнишуваат пред се добар вносен бизнис. Од оваа држава создадовме едно страшно големо и квалитетно претпријатие. Не може државата да биде претпријатие. Државата може да биде само мајка, но мајка секому кој ги почитува Уставот и законите на Република Македонија“

Ова, според Најчевска мора еден ден да го сфатат политичките елити. Во спротивно, според неа, последиците ќе бидат големи.

„Доколку политичките елити кои што се избрани не дојдат до такво сознание и до таков начин на делување, тогаш вообичаено се оди по многу потешкиот и по многу помакотрпен пат. А, тоа е граѓанска реакција која што значи и многу поголеми турбуленции и нарушување на целиот демократски и правен систем“

Деновиве американската аналитичка организација СТРАТФОР во документ за Македонија процени дека политичкиот ќор-сокак во кој се наоѓа земјата ќе го попречи напредокот во клучните надворешно–политички цели. Во анализата, меѓу другото, се забележува дека Никола Груевски се уште е најпопуларен политичар, но дека неговата партија ја губи поддршката кај избирачкото тело. И затоа е донесена стратегијата за приближување кон националистичките елементи, иако тоа значи создавање тензии со албанскиот коалициски партнер.

Додека во Парламентот трае расправата за законот за бранители кој ги подели пратениците по етничка линија, се очекува средба на клучните играчи - Груевски и Али Ахмети. По неа веројатно, ќе биде појасно дали владината криза е надмината или ќе има предвремени избори. Стратегијата за меѓуетничко помирување веројатно ќе чека подобри времиња. Додека на младите од Куманово им останува сами да го градат соживотот, оти политичарите се чини, имаат други приоритети.   

AddThis Social Bookmark Button