ЕУ изгоре избори

Дали агендата за интеграција може да ја спаси Македонија од кризите што ја зафатија? Еврокомесарот за проширување на Европската Унија во Скопје изјави дека има "позитивно чувство" оти Македонија би можела да добие датум за почеток на крајните преговори. Но, оваа порака доаѓа во време кога земјата е поделена по етнички линии.

Анализа на Назим Рашиди

Пред високи претставници на Европската Унија, македонскиот премиер, Никола Груевски отворено рече дека односите во владејачката коалиција меѓу неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, се “комплексни”.

“Можам да оценам дека односите се сложени и дека ние како коалициски партнери се соочуваме со предизвици”, рече Груевски.

Политичката сцена, како ретко кога досега, е поделена по етнички линии. Сите македонски политички партии ја поддржуваат иницијативата на владејачката партија и на премиерот за законот за припадниците на вооружените сили што учествуваа во конфликтот од 2001-ва година. На ова, пак, се спротивставуваат сите албански партиии, кои велат дека ист статус треба да имаат и поранешните војници на ОНА.

Албанските аналитичари се едногласни дека ваквата слика потсетува на Македонија пред 2001-ва година.

 

Тензиите “мирисаат” на избори

Во вакви моменти на тензии и лоша комуникаицја, во кои како се поизвесна опција се јавуваат предвремените избори, пораките од ЕУ што во Скопје ги пренесе еврокомесарот за проширување Штефан Филе беа охрабрувачки за Македонија.

“Иднината лежи во заедничката визија во која клучни елементи се ЕУ и Охридскиот договор. Ги охрабрувам сите да учествуваат. Ги охрабрувам сите да учествуваат во нивно унапредување”, рече Филе.

Но, дали интеграциските процеси може да ја спасат Македонија од кризите што ја зафатија?

Аналитичари и набљудувачи велат дека дел од Владата, особено од македонската страна, не е искрена во нејзините про-европски намери. Тоа е причината за критиките што стигнуваат на адреса на вицепремиерката за интеграција Теута Арифи, која, наводно е во улога на бранител на тие што не ја сакаат интеграцијата.

За Диверзити Медиа, таа изјави дека доколку тоа е точно, тогаш тука е и предизвикот.

“Свесни за фактот дека овој процес се одвива во многу тешки услови и во услови на големи разидувања во овој процес, а зошто да не и со големи сомнежи, ова уште еднаш ја докажува силата на албанските субјекти. На албанскиот менталитет и капацитетите меѓу Албанците за отварање на пат дури и таму каде што не постои. Овој процес нема за цел да оправда некој што не го посакува тој процес, туку да ги вклучи и оние кај кои постои сомнеж”, рече Арифи.

Покрај изјавите на високите функционери, набљудувачите велат дека по  неодамнешните изјави на Филе, "жешките костени" на интеграциите ќе останат само во рацете на политичарите. Тие сега треба да ги исполнат незавршените обврски.

И датум за преоговори нема да ја спаси коалицијата Груевски - Ахмети

Секое неостварување на барањата од страна на Брисел, барања што се многу јасни, може да се толкуваат како намерно минирање на процесот на интеграција, според новинарот Боби Христов, притоа не заборавајќи и на проблемот со името со Грција.

“Коалициските партнери и покрај сите несогласувања имаат премолчен консензус дека ќе ја одржат некако оваа пукната коалициска тиква до декември, бидејќи предвремени избори претходно би преставувале крајно негативен имиџ за Македонија”, вели Христов.

ЕУ интеграциските процеси можат да спречат владина криза да резултира со нови избори. Доколку Македонија го добие долгоочекуваниот датум за почеток на преговорите, тоа секако би бил аргумент што ќе го искористат и двете владејачки партии на претстојните избори, кога и тие да се одржат  - предвремено или во редовниот термин.

Дали тоа значи дека интеграцијата ќе донесе европски менталитет, ако се знае дека причина зе последната криза е “балканскиот инает” во политиката?

Новинарот Христов е скептичен:

“Многу тешко се менува менталитетот, а дури и да се случи чудо, па да се добие датум за преговори, тоа ќе биде уште еден аргумент оваа гарнитура да излезе на избори, со оглед на сите несогласувања што ги имаат во моментот, а за кои повеќе од јасно е дека нема никава можност за компромис”, вели Христов

Но, Штефан Филе во Скопје освен позитивен дух, на партиите им донесе и предупредување дека тие со нивното однесување може да ја загрозат стабилноста во државата.

"Постои загриженост за политичките партии што се обраќаат на нивната етничка основа на сметка на политичката стабилност”, пораша Филе

AddThis Social Bookmark Button