Од сиромаштија во рецесија

Замрзнување на платите и на пензиите, губење работни места, затворање фирми – што од ова ја очекува Македонија откако официјално влезе во рецесија? За економистите, клучот е кај Владата, како најголем работодавач и инвеститор. Колку ригорозни ќе бидат нејзините мерки, ќе зависи и од притисокот што може да го извршат синдикатите, интересните групи, па и бизнисот.

Анализа на Весна Коловска

Со првиот бран од економската криза, владата на Австралија на секој граѓанин му даде по 900 долари. Единствен услов беше автралијците овие пари да ги потрошат во трговијата. На ваков начин, австралиската влада ја стимулира потрошувачката и успеа да ги ублажи првите налети на кризата.

Македонија и официјално влезе во рецесија. Но, тешко дека ќе може да го следи примерот на Австралија. Меѓутоа, од Владата сепак се очекуваат некакви мерки. Додека се чека на нив, претседателот на скопската занаетчиска комора Никола Петров укажува дека поради повеќемесечните лоши економски резултати, први на удар се граѓаните и малите бизниси. 

„Има денови кога ниеден купувач не згазнува во дуќанот. Ниеден. Купуваат само она што им е неопходно. Она што им е потребно да преживеат. Ние сме секојдневно судрени со затварање на локали. Сивата економија страшно влијае врз работата на занаетчиите. Поголем е процентот на затворени дуќани отколку на отворени„.

Истиот ден кога се објави веста за официјалниот влез во рецесија, стигна и најавата за отпуштање на 21.000 работници во градежништвото. Сепак, Ристо Фотов, декан на Економскиот факултет во Штип не верува дека ќе се остварат најавите.

„Во такви ситуации сигурно дека работата сила е таа што трпи најмногу.  Но, не верувам дека веднаш со првиот сигнал толку многу ќе бидат отпуштени. Тоа е можеби само создавање на една атмосфера за луѓето и општеството да почнат да штетат. За да заживее приватниот сектор, треба државата во делот на ДДВ-то и во делот на останатите обврски што ги има кон приватниот сектор да ги регулира, бидејќи сепак државата е најголем работодавач и најголем инвеститор“.

Секојдневно мерење на трошоците

Стопанската комора на Македонија побара банките да го преземат долгот на државата кон компаниите. Некои европски економии го скратија јавното трошење. Професорот на Американ колеџот во Солун, Николас Хоурвоулијадес, вели дека покрај ова, некои  влади ги замрзнаа платите и ги зголемија даноците.

„На почеток ќе видиме слаба верзија на тоа, бидејќи ниедна влада не презема силни мерки уште веднаш. Може да се намали јавното трошење.  Како што разбрав, нема да има зголемување на данокот. Во Грција на пример, се зголеми во минатата година. Може да бидат замрзнат порастот на платите. Некои економии го ревидираат трошењето во јавното здравство, социјалната политика, износите за лекови...Но, еврото заздравува. Нема да го видите најлошото“, смета Хоурвоулијадес.

Овие мерки, како интервенции кај платите и пензиите, па дури и во платите во приватниот сектор, според него, ќе зависат и од степенот на притисоци од синдикатите, сојузите и од интересните групи.

„Премиерот и министрите ја мерат политичката цена што треба да ја платат.  Праксата покажува дека секогаш тие што се организираат и се појавуваат пред зградата на владата во центарот на Скопје, сакаат да добијат повеќе или барем да бидат оштетени помалку“вели  Хоурвоулијадес и додава:

„Многу ќе зависи од времетраењето на преземените мерки. Ако рецесијата потрае повеќе од една година, ќе треба секојдневно да мерите колку ќе трошите, а колку заработувате. Најважно од се, ќе дојде до израз вашиот менталитет, морал, вашата психологија. Повеќе нема да важи тоа дека работите за денеска , туку работите за утре“.

Според него Грција ја заврши петтата година во рецесија со пет-шест проценти во негатива.

Маневар во буџетот

Но, професорите сметаат дека сепак клучен е односот на Владата кон малите и средни претпријатија. Народната банка објави дека 37.000 фирми се со блокирани сметки. Ставот на професорот Фотев е дека владините мерки треба да водат кон зголемување на  ликвидноста на компаниите и на тој начин да се спречи отпуштањето работници.

„Приватниот сектор е тој што треба да даде тон, импулс. Тука Владата треба да подготви мерки како олеснување на монетарниот систем, во смисла, повеќе кредитирање, олеснување на кредитирањето на малиот бизнис и на средните претпријатија, зашто тие се најфлексибилни и најмногу може да придонесат во овој момент. И во исто време мерки за стимулирање на извозните активности“.

Уште пред објавата за влез во рецесија, се пренесоа шпекулации за девалвација на денарот. Професорот и поранешен гувернер на Народната банка Љубе Трпески верува во стабилноста на денарот.

„Не очекувам поголеми проблеми во однос на стабилноста на нашата валута бидејќи Народната банка ја води монетарната политика конзистентно како што беше и во поранешните години и ја контролира стабилноста на курсот на денарот. Ние сме дел од дел од Европа и зависиме од тамошната економска ситуација, особено од ситуацијата во Германија. Ако таму работите тргнат напред и кај нас ќе се зголемат и извозот и побарувачката“.

Во меѓувреме, Владата ги додели првите поволни земјоделски кредити. Нема да се крати на почнатите проекти, но има мала можност за маневар во буџетот од кој 80 проценти е наменет за плати. Експертите очекуваат и притисок врз банките, кои се уште нудат скапи кредити, а парите ги вложуваат во сигурните благајнички записи.  


ЕУ со помош за време на рецесија

Фонд за отпуштени работници

Компаниите од  земјите членки на ЕУ може да се надеваат на помош од Фондот за прилагодување кон глобализацијата. Европската комисија објави дека токму овој фонд, во  минатата година исплатил 128 милиони евра на 12 европски земји, со кој 21.000 работници нашле ново работно место.  Ако се прифати барањето на компаниите кои ги намалуваат работните места поради кризата или глобализацијата, половина од потребните пари им ги исплаќа европскиот фонд, а половина државата. На овој начин, словенечката компанија ‟Мура„ во  2010 година повлекла 2,2 милиони евра за над 2.554 работници. Парите се наменети за преквалификација или за самовработување, а мал дел за привремена помош на отпуштените работници.  


Поранешниот гувернер порачува

Љубе Трпески: Штедете во денари!

„Сега е најисплатливо да се штеди во денари. Каматите се највисоки во денари и јас препорачувам да се штеди во денари“. 

AddThis Social Bookmark Button