За Албанците, федерализацијата нe e повеќе опција

Неколку настани и изјави на министрите предизвикаа несогласувања во Владата на Македонија. Своеглавите одлуки, спротивни на ставовите на коалицискиот партнер, ги изнесоа на површина дебатите за федерализација на Македонија. Но, што се дебатира за тоа прашање кај Албанците?

Анализа на Назим Рашиди

Последните несогласувања во Владата, како и одлуките на министрите и на другите функционери од владејачката коалиција, различни аналитичари ги оценуваат како дејствија што ја прикажуваат Македонија како една земја со „две влади“, земја со  „поделена администрација“и како една речиси федерализирана земја.

Иако се работи за функционери што се дел од една иста Влада, во последните недели има „препукувања“, при што функионерската позиција се користи за да се покаже сила.

Освен несогласувањето помеѓу Премиерот и министерот за одбрана што предизвика владина криза, посебно по положување цвеќиња на споменик на борците на ОНА од страна на претставници на војската, сега слично однесување е воочливо и на локално ниво.

По донесувањето на одлуката за формирање на комбинирани паралелки со ученици  Албанци од различни возрасти, при што во скопската општина Аеродром се затворија неколку албански паралелки, слични дејства за учениците Македонци презедоа и двајца градоначалници Албанци и тоа, градоначалниците на скопските општини Чаир и Сарај.

Инает во политиката

Ваквите одлуки што коалициските партнери ги ставаат во спротивставени позиции ги изнесе на површина дебатите за федерализација. Некои аналитичари велат дека Македонија веќе функционира со „две влади“.

Но, федерализацијата, како опција на уредување на државата, не се гледа како на решение од страна на речиси сите набљудувачи Албанци, иако во минатото беше артикулирано како едно од политичките барања на Албанците.

Башким Бакиу од Институтот за креирање на политики и добро владеење од Скопје вели дека  Македонија на федералното уредување на политичкиот систем не треба да гледа како на нешто страшно:

„Македонија има потреба за промена на политичкиот систем, бидејќи во текот на последните 20 години политичките системи се покажале како несоодветни, непрактични во решавање на конфликтите во општеството или меѓу македонските и албанските политички елити. Мислам дека федералниот систем подразбира поделба на суверенитетот во два дела ", вели Бакиу.

Но, аналитичарот Алберт Хани има поинакви ставови. Тој вели дека поради евроинтеграциските процеси, федерализацијата за Албанците е веќе надмината опција.

„По неколку години Албанците ќе живеат во голема Албанија, како што Србите ќе живеат во голема Србија и Македонците во голема Македонија. Мислам дека долгорочната перспектива и визија на Албанците не треба да се ограничи на можните регионални или федерални територии на Македонија. Оваа визија треба да биде сеопфатна и треба да ја опфати целата територија на Македонија, од Тетово до Делчево и од Куманово до Гевгелија”, вели Хани.

Федерализација или контрола на територија?

И покрај дебатите за политичкиот систем, за набљудувачите Албанци кризата во Македонија е предизвикана од директната и индиректната артикулација на ставот дека Македонија првенствено е на Македонците, а потоа на другите.

„Со (уставните) измени што настанаа со Охридскиот рамковен договор, Македонија стана консензуална демократија, но сепак овие измени не беа прифатени од страна на македонската елита“, вели Бакиу.

"Мислам дека главниот проблем лежи во сопственоста на територијата, на државата. На Албанците се гледа како на вечни непријатели на Македонците или како на една заедница која претставува закана, не само за интегритетот и за македонскиот идентитет, туку и за сопственоста од која Македонците на сакаат да отстапат ни малку“, вели Хани.

Но, и покрај дебатите “ЗА” и “Против” федерализацијата, соговорниците на Диверзити Медиа, Башким Бакиу и Алберт Хани велат дека за граѓаните најважно од сè е функционирањето на институциите кои што треба да најдат решенија за нивните проблеми, а не да ги предизвикуваат.

AddThis Social Bookmark Button