Софија признава македонски народ

Неодамна Бугарија за јавноста ги отвори своите архиви за периодот од почетокот на минатиот век до падот на комунизмот. Во нив, меѓу другото, има три документи во кои јасно стои дека државата признава македонски народ - политика која драстично се смени низ годините. Софија денес, не само што го негира ова, туку и го смета за грешка. Според некои експерти, државите немаат ограничувања да го менуваат својот однос кон некое прашање.

Анализа на Душко Арсовски

„Се одобрува учество на бугарските комунисти на Конгресот на Националниот ослободителен фронт на Македонците во Грција. Но, Бугарија ја смета за неактуелна расправата во овој момент да се создаде независна македонска држава во рамките на балканска федерација на народите. Треба да се чека мислење на соодветните комунистички партии од земјите во регионот “

Ова е дел од обемен архивски материјал на Бугарија кој деновиве стана достапен за јавноста. Датира од 1949 и во него на широко се зборува за македонски народ и за македонска држава. 


Допис

Благодарност до бугарскиот лидер за македонската борба за независност

Во еден допис до тогашниот бугарски лидер Георги Димитров на чист македонски јазик, Македонци од Грција му изразуваат благодарност за поддршката во борбата за независност.


Политиката на Бугарија кон македонското прашање по повеќе од шест децении е целосно сменета - со негација. До каде во принцип може да одат државите во промена на своите политики?

„Тука нема ограничувања. Со промена на една влада, има левичарска, па доаѓа десничарска влада. Промената на влада значи автоматски и промена на политика во смисла дали постојат или не постојат Македонци во конкретниот случај“, вели експертот и аналитичар Беким Кадриу.

Крајности

Но, во бугарскиот случај се работи за промена на водството на комунистичката власт. По Димитров, комунистите одат во друга крајност - негација на се’ што е македонско.

„Тие ќе ви кажат - тогаш биле други околности, друга власт, политичките односи помеѓу државите биле такви. Ние денеска сметаме дека ова е нашиот став и точка“, посочува Кадриу.

Иако Софија прва ја призна независноста на Македонија, демократските власти во оваа држава застапуваат идеја дека Македонците и нивниот јазик имаат бугарски корен. Го прашавме Македонецот од Благоевград, Јан Пирински, инаку, гласен поборник за правата на ова малцинство што велат за фактите во архивските материјали:

„Мислат дека е направена грешка и не требало така да биде. Но, сега за 100- годишнината од ослободувањето на Горна Џумаја, на Пиринска Македонија имаат кампања да манифестираат дека тоа што го направила Бугарија за овие два региони е нивно дело“

Бугарските историчари, се чини, се вклучуваат во кампањата на тамошните власти. Трендафил Митев, директорот на Македонскиот научен иститут во Софија неодамна за Диверзити медиа вака го објасни проблемот:

„Да се разбереме. Никој во Бугарија не сака да и’ наметнува на сегашната генерација во Македонија како треба да се чувствува. Но, треба за мртвите предци кои не можат да се заштитат, за големата и неспорна вистина дека до крајот на 1944 година, мнозинството од христијанското население во Македонија зборувало на бугарски јазик. Двата народи имаат ист корен и богато минато кое во еден момент големата политика ги разделила трајно

Беким Кадриу објаснува што значи признавање или негирање на еден народ во меѓународното право:

„Тоа не е прашање на што тие велат, туку е фактичко прашање. Дали има такви луѓе што се чувствуваат како Македонци или нема“

Страв од пад на митот?

Работата отиде до таму што Бугарија како членка на Европската Унија дополнително го проблематизира спорот за името што Македонија го има со Грција. Бугарскиот премиер Бојко Борисов неодамна изјави дека за него е неприфатлива „Северна Македонија“, предлог што се врти како опција во преговорите за името, алудирајќи дека источниот дел од регионот Македонија се наоѓа во Бугарија.

„Ако е тоа така, тогаш Македонија треба да ја искористи таа црвена линија за да го долови апсурдот на земјите од Европската Унија и да каже дека прво Бугарија и Грција треба да најдат заедничко прифатливо решение за тој проблем, а потоа Македонија да ги продолжи преговорите за овој апсурден спор кој е наметнат“, изјави Ѓорѓи Спасов, првиот македонски амбасадор во Софија.

Македонците во Бугарија сметаат дека коренот на проблемот е кај нив. Велат, стравот кај Софија е ако го признае постоењето на Македонците, ќе падне митот за

Бугарштината. Оти, според нив, секој втор Бугарин има македонски гени. Поради ова или заради нешто друго, бугарските судови повеќе од деценија одбиваат да ја регистрираат партијата на Македонците ОМО Илинден Пирин, при тоа вршејќи притисоци врз партиските поддржувачи.

„Таа ситуација што беше, таа акција што беше изведена (од бугарските власти) се одрази и врз духот на нашите луѓе. Но, сепак, не до тој степен. Нашите луѓе имаат надеж и дух да ја продолжат борбата за иднина“, вели Јан Пирински.

Јазолот на овој дел од светот можеби најдобро го дефинира заклучокот од една дебата што деновиве се одржа во Белград. Во него се вели: „балканските земји мора да ја стават на страна нивната фиксација со минатото, и да изградат посилни заедници, ако сакаат мир и просперитет во регионот“ . 

AddThis Social Bookmark Button