Десетте заповеди на социјалната заштита

Новиот македонски  претседател положува свечена обврска на светата книга. Библијата или Коранот, во зависност од верската припадност. Поглаварот ја благословува неговата државничка функција. Дали оваа слика пресликана од некои светски демократии е реална? Ако се суди по се’ почестото практикување на верските обреди со „амин“ од државните институции и од власта, тогаш можно ли е Македонија полека да го напушта принципот на одделеност на државата од верата  и обратно?

Анализа на Весна Коловска

Државна службеничка од Државниот завод за социјални дејности во електронска пошта до своите колеги испратила презентација за тоа како стандардите за социјална заштита почиваат врз основа на Библијата.

Заводот, објаснува службеничката во нејзиниот мејл, подготвува нови стандарди на стручната работа во социјална заштита кои што може да се засноваат на десетте заповеди од Светата книга на христијаните. Врховен  авторитет е Господ, стои во презентацијата. Мажот е глава на жената и децата, а државната власт е над народот.

Друг државен службеник се молеше во канцеларија, што предизвика реакција кај колегите. Каде е границата меѓу она што е правило на службата во институциите на државата и она што е основно човеково право? 

Деканот на Правниот факултет од Штип Јован Ананиев и член на Комисијата за антидискриминација вели дека ваквите верски дилеми прераснале во спорови во македонските судови.

Пресудите се сведуваат на ова:

„Не е дискриминација по основа на вероисповед, ако му се ограничи можноста верата да ја практикува во текот на работното време и на  работното место, доколку за тоа има оправдана цел. Во најголем дел од случаите има оправдана цел, бидејќи се смета дека се загрозува работата, односно би отсуствувал, би бил деконцентриран во она што претставува негова работна активност“.

Ананиев кажува дека Комисијата одбила претставка на верник на Протестантска црква, во која барал секој петок да му биде слободен, бидејќи тој ден од неделата бил ден за проповеди. По таквата логика, муслиманските верници исто така секој петок би отсуствувале, бидејќи тоа е ден за молитва. 

Не се одржува рамнотежата

Рамадан Рамадани од движењето „Пика“ смета дека канцелариите на државните институции не се место за молитва.

„Петочната молитва не може да се изврши во канцеларија зашто во исламската религија на пример, има посебни услови. Човек секогаш може да си има свои религиозни чувства кои може да ги изрази, но не таму каде што ја претставува институцијата. Тоа е исто и за православните христијани и за муслиманите, кои припаѓаат на мнозинските верски заедници во Македонија“.

Рамадани им забележува на државните институции и органи, како што е Комисијата за односи меѓу заедниците на пример, дека не ја одржуваат рамнотежата во јавноста.

Ананиев ова го толкува како нужна доминација на една или на две верски заедници, кои групно ја практикуваат верата. Тоа потоа е искористено од страна на политичарите или државата, додека малите групи се запоставени.

„Без разлика дали се тоа од власта или од опозиција, во православна црква или во џамија, секогаш ќе го забележите присуството на политичарите. Општеството стихијно диктира некаква доминација во одредена верска заедница. И да не заборавиме дека овие институции се добар медиум за промоција на политичарите, кои влегле во таа заедница, меѓу потенцијалните гласачи“.

Во Македонија, како во земја во која, до пред дваесетина години се имаше речиси непријателски став кон религијата, одеднаш се случува преобразба. Државната власт без свештени лица нема поставено ниту еден позначаен темел. Веќе пет години се празнуваат и позначајните верски празници. Неодамна се случи и првиот црковен академски час во еден од храмовите на Македонската православна црква.

Што е што?

Аналитичарот Сашо Клековски смета дека државата се приближува кон религијата. Но, според него, јавно треба да се дебатира за концептот кој одговара на нашето општество со богатство од вероисповеди.

„Она што нам ни недостасува во основа е да определиме која е дистанцата која сакаме да ја задржиме меѓу државата и верските организации. Дали сакаме верски лица во армијата, дали сакаме слобода на вероисповед во државните институции и тогаш да ја гарантираме еднаквоста. Меѓутоа, тоа мора да го направиме низ еден процес на расправа за правила на однесување, а не ад хок и со самостојни одлуки на различни државни институции“.

Во Македонија веќе седма година на власт е партијата ВМРО-ДПМНЕ, десничарска партија која држи до демохристијанските вредности. 

Пратеникот од нејзините редови  Александар Спасеновски бара низ дијалог да се прифатат промените.

„И да се земат предвид сите три аспекти, не само еден – меѓународните западноевропски стандарди, на кои почива овој цивилизиран свет. Да се земат предвид политичките проекции на доминантната верска конфесија. Но, истовремено да се уважуваат реалностите на верскиот пејзаж, каде наспроти доминантната верска конфесија, живеат и други верски заедници“.

Во државните институции во скандинавските земји има простории каде вработените може да се помолат. Во САД, секој нов претседател се заколнува на светата книга од неговата религија, без разлика дали е Христијанин, Мормон, Протестант, а при тоа еднаквоста е поддржана со присуството на претставници на сите заедници.

Во Грција се уште има силна врска меѓу верата и државата со чинот на инаугурација на претседателот пред поглаварот на Грчката православна црква.


Ратомир Гроздановски, професор на Богословскиот факултет

Има место и за светското и за светото

Професорот на Богословскиот факултет во Скопје Ратомир Гроздановски пишува дека мора да се направи рамнотежа меѓу религијата и државата:

„Мудроста е во тоа да се има мерка во улогата во современиот живот на луѓето. Тоа би значело хармонизација на односите меѓу светското и светото, меѓу секуларното и духовното. А, во современото општество има место и за едното и за другото“.


 

AddThis Social Bookmark Button