Мали за одлуки, ама големи за избори!?

Во повеќе општини низ Македонија малцинските етнички заедници се претставени преку советници во локалната власт. Но, колку се слуша нивниот глас? Неколкумина со кои контактиравме имаат различни искуства. Дел велат дека мора да се потчинат на волјата на мнозинството. А, има и обратни случаи. Експерти оценуваат дека слабост е тоа што не се почитува правото на вето кое го имаат малцинствата. Како пример, го посочуваат преименувањето на училиштата во скопската општина Чаир.

Анализа на Душко Арсовски

Советот на Велес неодамна се подели околу случај со мотел во Чашка, кој градот го подарил на соседната општина. Во расправата доминираа најбројните - советниците етички Македонци од владејчката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и опозиционерите предводени од СДСМ иако во ова општинско тело, од 22 советници, има двајца претставници на малцинствата. 

Бејхан Мемедов е Турчин, член на владејачката коалиција во општина Велес. Го прашавме колку успева да ги наметне своите идеи и проекти.

„Многу зависи од мнозинството, дали ќе те прифати, дали не те прифаќа. Секогаш ако си сам, многу тешко оди. Треба секогаш да си наклонет кон мнозинството и мислам дека така функционираат и другите совети. Тоа не е во ред“

Но, искуството на Кујтим Усејни, етнички Албанец, советник во општина Охрид, е сосема поинакво.  

„Откога влегов како советник, имам свои лични ставови. Имам програма дека инфраструктура во Воска, или инфраструктура, канализација во Велгошти се’ што треба да се направи, јас тука ’ставам нога’ и засега ми е остварено“

Усејни е претставник на Партијата за европска иднина (ПЕИ) која во Охрид е во коалиција со СДСМ. Поради тесното мнозинство што го имаат во Советот на Охрид, вели неговиот глас многу често е одлучувачки. Себеси се смета за, како што вели, мултиетнички советник.

„Не, мене не ми е никаква пречка. Јас во денот седам со стотина луѓе од сите етнички припадности. Јас тоа го сакам и ќе го правам и натаму. Јас воопшто не патам од комплекс за етнички работи“

Диктат на партијата, а не интерес на народот

Кога припадник на малцинска заедница ќе одлучи да оди како независен кандидат на локалните избори ризикот за неуспех, се чини, е многу поголем. Омер Демиров го знаат во Штип како гласен поборник за подобрување на условите за живот на Ромите. По успешен прв советнички мандат, во вториот обид не успеал, само затоа што не им се приклучил на големите коалиции.

„Ако бев советник од некоја партија ќе мораше диктатот на партијата да го слушам, а не да се интересирам за народот. Со моите интереси имам доволно и амандмани и проекти. Ние доста придонесовме за градот, а не само таму каде што се Ромите“ 

Тој е доста критичен за начинот како сега работат советниците Роми.

„Излегува дека ние како мала заедница секогаш мора да молиме, да клекнеме во сопствена држава, во сопствен град. Тоа е лошо и системот не оди. Сегашните советници вака го прават тоа - молат, клечат“

Демиров размислува да се кандидира на следните локални избори. Вели дека уште од сега добива покани од партиите.

Навистина можам да бидам во партија, ама слободно да можам да си го искажам она што е потреба на граѓаните во тој круг во Штип, но и во цела Македонија. Зборувам за Ромите“

Ризик од уличен конфликт

Универзитетскиот професор Мирјана Малеска беше дел од експертски тим кој проучуваше како функционира одлучувањето во мултиетнички средини. Еден од главните заклучоци е дека не функционира правото на вето, што по закон го имаат претставниците на малцинските заедници. За ваквата пракса голем удел има и начинот на кој се однесува мнозинската владејачка партија на централно ниво.  

„Ако тие не почитуваат некои правила во однос на правата на малцинствата, нивните потреби, тогаш малцинствата каде што се мнозинство во општините Тетово, Гостивар, Дебар тие, тогаш, возвраќаат со исто такво непочитување. Со други зборови, правната држава е прилично разнишана со вакво однесување“ , коментира Малеска.

Таа објаснува дека Бадинтеровото мнозинство е заштитен механизам за да не се допрат чувствителни меѓуетнички теми. Како последен пример, го посочува преименувањето на училиштата во Чаир.

Малеска вели дека вакви модели имаат и некои европски земји како Ирска.

„Истите проблеми ги имаат како што ги имаме и ние. Само она што јас го гледам како разлика, кај нас постои ризик конфликтот да се излее на улица и да се претвори во она што го имавме во 2001 година“

На оваа тема, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) пред три години вршеше мониторинг. Еден од заклучоците од извештајот е дека немнозинските заедници се слабо претставени во општинските совети низ Македонија и немаат влијание врз донесувањето на одлуките кои се од суштинско значење за сите граѓани во општината. Земјата има 84 општински совети од кои 10 во Скопје. Во околу една третина од нив има меѓу 1 и петмина претставници на малцинските заедници.   

AddThis Social Bookmark Button