Споменик на Приштина во Скопје

Споменик на Хасан Приштина идната недела ќе се постави во Скопје. Албански патриот од Косово, кој дел од својот живот и своето дело го поминал во Скопје. Но, тоа за што во јавноста малку се знае, се врските и сугестиите за сојузи во борбата за слобода против Отоманската империја со неколку Балкански народи, вклучувајќи ги и Македонците.

Анализа на Назим Рашиди 

Скопје ќе добие уште еден споменик. Меѓу десетина такви, сега ќе има и еден наспроти трговскиот центар „Мавровка„ во центарот на главниот град. Со свечена церемонија и тридневна свечена академија, на крајот на неделава ќе биде поставен споменикот на Хасан Приштина.

Тој се смета за многу значаен лик за албанската историја.Четири пати по ред бил пратеник во Отоманскиот парламент. Го претставувал скопскиот вилает.

Финансирал изградби на училишта затоа што мислел дека образованието е иднината во овие краишта. Бил идеолог, дипломат. Но, пред сè, бил познат по документ од 14 точки, документ кој претставувал платформа за правата на Албанците која им ја предал на Отоманските власти.

Многу се залагал за независноста на Албанците. Но, малку се знае дека предлагал балканска и прекубалканска соработка, со цел да се оствари желбата на овие народи - ослободување од Отоманската империја.

Визија

Историчарот и професор Владо Поповски во една поранешна изјава за Диверзити Медиа објаснува неколку детали за Приштина:

„Особено во 1912 година, Хасан Приштина, водач на албанското востание, имаше директни врски и спогодба за заедничко дејствување со водачите на ВМРО, како Тодор Александров, Чаулев, Чепреганов‟.

Поповски објаснува:

“Во 1911 година целиот централен комитет на ВМРО отиде во Цетиње на средба и разговори со Албанците, за да видат што се случува и каква е платформата за соработка. Но, во 1912 година, ВМРО се определува за идеите на надворешната бугарска политика мислејќи дека тоа би било решение за македонското прашање. Не му се придружи на предлогот на Хасан Приштина од 1912 година, според кој, Македонците и Албанците ќе се кренеа на востание за да оформат една заедничка држава или пак две братски држави“.

За визиите на албанскиот народ, но и на другите балкански народи, зборува и Скендер Хасани, историчар и ко-автор на една нова книга за Хасан Приштина:

 “Тој имал концепт според кој само преку соработка со други поробени народи може да се ослободи и да се создаде албанската држава на Балканот. Не случајно им нуди соработка и на Македонците, Хрватите и на другите народи, затоа што без една ваква соработка, немаше да може да се создаде албанската држава“.

Професорот Блерим Река од Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) од Тетово вели дека Приштина е еден од најзначајните личности на политичката мисла, чии што визии се актуелни и до ден денес.

 “Хасан Приштина создаде еден концепт на регионални интеграции и за федерален сојуз на цел Балкан, кој не успеа да се оствари во тоа време. Ако случувањата се одвиваа според концептите на Хасан Приштина, констелациите во Балканот немаше да бидат такви какви што се денес”, вели Река.

Идеја вредна и по 100 години

И токму важност од меѓународни размери на Хасан Приштина му дава му дава и професорката по меѓународно право при Универзитетот во Љубљана, Василка Санцин, познавач на делото на Приштина.

Таа вели дека тој претставува една инспирација во време кога во регионот има недостаток на лидери-визионери.

“Неговите идеи, неговите програми имаат широк ефект дури и по 100 години. И не само на локално и на регионално, туку и на глобално ниво“, вели Санцин.

Хасан Приштина живеел во Скопје, пред околу 100 години. Тука водел свој бизнис, но исто така, од Скопје тој ја водел и својата политичка дејност. Тој е ден од личностите кои нè учат за соработката која постоела на Балканот. И според која може да се изградат заеднички вредности и денес.

Приштина е една голема личност на албанската историја. Тој е еден од архитектите на независноста на албанската држава, но истовремено една од оние личности која може да создаде мостови на заедништво, затоа што неговото дело е поттикнато од проевропските вредности и тенденции.

AddThis Social Bookmark Button