За пари и за жени не се зборува

За пари и за жени не се зборува. Ова неофицијално правило на Британците важи и за македонските богаташи. Секој разговор за количината на пари и имот завршува и пред да почне. Затоа, наместо богатите, другите зборуваат за тоа каде и како ги трошат парите, во што инвестираат, какви им се навиките и дали донираат.

Анализа на Весна Коловска

ˮГангнам стајлˮ деновиве е еден од највртените светски хитови.  Веројатно малкумина знаат дека оваа песна е создадена да ги исмее најбогатите од елитниот крај на Сеул, главниот град на Јужна Кореја. Гангнам, така се вика и елитниот кварт во кој има имоти од милиони евра, луксузни клиники за пластична хирургија и скапи приватни училишта.  Велат, богатите секаде се исти зависници од луксузот.

А, какви се навиките на тој еден процент ултра богати луѓе од Македонија?

Ако станува збор за купување гардероба, одат и  купуваат во странство. Во најмала рака во Солун. Затоа што, ако прашаш од каде го купил, преферира да ти каже дека го купил од Солун или од некаде, отколку дека го купил од нашите продавници. За оние поголемите недвижности тоа ретко кој го знае, затоа што иако имаат некои недвижнини во странство, тоа никој не го кажува“, изјави Весна Миленковска, новинарка во дневниот весник „Вест“.

Според Александар Манев од инвестицискиот фонд Илирика, токму недвижностите се една од инвестициските мети на богатите луѓе од Македонија. Но, малкумина, смета Манев може да си дозволат инвестиции во странство.

Пред сѐ, законската рамка е лимитирачка, бидејќи  македонски граѓани не може слободно да вложуваат парични средства во вид на депозити или странски хартии од вредност. Обемот на инвестирање е доста лимитиран. Сепак, дома им се нудат депозити, домашни хартии од вредност, обврзниците и нормално, вложување во бизнис. Меѓутоа, ако го гледаме трендот оваа година, пред сѐ некои ги консолидираат инвестициите или преземаат компании“.

Швајцарски банки наспроти кеш

Во земјава нема ни приближно податоци за бројот на македонски милијардери. Управата за јавни приходи може да даде само делумна слика. Затоа, неодамна објавениот податок за 35-мината ултра богаташи во Македонија наиде на изненадување во јавноста. Сите заедно поседуваат вкупно богатство од четири милијарди долари . Во втората по ред анализа на списанието Велт – икс, Македонија се наоѓа на 42 место на листата на најбогати поединци од 46 земји во Европа. Рангирањето, стои во воведот на извештајот,  е според анализата на експерти, аналитичари-познавачи на приликите и податоците на осум од десетте најголеми банки во светот.

Сепак, Манев вели дека листата е далеку од целосна, бидејќи има многумина чии влогови се анонимни.

Има бизнисмени кои за време на транзицијата направија голем капитал. Меѓутоа, тој капитал се сведува на бизниси, на недвижности... Не сум сигурен колку е останата готовина. Има шпекулации дека македонски бизнисмени поседуваат многу готовина на странски сметки, меѓутоа, за жал, не знам колку се тие цифри. Не би можел да дадам коментар, бидејќи не знам колкави се тие износи во странство“. 

За регионалните транзициски богаташи, швајцарските банки и оф-шор компаниите се омилените места за складирање на вишокот пари. Новопечените богаташи пак, вели Весна Миленковска, сакаат да ги покажат парите на себе.

Тие што парите ги спечалиле преку ноќ, не знаат многу да ги почитуваат. Ако до вчера немал пари, а преку ноќ ги стекнал, обожува да се покаже, да се истакне на некој начин...Работи внатрешниот комплекс на човекот. За разлика од нивните родители кои живееле во социјализмот, кои горе – долу сите имале толку колку што можело да се има во социјализмот“.

 За Шенај Хаџимустафа, професорка на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово факт е дека најбогатите во државата се стекнале со богатство во време на транзицијата преку преземање на имотните југословенски фирми. Поради тоа, според нејзе, богатите  молчат за своето богатство. Општеството, вели Хаџимустафа, треба да создаде систем поголем дел од парите, богатите да ги остават во земјата преку инвестиции или атрактивни владини програми. При тоа, ќе имаат еднаков третман со странските инвеститори. 

Прво за себе, после за другите

Овие 35-мина од листата на „Велт – икс“ држат 40 проценти од годишниот бруто домашен производ во Македонија. Колку се подготвени дел од своето богатство да го одвојат за другите?

Невладината Конект со години работи на заживување на филантропијата во државата. Претседателката Никица Кусиникова вели дека богатите Македонци донираат ад хок,  кога некој ќе побара.

Не се тоа формални информации со бројки, меѓутоа, сме имале контакти со луѓе како Трифун Костовски, како Ристо Гуштеров, и сите тие донираат. И тоа значителни бројки.  Тоа значително се мисли на повеќе илјади евра, па и стотици илјади евра. Меѓутоа, немаме конкретен податок и во Македонија тешко може да се дојде до тој податок. Освен ако тие луѓе точно не си кажат која е бројката“.   

Богатите во светот формираат свои фондации, во кои заветуваат дел од своето богатство. Мелинда и Бил Гејтс  мобилизираа 11 најбогати луѓе во светот по чија смрт, половина од нивното богатство ќе оди во оваа фондација.

Кусиникова смета дека недостасува ваков систем и во Македонија.

Треба кај нас да се гради таа свест, бидејќи постоењето на приватни фондации не е некоја долгорочна традиција во Македонија. Ние и не сме имале такви богати елити. И поради тоа, веројатно треба време за да заживее тој концепт. Во Америка тоа е дел од секојдневното живеење. Секој поимотен формира своја фондација или го дава своето богатство во залог на некоја друга фондација“.

Прво за себе, а ако остане потоа и за другите. Ова златно правило оди паралелно со првото – на Британците: за пари и за жени да не се коментира.  


Не робуваат на богатството

Еден нема дом, друг сам се вози до авто-сервис

Има секакви чудни богаташи по светот. Инвеститорот Николас Бургуен чие богатство се проценува на близу две милијарди евра, нема свој дом. Веќе 12 години спие по хотели, а кога ќе му здодее, летнува со приватниот авион на друга дестинација. Продал сѐ што имал, бидејќи не сакал да робува на материјалното. Бургуен е еден од единаесетте милијардери кои по нивната смрт половина од своето богатство ќе го остават на фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс.

Хрватскиот милијардер Бранко Роглиќ поседува компании кои се меѓу триста најголеми во Средна Европа, а својот автомобил сам го вози на сервис.

„Отсекогаш сметав дека секој – било поединец, компанија или државата - може да го троши само она што ќе го заработи, а со парите треба да се работи одговорно. Значи, јас можам да си дозволам да живеам многу полуксузно – да престојувам во луксузни хотели, да возам скапи автомобили и да пловам со јахта. Но, како тогаш од своите вработени да очекувам да се однесуваат рационално?! – прашува Роглиќ во едно неодамнешно интервју за весникот „Вечерњи лист“.  

AddThis Social Bookmark Button