Дипломатија во рецесија

Малата македонска дипломатска мрежа во светот во последно време функционира со речиси преполовен кадар. Од Министерството за надворешни работи велат дека дипломатијата работи во услови на скратен буџет, но, тоа не е пречка да ги извршува работите без проблем. Поранешни амбасадори коментираат дека ова е голема грешка и дека, според нив, треба да се прави обратното - да се засили со персонал зашто Македонија има голем проблем со Грција.

Анализа на Душко Арсовски  

Во една петтина од 56 дипломатско-конзуларни претставништва на Македонија во странство недостасува доволен број професионалци, а неколку од нив се дури и без амбасадори. Прага има само советник, Лондон советник и административен работник. Букурешт само прв секретар и засега нема подготовки за амбасадор. Во Канбера не е јасно откако поранешниот амбасадор Перо Стојановски самиот се повлече. Според информациите, македонската амбасада во Естонија дури е и заклучена додека да дојде нов амбасадор.

Во МНР ја потврдуваат таквата состојба и велат дека дипломатијата работи со скратен буџет поради економската криза. Портпаролот Борче Стамов за Диверзити Медиа вели:

„Определбата е да не затвораме дипломатско-конзуларни претставништва, туку со намалување на бројот на дипломатите во нив и со нивен максимален ангажман, да одговориме на овие предизвици“

Крпена надворешна политика

За споредба, буџетот на МНР во 2009 година изнесувал 35 милиони евра. Годинава – 12 милиони евра. Со оваа практика не се согласува поранешниот амбасадор Ристо Никовски, кој важи за близок до актуелната власт.

„Ако пукне чирот, ќе речете - немам пари? Нема да седите дома, туку ќе се оперирате. Ако треба, ќе барате пари на заем. Нема никакво оправдување. Напротив. Во вакви услови треба да се зајакнува дипломатијата, да се испраќаат најспособните надвор за да може да ги промовираат нашите интереси“

Опозиционерот со дипломатски стаж, Нано Ружин објаснува дека Македонија губи во билатералните контакти, но, и во меѓународните организации.

„Постојат стотици комитети во кои што треба да се следи активноста на Алијансата, на ЕУ или на ОН и секое кастрење на дипломатскиот апарат значи отсутност на Македонија во овие мошне битни тела“

За портпаролот на МНР Стамов тоа не е пречка и вели дека резултатите на дипломатијата се очигледни.

„Тоа е случај и во контекст на евроатлантските интеграции со извештајот од Европската Комисија и во контекст на економската дипломатија, односно инвестицискиот интерес и извозните зделки кои се склучени во овој период. А, исто така и глобалното присуство и создавањето нови пријателства“

Во случаите како Лондон, Мадрид или Прага каде извесен период Македонија нема амбасадор за Никовски е крпење.

„Амбасадорот може да продре до Премиерот на државата. Не секаде, се разбира. Вршителот на должноста може да дојде до осмиот човек - значи седум места губите. Тоа е една технологија која функционира. Ако главната машина не работи, сите други машини може да функционираат, ама центарот не може да излезе на крајот“

Еден дипломат, работа за двајца

Ружин додава дека клучот на врата, како во случајот со македонското претставништво во Естонија е преседан.

„Тоа значи дека или државата е пред капитулација или не е заинтересирана за развој на билатералните односи или има сериозен дипломатски проблем. Обично амбасадите се затвораат во време на затегнати односи - војни, политички состојби“

За него нема оправдување во штедењето.

„И тоа е недопустливо, денес да се измислуваат одредени финансиски тешкотии,  а од друга страна да се прави една таква скапа зграда на МНР, коешто добро функционираше и во старите простории“

Европската економска криза принуди некои држави да се одлучат на радикални чекори. Словенија затвори четири амбасади и два конзулата како една од мерките со која планира да заштеди 1,8 милион евра годишно.  Претходно чешката влада најави дека ќе затвори десетина амбасади во Африка и во Латинска Америка и оти дека ќе отпушти 100 вработени во ресорното министерство.

Разликата според поранешниот амбасадор Никовски е во тоа што Македонија има голем проблем со Грција и затоа дипломатското присуство треба да се зајакне. Министерот за надворешни Никола Попоски во своето последно интервју изјави дека во просек, влијанието е колку и парите. Според овој критериум, вели тој, нашата дипломатија денес " боксува во категорија многу повисока од својата тежина". Во превод, ова веројатно би значело натамошно штедење и секој дипломат да работи како за двајца.

AddThis Social Bookmark Button