Вечно „зелени‟

Македонската публика деновиве избира 20 најслушани на сите времиња домашни евергрин песни. Ова е уште една потврда дека рефрените од скопските фестивали како традиција се пренесуваат од генерација на генерација. Музичките новинари сметаат дека тоа е така, оти овие песни многу доцна им станале достапни на слушателите преку носачи на звук. А, претходно можеле да се слушнат само на радио. Апелираат овие музички вредности институционално да се заштитат.

Анализа на Душко Арсовски

Кога словенечката дива Хелена Благне ја испеа песната „ Кога те нема“ пред 26 години, беше во друштво со низа други пејачи со добри рефрени кои низ годините станаа дел од македонската музичка традиција. Сеќавајќи се на тој период, за Диверзити Медиа таа тврди дека чувствувала оти песната ќе стане евергрин.

„Песната „Кога те нема“ сигурно е една од најубавите песни кои некогаш сум ги пеела. Гледано и музички и како текст и од аранжманска страна и интерпретацијата. Сето тоа, во она време се вклопи во една убава приказна, која ме следи и денес и многу сум среќна кога гледам дека ја следи и публиката“

Новинарот Драган Б. Костиќ, кој со години ја следи музичката сцена вели дека Македонија има богатство од песни - шлагери кои и денес се популарни. Тој евергрините ги дефинира како различни од хитовите кои, според него, се врзани за тиражи и за топ листи.

„Евергрин е песна која не мора да ги  има сите овие форми на означување на популарност. Која не мора да биде врвен хит и која повеќе е категорија на возраст. Значи нешто што зад себе мора да има одреден број години за да може човек да споредува вредности, квалитети, минливост или неминливост и најзначајното - емотивна категорија. Ако хитот е категорија која удира веднаш, евергринот е песна која се темели на емоции“

Феномен

Александар Митевски е припадник на младата гарда македонски автори кои се обидоа да дадат современа нота на старите песни. Тој вели дека неговиот мотив за овој проект бил тоа што високо ја цени оваа, веќе традиционална музика.

„Во обработката гледав да нема импровизации, искривоколчувања, туку да ја задржам автентиката и атмосферата на тој хит, само да биде современо испродуцирано и прилагодено на денешната продукција. Само така мислам дека песните ќе ги заинтересираат младите генерации да се вратат назад и да прочепкаат и дознаат повеќе за тие рефрени“

Засега тоа успева. Рефрените од Скопскиот фестивал или Макфест испеани пред повеќе години постојано се присутни во медиумите. Се чини дека Македонија е своевиден феномен во регионот затоа што оваа музика се пренесува од генерација на генерација.

Костиќ за ова, има свое објаснување:

„Додека сите останати ставале на носачи на звук, ние не сме го правеле тоа. И сега, наеднаш, луѓето доаѓајќи до едно богатство, отворајќи им се новите пештери во кои можат да земат сè, наеднаш им останува - дајте да го земам тоа што можам да го земам и го чуваат, на некој начин, љубоморно“

Тој додава дека е неспорна љубовта што обичните луѓе ја чувствуваат кон оваа музика. Но забележува дека таа не е заштитена од институциите.

Дали можеби, е во прашање некоја генетска носталгија?

Еве што мисли Александар Митевски:

„Мислам дека тоа не е носталгија, туку напротив, сме имале еден Скопски фестивал кој „исфрлувал‟ големи рефрени. Денеска мислам дека има многу нерешени работи кои ги спречуваат авторите да пишуваат едни такви, вонвременски рефрени и можеби затоа е подобро да се побегне во обработка на тие ретро песни. Во секој случај, вртењето на старите песни за мене е подобра опција отколку да слушаме денес некои монотони, безидејни песни, направени со сила во кои нема уметност, а нема ни „е“ од евергрин‟

Еден од авторите кој остава белег во забавната музика е и Зафир Хаџиманов. Тој вели дека е среќен што многу од неговите песни станале антологиски, но сепак на прашањето гледа од друга перспектива.

„Секој хит којшто ќе се појави на светскиот пазар доживува стотици и стотици изведувања од различни други интерпретатори - вокални, инструментални, големи, мали оркестри, соло настапи. За жал, ние сме многу далеку од тоа“

Комплицираното е популарно

И во Словенија луѓето ја негуваат старата музика, вели Хелена Благне, но медиумите сепак им даваат предност на светските трендови.

„ Мене ми е жал што нема распеана музика. Кај нас е таква состојбата, што колку е песната покомплицирана, со неразбирлив текст во очите на музичките уредници, тоа е добра песна. Но, така не мисли публиката. Да се разбереме, публиката различно дише од уредниците. Тоа што се форсира веќе не е музика“

Откако направи серија песни со трајна вредност, Хаџиманов вели дека сега е свртен кон поезијата и мјузиклите.  

„Сврти-преврти, забавните мелодии се пред сè, љубовни. Зборуваш за тоа колку ја сакаш, колку те сака, а со 69 години сепак, би пишувал нешто малку поопасно. Но, се случува дека за тоа кај нас нема ни традиција, ниту публика.“

За среќа неговите, како и илјадниците песни создадени од седумдесетитте до деведесетитте го наоѓаат патот до слушателите. Хаџиманов, Благне и уште неколкумина ќе застанат на сцена да ги изведат 20 најдобри на сите времиња во изборот наречен „ Евергрин МК“ . Организаторот вели не се избира една на врвот зашто овие и уште многу други, еднакво го заслужуваат овој епитет. 

AddThis Social Bookmark Button