На Макфест и албански?

На фестивалот на забавна музика „Макфест“ оваа година, освен на македонски јазик, имаше и интерпретации и на други јазици, главно на српски јазик. Овој факт предизвика реакции по социјалните мрежи и уште еднаш ги изнесе на виделина дебатите околу тоа зошто на фестивалите во Македонија не може да се пее и на албански. Организаторите на фестивалот велат дека од оваа година такво нешто е возможно доколку пејачите го преферираат тоа.  Но, иако се работи за една културна манифестација, дебатите добиваат политичка конотација околу тоа како се перцептира културата во Македонија.

Анализа на Назим Рашиди

Додека се емитуваше финалната вечер на „Макфест“ на телевизија Алсат-М се емитуваше програмата Х – фактор Албанија. Во жирито на ова шоу кое трага по музички таленти, меѓу другите е и Туна-пејачка од Македонија. Меѓу натпреварувачите имаше и Aлбанци од Македонија, меѓу кои се истакна Канита, едно 11-годишно девојче кое публиката ја крена на нозе.

Но, додека албанската публика го следеше Х – Фактор Албанија, на фестивалот „Макфест“ освен на македонски јазик имаше интерпретации и на други јазици. Но, не и на албански јазик или на јазиците кои се зборуваат во Македонија.

Зошто само на српски?

Околу овој факт на социјалните мрежи имаше разни реакции, меѓу кои беше и онаа на Јелмаз Дервиши, уредник на забавната програма на Алсат-М.

 „Мислам дека ако на некои уметници им се дава правото да пеат на својот мајчин јазик, зошто тоа да не важи и за другите граѓани на Македонија? Концептот треба да важи за сите, а не само за неколкумина“, вели Дервиши.

Фестивалот „Макфест“ се организира веќе долги години. Во него, освен на македонски, во посебни вечери се пеело и на други јазици. Но, оваа година за прв пат на пејачите им беше овозможено да го одберат јазикот на изведба и за време на конкурирањето.

Марина Стојановска, надлежна за комуникација со публиката при фестивалот вели дека ова има за цел тој да го модернизира.

„Идејата  беше фестивалот да заличи на евровизија или на другите светски фестивали, во кои секој пејач може да одбере на кој јазик ќе ја пее песната“.

Но, пејачите Албанци велат дека не знаеле ништо за ова и додаваат дека кај организаторите на фестивалот обично има еден отпор кон употребата на јазиците кои се зборуваат во Македонија, а посебно кон албанскиот.

Таков е и случајот со Скопскиот Фестивал, во кој се одбира и песната која ја претставува Македонија на Евровизија. Тие велат дека на овој начин, албанскиот јазик не се прифаќа како јазик на кој се остварува културата и уметноста во Македонија.

Агим Пошка е пејач и претставник на Здружението на уметниците Албанци на Македонија:

 „Ова е продолжение на низата проблеми кои ги создава уметничкото тесноградие во Македонија кое не треба да биде присутно меѓу уметниците. Треба да бидеме искрени, затоа што не знаеме дали (на Макфест) конкурирале и Албанци. Се работи за еден апсурд кој се случува во Македонија, како во многу сфери на животот, па така и во уметноста“, вели Пошка.

Мултиетнички фестивали како што е Македонија

„Макфест“ се одржува во Штип и е една манифестација на општината која неговата организацијата им ја доделува на разни субјекти. Оваа година фестивалот го организираше „Нова Икс Идеа“.

Портпаролката на фестивалот вели дека доколку ќе го организираат и наредната година, јазикот нема да биде проблем како оваа година:

„Сите оние кои не знаеја дека песните можеа да се интерпретираат и на други јазици, идната година може да конкурираат со своја демо снимка и доколку се селектираат од страна на професионалното жири, ќе можат да учествуваат во наредното издание на „Мак Фест““, вели Марина Стојановска.

Но, Јелмаз Дервиши вели дека треба да се прават поголеми заложби за активностите на фестивалот да ја отсликуваат Македонија таква каква што е. Тој вели дека за жирито поприфатлив јазик е српскиот и дека тоа е така поради минатото и врските со поранешна Југославија. Според него неприфатливо е тоа што медиумите, македонската публика да не ги знае остварувањата на другите, посебно на Албанците кои оставаат свои траги во целиот регион.

„Мислам дека ова е една дискриминација која им се прави на уметниците Албанци, Турци, Роми. Музиката е музика и не треба да има јазични бариери“, вели Јелмаз Дервиши.

Иако културна манифестација, дебатата уште еднаш на површина изнесува на дилеми кои се однесуваат и на политиката – на концептот дали културата која се создава може да се прифати како еднаква, без разлика кој ја создава истата.

AddThis Social Bookmark Button