Решение за невработеноста

Македонија е на самиот врв по бројот на невработени млади луѓе во Европа. Од вкупната стапка на невработеност, 57,7 отсто се млади на возраст до 29 години. Сепак, работата преку Интернет може да биде решение, да се остане во државата и тука да се гради иднината. Колку може да се заработи, но и колку се подтготвени нашите ИТ кадри да излeзат на светскиот интернет пазар?

Анализа на Љупка Трајчова од Радио Енџелс од Штип

Слободан е 22 годишен апсолвент по информатика од Штип, кој времето на Интернет наместо на социјалните мрежи, го троши за заработка. Има своја Интернет страница на кој објавува новости за Apple. Заработува од објавените реклами. Како што вели Слободан, ова не само што му ги плаќа студиите, туку е и професионална насока во животот.

"Активно на сајтот работам околу осум месеци. На почетокот не го сфатив сериозно, но сега го работам професионално. Заработувачката зависи од посетеноста на сајот и најчесто изнесува над 500 евра месечно."

Слободан е еден од ретките млади луѓе кои заработуваат преку Интернет. Он-лајн бизнисите ветуваат солидна заработувачка, а при тоа бараат минимално вложување - еден компјутер и Интернет конекција. Сепак, многу од неговите врсници ја игнорираат оваа можност.

Тоа го потенцира и Златко Блажевски, координаторот на Е-бизнис клубот при Економскиот факултет на Универзитетот "Гоце Делчев".

"Најголемиот дел од  денешните студенти очекуваат да завршат факултет и некој да им даде работа и плата и со тоа да се средат во животот. Најголемиот дел од студентите се незаитересирани, немотивирани, пасивни и чекаат нешто да се случи за да почнат да ја градат својата иднина"

Несигурност

Државата, преку Агенцијата за  вработување понуди пари за почеток на он-лајн бизнис за млади до 27 години. Во Штип само тројца ја искористиле програмата.

Професорот на Факултетот за информатика во Штип Зоран Здравев проблемот го лоцира во несигурноста на младите програмери. Затоа, како што вели тој, малку се решаваат сами да излезат на светскиот Интернет пазар.

"Постојат сајтови кои нудат работа во странство и работните задачи можат да се завршуваат од моменталното место на живеење преку Интернет. Нашите студенти кои се на Универзитетот Гоце Делчев се потготвени да одговорат на овие предизвици, но им фали поголема сигурност. Значи, еден мал период потребна им е пракса во некоја ИТ - фирма за да видат за што точно станува збор. А, потоа самостојно да заработуваат пари преку Интернет. "

Сепак, вината за слабиот интерес за заработувачката  преку Интернет и несигурноста за почнување на Е–бизнис не лежи само во младите, стои во истражувањето на Младинскиот образовен форум.

Сандра Атанасовска од МОФ вели дека несоодветните образовни програми, исто така, негативно влијаат на развојот на овој сектор.

"Образовните институции не нудат соодветно образование. Образовните програми најчесто се затворени и не одговараат на економските побарувања. Ако се земе предвид фактот дека 60% од младите не го користат своето слободно време ефикасно и активно (излегуваат по кафулињата, седат дома), тогаш имам утврден тренд на непродуктивно  трошење на времето од страна на младите. Затоа, образовните институции треба да најдат начини како да се усовршуваат  вештините на младите. Интернетот е еден од начините  преку кој младите може корисно да го трошат времето, а при тоа и да заработуваат."

Интернет трговци

Но, позитивен пример како треба младите да се насочуваат е шестмесечната бесплатна обука за отворање на електронски продавници. Обуката, која е подржана од Амбасадата на Кралството Норвешка  ја спроведува скопската компанија "Ексквизит".

Сопственичката Билјана Радоњанин, која ја основаше првата Е-продавница во Македонија , смета дека ова е убава можност за вработување.

"Почнавме со проект кој стимулира претпримеништво и би требало да го намали бројот на невработени и да ги мотивира идните Интернет трговци да заработуваат. Значи, на обуките за отворање електонски продавници имаа право само студентите и невработените лица. Овие обуки, за разлика од останатите, им нуди поконкретни начин за заработка."

Вакви и слични обуки може да помогнат младите да го скратат долгиот период на чекање за вработување, кој во просек изнесува од седум до девет години. Тоа би значело и запирање на бранот на одлив на мозоци, кои според неофицијални податоци во последните пет години изнесува околу 20.000 млади образовани кадри.

AddThis Social Bookmark Button