Газди и видео-ленти

Во време кога владеат светските корпорации, правото на приватност на работното место, станува дискутабилно и е проследено со бројни прекршувања. Во Македонија, според познавачите е  уште потешко тоа да се примени. Посебно кога видео надзорот станува интересна „играчка“, а следењето на комуникацијата е во ранг на воајерство. Кои се најчестите прекршувања на правата и обврските на работа?

Анализа на Весна Коловска

Во една услужна компанија во Скопје, сопствениците на вработените им забраниле да ги користат приватните мобилни телефони. А, за поефикасно користење на работното време, дури и им купувале храна. Често појадокот бил носен попладне, па витаминските таблети ја заменувале храната. Врв на сè, во канцеларијата била поставена камера за видео надзор, со што сопствениците во секое време имале увид за ефикасноста во работењето на нивните вработени. Ова го раскажува една од помладите вработени, која во такви „работни‟ услови успеала да издржи пет месеци, по што си заминала во друга фирма.

Таквите сопственици, според Елена Стојановска од Државната дирекција за заштита на личните податоци, го прекршиле законот бидејќи преку видео надзор ја мереле ефикасноста на вработените.

Факт е дека системите за видео надзор во денешно време се лесно достапни и веќе стануваат економичен начин на надзор. Меѓутоа, Законот предвидува точно определени цели за вршење на надзорот: за заштита на сигурноста и на здравјето на вработените, заштита на сопственоста на компанијата и на институцијата или за контрола за влез и за излез на вработените во деловните простории“, вели Стојановска, според која компаниите и институциите треба да пропишат нивни, внатрешни правила на однесување, со кои ќе се информираат вработените за тоа што се контролира и што е дозволено.

Во една од македонските банки со странски капитал изјавија дека со вработените потпишуваат корпорациски договор во кој, покрај правата и обврските од Законот за работни односи, точно се регулирани внатрешните правила. Непропишаните правила често иницираат претставки до Комисијата, по пример на таа на вработен во македонска компанија, кому му била проверувана комуникацијата, а при тоа, не му било кажано дека не било дозволено да користи Скајп. 

Нема работа зашто нема карактер на Фејсбук

Во друг случај, се јавила дилема за користењето на комуникацијата преку електронска пошта, што исто така, според Стојановска, е предмет на поделени мислења.

Точно е дека И-мејл адресата е сопственост на компанијата или на институцијата, меѓутоа, доколку таа го содржи името и презимето, а многу често е така, во еден дел тие се сметаат за лични податоци. Меѓутоа, тука на ред доаѓа обврската на самата компанија или институција да пропише правила, практично ќе ги информира вработените дека компанијата за свои цели, на одреден период ќе проверува“.

Всушност, современите системи на комуникација се алатка со која сè почесто се служат работодавачите. Вработените, поради одредени приватни содржини што ги поставуваат на Интернет, може да бидат прогласени за нарушувачи на угледот на компанијата.

Интернетот е алатка која бизнисот ја користи за да ги контролира своите вработени, но и да најде соодветна работна сила. Се проверуваат профилите на професионалните мрежи како што Линкдин, како место за информации за професионалниот живот на потенцијалниот работник. Или профилите на Фејсбук, како слика за карактерот на корисникот. Според едно истражување, секој трет работодавач одбил кандидат за вработување поради нешто што за него нашол на Интернет. 

Комуниколот Сеад Џигал вели дека овој факт треба да го вклучи алармот за тоа што оставаме на Интернет и на социјалните мрежи.

Во таа смисла, маркетинг агенциите се некој вид посредници кои исто така, се обидуваат, да  присоберат податоци за заинтересираните. И тоа, веќе во западните земји и во некои, поразвиени од нас земји, е издигнато до степен на бизнис“.

Според Џигал, во Македонија, недостасува  медиска писменост и свесност за моќта на активноста на Интернет. Затоа, можеби загрозеноста на приватноста е најретка причина поради која работодавачите завршуваат на суд. Многу почести се прекршувањата во доменот на работните односи.

Поминуваат годините...се намалуваат правата

Адвокатот Наталија Миленкова има повеќе судски предмети за случаи на кратење на право на годишен одмор, на законски дозволени отсуства или постапката за отказ отколку на загрозување на приватноста преку Интернет.

„Многу често е застапено подметнувањето на бланко документ за да се земе потписот, за подоцна да се изготви спогодба за престанок на работен однос. Или работникот при склучување на договорот за вработување се принудува, доколку е на неопределено време, да потпише и спогодба за престанок на работен однос.  Меѓутоа, тоа е спротивно и на Законот за работни односи и на Законот за облигациони односи затоа што имаме и маани на волјата на работникот, односно немаме негова волја. Или е принудно добиена или е со измама или држење во заблуда“. 

Во такви случаи по отказот, вели Миленковска,  работниците се одлучуваат да тужат и по секоја цена правдата да ја бараат на суд. Иако, според Димитар Апасиев од Правниот факултет во Штип и активист на социјалното движење „Ленка“, работничките права од година во година се сè помали.

Колку за споредба, ако сте прогласен за технолошки вишок сега во споредба ако сте останале технолошки вишок пред 15 години, денес Вие ќе имате 80 проценти помалку. Така што, трудовото право, особено ако не наидува на критика од професорите по право, а посебно од експертите во оваа област, потоа од синдикатите и од граѓанскиот сектор, тогаш тие законски измени поминуваат многу глатко и практично секогаш се на штета на работниците“.      

Правата не се даваат, туку се земаат, велат соговорниците на Диверзити медија. Меѓутоа, се поставуваат и за да се почитуваат. Во спротивно, релацијата меѓу  работодавачите и вработените останува да се „потпира‟ на лоша комуникација, во која на крај се вмешуваат судиите.


Работничките права најскапа играчка

Дошле, виделе, скратиле

Односите на работа ги регулираат вкупно 30 закони, два колективни договора и над 10.000 подзаконски акти. Со тоа, ова е една од најрегулираните области. Но, е и регулатива што претрпела најмногу промени. Кој, како доаѓал на власт, така посегнувал по работничките права.

Во времето кога СДСМ бил на власт, воведен е отказ без отказен рок. Намалени се испратнините. И по времетраење и по висина. Намален е паричниот надоместок од Агенцијата за вработување. Воведено е решението според кое, ако се добие отказ, Агенцијата за вработување не го внесува работникот во евиденцијата на невработени. Укинато е правото да се управува преку работнички совет. Воведена  е можноста за забрана на синдикално делување и усвоени се правни пречки со кои, речиси е невозможно да се организира штрајк (што е сегашна пречка за одржување на штрајкот на лекарите).

ВМРО-ДПМНЕ во време на владеењето на Љубчо Георгиевски посегна по пензиите, а во време на актуелниот премиер, Никола Груевски по правата на невработените. Укината е можноста да се оди во пензија врз основа на стаж. Намалени се годишните одмори од 26 дена на 20. Одложен е рокот на важност на договорите на определено време и наместо договор на неопределено, работниците до пет години може да потпишуваат договор на определено  време на секои 30 дена. Укината е предноста при вработување на технолошкиот вишок и практично, воведена е контрола на синдикатите преку критериумите за застапеност.


 

AddThis Social Bookmark Button