Стани пратеник, седни градоначалник

Дали градоначалничката функција станува поатрактивна од пратеничката? Се проценува дека до локалните избори напролет, многумина коишто изградија кариера во Собранието ќе се тркаат за локална власт. Парите се причина за атрактивноста на оваа позиција. Така оценуваат аналитичари и додаваат дека добри менаџери може да ја засенат и централната власт.

Анализа на Душко Арсовски

Трендот градоначалници да чекаат во ред за пратенички и за министерски места, како да завршува. Обратниот ред го најавија опозициските кандидати за претстојните локални избори, Андреј Жерновски и Јани Макрадули. И извори од владејачката ДУИ ја гледаат вицепремиерката Теута Арифи во првата фотелја на Тетово.

 

Новинарот Бранко Тричковски, кој со години ја анализира политичката сцена смета дека причина за овој тренд е исклучиво од економски причини.

„Градоначалничките позиции располагаат со големи материјални ресурси. И една политичка елита која владее со Македонија оценува дека тоа можеби е подобро да се освои отколку едни, да речеме парадни позиции, какви што се пратеничките места. Ова важи и за актуелната опозиција и за власта“

Новинарот од редакцијата на турски јазик во МТВ, Ердем Амет се согласува со ова и прогнозира:

„Големите, моќните општини со процесот на децентрализација сè повеќе ќе јакнат, ќе може да даваат и услуги како вистинска локална самоуправа и ќе бидат голема конкуренција на централната власт со својата популарност, од аспект на политичарите. “

Бројките покажуваат дека буџетот на главниот град низ годините е зголемен за 100 пати. Во 2000 година, властите располагале со 1,3 милиони, а во 2008 со 108 милиони евра. Касата за в година е проектирана на 44 милиони евра, а намалувањето се поврзува со економската криза. Но, Скопје не може да биде репер. Сепак фискалната децентрализација ги збогати и помалите општини.


Буџет на Скопје

Година                         во евра

2000                            1,3 милиони

2008                             67 милиони

2009                             83 милиони

2010                             67 милиони

2011                             89 милиони

2012                            108 милиони

2013                            44 милиони


Градоначалниците „поголеми‟ од партијата?

Градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески за Диверзити Медиа вели дека не би ја менувал сегашната за пратеничка фукнција.

„ Атрактивна е за мене затоа што имаш можност да се докажеш како менаџер. Да ги искажеш своите способности. Што можеш да сработиш за градот, се гледа. Така, на пример, со пренесување на надлежностите со градежно земјиште, доколку извршите урбанизација, продажба, се создаваат приходи. Ако не го направите тоа нема ни приходи, ни реализација. “

Но, неговиот колега по функција од Штип, Зоран Алексов ги посочува проблемите.

„Со некои законски решенија на пример, околу продажбата на градежно земјиште не се зголеми износот на парите коишто влегуваат процентуално во касата на општината. А, обврските и трошоците за работните места паднаа на товар на општината. Имаме флексибилност. И оние градоначалници коишто нема да знаат да го искористат тоа, всушност, имаат потешка ситуација од порано“

Кога располагаат со пари, дали на градоначалниците им расте моќта и во партијата која ги номинира, па, не мора да работат под нејзин диктат?

Еве како размислува штипскиот градоначалник Алексов:

Доколку градоначалникот е поставен од политичка партија, не може апсолутно секогаш да работи на своја рака. Треба да ги штити интересите на оние што го предложиле и чија поддршка ја добил. Меѓутоа и кај едните и кај другите апсолутно пред сè се граѓаните“

Војнески пак, од поинаква позиција, има и поинаков став:

„Јас сум независен кандидат, меѓутоа, и партиски да си, доколку за нешто интервентно се реагира, нема да се прашува ни партија. Треба веднаш да се излезе на терен и едноставно, да се сработи“

Градски татко, па татко на нацијата

Новинарот Амет смета дека силата на градоначалникот на метрополата доаѓа и од тоа што граѓаните гласаат за личност.

„ Ако го освоите градот Скопје, единствен којшто може да се мери според бројот на гласови е можеби е Претседателот на републиката, затоа што тој излегува на избори со два кандидати во втор круг и излегува според мнозински систем. Скопје, според население е една третина од Македонија и гледано од тој аспект произлегува неговата моќ пред сопствената партија. Тој можеби е идниот лидер на партијата“

Ваков пример е турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган кој кариерата ја почна како градоначалник на Истанбул. Или Жак Ширак кој, пред да стане француски претседател, се докажа како прв човек на Париз.

На опозицискиот митинг во Скопје, двајца од кандидатите, се чини најавија повисока цел од локалната.

Јани Макрадули од СДСМ кој влегува во трка за првата фотелја во Скопје.

„Им порачувам на ВМРО-ДПМНЕ - тргнуваме во политичка битка да Ве поразиме. Решени сме да ги запреме Вашите погрешни и криминални политики. Подготвени сме за враќање на нашиот украден град“

Или Андреј Жерновски од ЛДП кој е кандидат за градоначалник на Општина Центар.

„На следните избори нема да има битка помеѓу партиите во политичката левица,  десница и политичкиот центар, туку ќе има натпревар помеѓу партиите коишто се ЗА и оние коишто се ПРОТИВ демократска Македонија“

До изборите има уште неколку месеци. Опозицијата ги промовираше своите адути. Владејачките партии допрва ќе го сторат тоа. Тогаш и со сигурност ќе се знае дали на списокот ќе се најдат и некои од сегашните пратеници и министри, како што се шпекулира во јавноста. 

AddThis Social Bookmark Button