Мал штоф-голем костум

Центарот на Куманово, последните години е големо градилиште. Нема уличка во која не никнува, најмалку по една станбена зграда. Инвеститори коментираат дека причина за тоа е интересот на многумина кумановци кои се на гурбет во Авганистан, Ирак, Кувајт и во Катар. Тие најчесто работат за фирми кои се логистика на американската армија, а парите ги трошат на недвижности. Интензивната градба создава сообраќајни проблеми, а многу често се злоупотребуваат дозволите за градба.

Анализa  на Лидија Кировска Михајловиќ, Радио Браво, Куманово     

Куманово доживува урбанистичка експанзија. Посебно во изградба на високи згради во централното градско подрачје. Поради тоа, доаѓа до преголема концентрација на население и преголеми измени на Детални планови на централно градско подрачје, но, за жал, без изградба и на подземната инфраструктура.

Тоа е и причина поради која поранешниот инвеститор на колективен станбен објект, Дејан Гавриловски се одлучи да проговори за овој проблем.

„Имаше голема побарувачка, зборуваме за пред две години. Ние објектот го продадовме  исклучиво од економска причина, чисто од страв, неможност во нареден период да не не се продадат становите. Од аспект на преголема експанзија на број на издадени дозволи и број на слободни станови коишто ќе се појават“ 

Масовното градење на високoкатници во збиеното градско подрачје, предизвикува недостиг на паркинг места и го отежнува движењето во сообраќајот по и онака тесните улици.

Поднесува за ситно, гради на крупно

Кумановец говори за неговото искуство:

„ Добро е да се гради во нашиот град, но, да се има ред при изградбата. Додека се градат зградите, градежните материјали ги оставаат по тротоарите и по улиците. Кога ќе се изградат пак, сопствениците на становите и на дуќаните ги паркираат своите возила по тротоарите“

Секторот за урбанизам и комунални дејности во последните две години, во Куманово одобрило околу 250 барања за индивидуални и околу 15 барања за колективни градби. И тоа колективни згради со станбен простор од 50,000 квадратни метри. Но, многу често се случува индивидуалните градежни дозволи да се пренаменат во дозволи за колективна градба и со тоа, лесно да се создадат проблеми.

„Урбанистичкиот хаос несомнено настанува при издавањето дозволи за индивидуалните семејни куќи. Што значи, ние даваме одобрение од три до осум станбени единици, меѓутоа, на лице место имаме изградени објекти со 12 па, дури и со 24 станбени единици.“, вели Лидија Ланг Спасовска – раководител на Секторот за урбанизам и комунални дејности во општина Куманово.

И првиот човек на општината е незадоволен од сообраќајниот хаос во градот. За него вели ˮдека дошло до хаварија во урбанизмотˮ.

„Многу фази на промена на законите за градба и закони за урбанистичко и  просторно планирање доведе до една хаварија на самиот урбанизам. Не можете од мал штоф да направите голем костум. За мене, како перспектива, гледам проширување на градот и на градежниот опфат во  периферијата“, смета градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски.

Обрт

Дали ова интензивно инвестирање во градежништвото влијае врз развојот на локалната економија и кој има најмногу  корист од промената на Деталниот урбанистички план на градот?

„ Прво, влијае на буџетот на општината. Со пари добиени од надоместокот за уредување на градежно земјиште инвестираме во инфраструктурни објекти, во капитални објекти. Исто така, во самиот процес на градба се вклучуваат многу други гранки од стопанството, така што претпоставувам, дека сите ги чувствуваат благодатите од ова интензивирање на градбата што во моментов се случува во Куманово“, коментира Ланг-Спасовска.

Сите градби се прават врз основа на Детални урбанистички планови кои се во надлежност на локалната самоуправа. Се изготвуваат врз претходно изработен Генерален урбанистички план на градот. Во него се содржани сите собраќајници, енергетски, водоводни, канализациски, електрични и телефонски мрежи, кои засега, го издржуваат инвестицискиот притисок.

AddThis Social Bookmark Button