Државен.непријател.орг

По настаните од Маршот на толеранцијата во Скопје или протестите на АМАН низ државата, прашање е што се случува со граѓанските активисти обединети околу една идеја или во невладиниот сектор? Каква е нивната улога во општеството? Регионалниот поглед на невладиното движење покажува дека Македонија не е исклучок од сликата каде неретко граѓанските активисти се доживуваат како „непријатели “на државата.

Анализа на Весна Коловска

Интернет страница  www.popravimiskolu.org  е алатка за пријавување проблеми по училиштата и другите образовни институции во Босна и Херцеговина. На интерактивната мапа со црвено се означени градовите каде има училишта со пријавени и решени  проблеми. Некаде, тоа се тоалети од минатиот век, училници што прокиснуваат или училишта со лимено буре што служи за загревање на просториите. Страницата е дело на невладината организација „Зошто не“.

Дарко Бркан вели дека неговата организација и претходно се доживувала како контроверзна од страна на власта, иако имаат благородна цел. 

Платформата всушност содржи индикатори за тоа кои се проблемите, што значи дека пред сѐ е помош, отколку некој непријателски чин, бидејќи најчесто власта не знае кои се проблемите и што е тоа што на некој начин ги вознемирува учениците и студентите и сите оние кои се во образовниот процес“, вели Бркан, според кого, босанскиот невладин сектор е клише како и во целиот регион.

Како да нема проблеми

Во Албанија, според  активистот Енио Охри, во последните години, намалено е влијанието на невладиниот сектор. Тоа пак, вели тој, ја намали и заинтересираноста на граѓаните да влијаат врз трошењето на јавните финансии, образованието, здравството...

Начелно, ние и други организации се гледаме како непријатели или противници на власта. Има организации за кои јавноста знае дека имаат директни врски со партијата на власт. Но, во основа, невладините организации ја нотираат неправдата и проблемите на албанското општество. Власта не сака овие проблеми да излезат на виделина, а невладините ги етикетираат како антивладини или  проопозициски“, заклучува Охри.

Според него, невладините немаат пристап во медиумите како партиите. Поради тоа, граѓаните ги слушаат нивните тврдења дека нема проблеми. Затоа, според Охри, невладиниот сектор е присутен за да ги евидентира и потенцира тие проблеми иако е соочен со недостаток на фондови за работа.

„Поддршката за невладините организации опаѓа – финансиска, но и морална, па и техничка...Помош во секоја смисла. Моментот не е добар и работата на невладините во Албанија е во опаѓање“.

Од друга страна, во регионот недостасуваат активни граѓани, коишто се подготвени да го менуваат општеството во своја полза, забележува Драган Копривица од црногорскиот Центар за демократска транзиција.

Се плашам дека во овие дваесет години на талкање, транзиција...го имаме изгубено она што се нарекува активен граѓанин и вредноста на активниот граѓанин. Неговата желба да влијае врз промените во општеството, желбата да ги менува работите од оние најситните - комуналните во месната заедница, па, до некои крупни во државата. Мислам дека наша работа е да почнеме повторно да го создаваме тој граѓански слој, што ќе биде многу тешко, бидејќи во принцип, луѓето се незаинтересирани за многу важни прашања што се однесуваат на нив и на нивните животи“.

Промени без учество

Дарко Бркан од „Зашто не“ смета дека проблемот не е во активните граѓани, туку на социјалната динамика. Од нејзиното препознавање од страна на цивилното општество и желбата да предизвика промени во општеството.

„Тие (граѓаните) сакаат учество по прашање кое многу ги засега и за кое сметаат  дека можат нешто да променат. Ние треба да воспоставиме кредибилна основа за која тие веруваат дека тоа можат и да го остварат и во тој нивен краткотраен ангажман може да доведе до промени. Како активисти на граѓанското општество, треба да го препознаеме тој интерес на граѓаните и да понудиме начин на нивниот ангажман за тој да вроди со плод. И тогаш може да добиеме активен граѓанин“.

Се чини, некогаш активните граѓани се преселија на Интернет и на социјалните мрежи, па оттука, граѓанскиот сектор во регионот се соочи со нов предизвик, да создава платформи и алатки што ќе бидат доволно атрактивни за употреба. Потенцијалот во однос на бројот на невладини организации е огромен. Во Хрватска на пример, има околу 45.000 граѓански организации. Во Македонија се над 11.000. Прашање е колку од нив се активни.

Бардил Јашари од фондацијата Метаморфозис од Скопје смета дека цивилниот сектор има повеќе предности.

Невладините можат да послужат како многу голем ресурс и за бизнис секторот и за образовниот и академскиот сектор. Бидејќи во невладиниот сектор има собрано многу експертиза која може многу лесно да се употреби, а дополнително на тоа, невладините организации се отворени да го споделат тоа знаење

Граѓанските активисти сметаат дека алатки од типот на www.popravimiskolu.org треба да помогнат за мобилизација на граѓаните. Нивното поголемо учество ќе го оневозможи (помалку или повеќе) изразениот обид на секоја власт да го маргинализира влијанието на невладиниот сектор.


Метаморфозис

Проодност на граѓанските идеи

Неодамна во Скопје се одржа меѓународна конференција на тема „Отворено образование за отворено општество“ во организација на фондацијата Метаморфозис. Една од оценките беше дека отвореното општество овозможува поголема проодност на идеите на граѓаните, а со тоа и поголема шанса да станат дел од официјалната политика. Делови од конференцијата може да се погледнат на линкот: http://www.youtube.com/watch?v=hXDOU3MqNFA&feature=autoplay&list=ULlZrFOp5JIRo&playnext=2


 

 

AddThis Social Bookmark Button