Работи приватно, сонувај државно

Младите во Гостивар се најзаинтересирани за државна работа. Но, администрацијата не може да ги прими сите. Би го прифатиле ли младите занаетот како решение за работа?

Анализа на Мартина Стојанова од Радио Комета од Гостивар

„Па, да. Сум размислувала на таа тема и доколку имам поддршка од владата, би пробала“, вели една млада девојка што ја сретнавме во центарот на градот.

Еден друг млад минувач го прашавме дали би бил занаетчија во денешно време.

“Па да, би бил“.

Радио Комета: Со што се занимаваш моментно?

„Со поправка на машини за шиење“, вели младиот гостиварец.

Радио Комета: Значи, и тоа е еден вид на занаетчиство?

„Да, да“

Радио Комета: Како си задоволен од работата, од занаетот?

„Па, добро еˮ.

Радио Комета: Има или нема работа? Повеќе работа имаше порано или сега?

„Повеќе имаше порано. Сега е послабо, ама добро е“., одговара младиот занаетчија.

Претседателот на регионалната комора на занаетчии Назиф Мустафа вели дека во Гостивар и во регионот има околу 1.500 фирми што вршат занаетчиска дејност. Според него, во последно време дури и се зголемува бројот, затоа што од државата, преку Агенцијата за вработување има и олеснителни околности. Лицата, регистрирани како невработени може да добијат кредити и да отворат нивни фирми и со тоа, да се самовработат.

„Моментно сме во економска криза, која не е многу голема, ама се плашиме да не биде поголема. Ни треба силна соработка помеѓу Министерството за економоија, Стопанската комора на Република Македонија, општините и ние, регионалните занаетчиски комори во активности за развој на стопанството во регионот“, коментира Мустафа.

Реткост

 

Меѓутоа, и покрај поддршката од државата, ретки се примерите на младите што ги наследуваат семејните занаети.

Арсе Цветаноски е познат кораџија во Гостивар. Засега ја има поддршката на синот.

„Синот помага, работи со мене, меѓутоа не верувам дека сака да ја наследи работата, зашто е физички тешка работа. Помладите бараат нешто полесно. Горе-доле што велат постарите, греота е да се пожалиш, сме го крпеле животот, добар бил, некои години бил добар, меѓутоа, еве, во последно време и државата ни е во таков систем, економски е слаба. Но, за едно парче леб може да се работи“.

Синот на Арсе ја изучил, ја работи и засега има план да ја наследи работата на својот татко.

„Се занимаваме со кораџиство од дедо, прадедедо. Работам околу 15-16 години. Почнав уште на 14-15 годишна возраст. Добро го совладувам занаетот. Има периоди кога има сезона на работа кога се нашите празници-Велигденските. Исто и за муслиманските празници има повеќе работа. Може и сам да се работи со повеќе трчање, повеќе работа“.

Занаетчиството во Гостивар сѐ уште е важен сегмент во животот на луѓето. Освен стопанското значење, тој е многу важен дел во создавањето на меѓучовечки односи. 

AddThis Social Bookmark Button