Балкан виа Хаг

Хашкиот Трибунал ги ослободи до неодамна посочуваните виновници за воени злосторства против човештвото во регионот. Едно од толкувањата е дека одлуката на судот, Балканот го врати на почеток на кревкото помирување, а земјите од реонот е пред нови искушенија. Според друго, пак, на балканците им е доста од војни. Па, и од соништата за Голема Албанија, за Голема Србија...Прашуваме  колку враќањето дома на Анте Готовина и на Рамуш Харадинај ќе ги разбуди националистите во турбулентниот Западен Балкан?

Анализа на Весна Коловска

На плоштадот во Загреб, народот го дочека поранешниот генерал Анте Готовина.  

Неколку дена подоцна во Приштина се славеше враќањето на екс-командантот на ОВК Рамуш Харадинај.

И на двата настана им претходеа ослободителни пресуди во Судот за воени злосторства во Хаг. Меѓународниот суд не успеа да ја утврди вината кај посочените поранешни  команданти во воени дејствија, во кои илјадници луѓе ги загубија животите или исчезнаа. Регионот е возбуден.

Што е следното што може да го очекуваме?

Според професорот на Правниот факултет во Сараево Здравко Гребо, пресудите направија помали турбуленции во, како што го нарече регионот „веселото парче земја“. Едни беа во еуфорија, други беа бесни.

Тие пресуди секако повторно ги актуелизираа сите болни прашања  - што ни се случи од 1990 година до денес, дали повторно е загрозено помирувањето, кое изгледа еден период го имаше. Се чини, дека последиците ќе ги почувствувате и во Македонија. Поради Харадинај и Косово, особено во Западна Македонија, состојбата повторно може да се исполитизира. Тука на никој не му е лесно“.

Последици

Во најмала рака, според професорот Гребо, уште долго ќе ги чувствуваме последиците од двете пресуди на Хаг.

Добро, прославата е прослава, знамињата се знамиња и сето тоа е во ред. Но, тоа што го видов околу прославата на 100 години, нема да помине туку така. Таа идеја  за Голема Албанија не е мртва и ќе бидеа актуелна. И тоа ќе бара многу толеранција и трпение внатре, во Македонија, за тие односи да се држат под контрола. Во спротивно, секогаш можат да ескалираат во судир.  Не сакам да бидам гласник на лоши вести, но, се плашам дека ве чекаат тешки времиња“.

Меѓутоа, според професорката Билјана Ванковска, времето на војни помина, а граѓаните од регионот се сити од насилство. Според неа, романтичарскиот национализам не е на цена во време кога регионалните политичари чукаат и се молат пред вратата на Европската Унија. 

Ако ние за ЕУ размислуваме како начин на интеграција на повеќе нивоа и тоа, првенствено интеграција на луѓето, а потоа и на државите и на народите, овде имаме сфаќање на ЕУ како начин на остварување на нашите големи соништа. Тоа е апсурдно. Тоа покажува дека ние во европеизацијата не сме го сфатиле штосот и не сме ја сфатиле пораката зошто Французите и Германците се помирија и што тоа значеше за мирот на Континентот. Сѐ уште во тој дел сме Балканци“.

И поранешниот хрватски генерал Анте Готовина и екс-командантот на ОВК, Рамуш Харадинај најавуваат активна политичка кариера.

Професорот Назми Малиќи, кој ја следел нивната кариера, вели дека како политичари, тие нема да играат на картата на национализмот.

Мислам дека тие нема да бидат во политиката на национализмот  и на радикализмот, затоа што гледајќи како се движела нивната кариера, можеби тие сакаат да ја потврдат одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, а тоа е, дека таа е праведна. Очекувам нивниот однос да биде многу потолерантен, многу попозитивен од некои политичари кои се на сцена и во Косово и во Хрватска“.

Според  Малиќи, после толку војни и недоразбирања треба да се следи примерот на Франција и Германија за градење на соработка меѓу народите на балканските простори. Тој смета дека доаѓа време на помирување.

Помирување

Борецот за човекови права Наташа Кандиќ вели дека после сѐ, треба да се зборува за жртвите и за помирувањето.

На помирувањето му нема алтернатива. Постојат идни генерации. Светот, Балканот, Европа одат напред. Поради злосторствата за кои се одговорни и денешните власти секаде, затоа што не преземаат ништо за да се надвладее тоа тешко наследство, не може да кажеме дека нема повеќе разговори со соседите. Соработката на планот на помирување е неопходна“.

Можно ли е помирување на Балканот во кој, според едни аналитичари „живеат народи склони кон насилство, а со годините ништо не се изменило, освен воената технологија“. Според други, неправедна е перцепцијата за Балканот, кој имал повеќе увезени конфликти, отколку што самите народи ги создале. 

Учесникот во конфликтот во Македонија од 2001 година и поранешен пратеник Абедин Зумбери смета дека не треба да се разговара за блиското минато, туку за помирувањето.

 „Ако јас, кој изгубил десет члена од семејството во тој конфликт, сум подготвен да подадам рака на помирување, нека ми каже кој е тој што ќе ја спречи таа рака и нема да ја подаде својата“. 

Уметници, интелектуалци, професори, политичари и обични луѓе од регионот ја подржаа идејата за создавање комисија која ќе се занимава со жртвите и со помирувањето. Или како што еден од нејзинитеиницијатори, хрватскиот интелектуалец Жарко Пуховски, кој обраќајќи им се на политичарите вели – ˮКога веќе не ви оди со живите, обидете се мртвитеˮ. 

AddThis Social Bookmark Button