Се враќа Амон Ра

Египет во сабота ќе гласа на референдум за новиот устав. Овој проект на  претседателот  Мохамед Морси, либералните сили го гледаат како ограничување на демократските процеси што почнаа по соборувањето од власт на децениски „цврстата рака“ Хосни Мубарак. Мирните демонстрации на опозицијата прераснуваат во крвави. Лошите потези на првиот демократски избран претседател ставија сол на рана на поделеното општество, обременето со сиромаштија и со голема неврабоеност.

Анализа на Душко Арсовски

Црвеното Море беше јадица за странските гости до пред две години. Египет имаше милијарди долари приходи од туризам. Нудеше ефтино, а луксузно летување. По арапската пролет, државата не може да излезе од политичка криза, па за претстојните божикни празници се откажани сите аранжмани. 

Откако на власт дојде Мохамед Морси од партијата Муслимански браќа, во Египет владее неизвесност, а граѓаните се непријатно изненадени. Меѓу нив и Карим Анвар млад бизнисмен од Александрија. За Диверзити Медиа објаснува:

„Не очекувавме оваа диктатура толку силно да расте за неколку месеци. Го сметавме кандидатот на Муслиманското братство Мохамед Морси за умерен Исламист а не за радикален. Сега покажува повеќе радикално и насилно лице и тоа беше многу големо изненадување за мене, а и за сите. “

Радикализација

Анвар политички се активира со намера, како што вели, да успее граѓанскиот концепт на држава. Тој сега е заменик генерален секретар на малата опозициска Либерална партија за слобода која има еден пратеник во 508- члениот Парламент на Египет. Деновиве е постојано на протести против одлуката на претседателот Морси за рефрендум за нов устав кој многумина во земјата го сметаат за недемократски и избрзан чекор. Меѓу другото се кратат и правата на жените.

„Беше испратена порака до исламските радикали дека не можат да ја сменат граѓанската држава во Египет. Не можат да ја свртат земјата кон Иран, кон Авганистан. Ние би сакале да бидеме блиску до начинот на кој се однесува Турција на меѓународната сцена“, рече Анвар.  

Протестите дополнително ги вжешти Декретот на египетскиот претседател со кој си даде неограничени овластувања до стапувањето во сила на новиот устав.


Муслиманско братство, формирана 1923 беше единствената организирана партија додека на власт беше Хосни Мубарак, покрај неговата Национална демократска партија која се распадна по револуцијата. 


 

Демонстранти ја обиколија претседателската палата, имаше и пет жртви, но дури и тоа не ги натера незадоволните да се повлечат.

„Не ќе можеме да зборуваме- нема да се слушне нашиот глас. Морси се направи себеси неприкосновен и вели дека тоа е привремено. Нема да веруваме во тоа.  “

„Овде сме се додека тој не си замине затоа што не сака да го повлече декретот. Морси не ни зборува нам туку само на неговиот клан и на Муслиманското братство, а ние не сме дел од тоа“

Мохамед Морси викендот отстапи од Декретот, но не и од референдумот за нов Устав закажан за во сабота. Ја овласти војската да апси доколку биде приморана. Претходно, во обраќањето до нацијата што многумина го оценија како копија на Мубарак, тој беше дециден.

„Обезбедувањето на претседателските декрети и закони не може да значи оправдување за судството да не ги извршува своите обврски. Не може да биде оправдување за граѓаните да ги предизвикуваат одлуките или законите. Претседателскиот декрет не може да се користи за прашања што се однесуваат на суверенитетот на државата“, порача Морси.

(Не)толеранција

Офелија Гаџовска Садек 18 години живее во Египет. Таа е мажена за Египјанец Христијанин. Загрижена е што полека изминува времето кога постоело верска и етничка толеранција во земјата.

„Египет е една од ретките држави во светот каде што странците се ценети и каде многу лесно се наоѓа работа. Многу подобро се платени странците отколку Египјаните. Изгледа многу нелогично, но тоа е така. Сите грешки што како странци сме ги правеле ни се простуваат. Меѓутоа во последните 2-3 месеца се чувствува растечкиот исламизам, луѓето на улица веќе не гледаат на странците со позитивост како порано. “, вели Садек.

И родените Египјани како Карим Анвар не знаат што ги чека во иднина со власта на Муслиманските браќа.

„Се плашиме исламската сила да завладее со политичката сцена и низ Египет. Но веруваме на нашите луѓе, во силата на граѓаните. Народот ќе се подигне повторно и ќе успее да се спротистави. “, уверува Анвар.

Гаџовска е уште подиректна во однос на тоа што ќе значи новиот Устав на Египет.

„Ќе се даде власт на Ал Ахсар да може да ги интерпретираат амандманите како што тие сакаат, а од тоа опозицијата се плаши најмногу. Не е ништо сигурно, колку амандмани ќе се сменат, колку навистина Исламот ќе навлезе во сите сегменти на секојдневниот живот. “, смета таа.

Поделеност

Според некои аналитичари ова е една страна на проблемот во Египет. Арам Нергузијан од вашингтонскиот Центар за стратегиски и меѓународни студии објаснува:

„Она што го имаме е реалноста дека египетската држава е поделена меѓу секторите- безбедносни сили, судство и другите елементи на Владат. На многу начини тие се борат меѓу себе. Кој ќе има поголемо влијание врз Уставот, чии структури на богатство ќе се наметнат, чии работни места ќе бидат осигурани.“

Во држава со 34 отсто невработеност, сигурна егзистенција има за вработените во јавната служба.

Платите не надминуваат 180 долари, па затоа секој има и втора работа за да преживее“, вели Гаџовска Садек. „Се чувствува дека ништо не функционира. Петнаесет илјади мали приватни фабрики се затворени, нема работа, платите не се зголемени. Се чекаат редици за бензин, гасот поскапе, а тој е главното нешто што Египјаните го користат и затоа тие се чувствуваат дека се излажани. “

Египет во последните месеци доби 10 милијарди долари странска помош за да се справи со кризата, но набргу ги загуби поради падот на берзата. Единствениот успех на Морси може да се смета тоа што со негово посредништво дојде до примирје меѓу Палестинците и Израелците. Но од тоа малку корист имаат туристичките работници. Меката за странски гости во времето на Мубарак сега бавно се обидува да се врати на старите патеки. Но исламистичката власт најавува забрана за носење провокативни костими за капење и пиење алкохол на плажа. Ако се реализира ова ќе биде завршен удар за туризмот, оценуваат познавачите.


БДП 255 милијарди долари. Туризмот учествува со 11% и вработува 15% од населението.


 

 

AddThis Social Bookmark Button