Warning: Invalid argument supplied for foreach() in /home/diversity/public_html/libraries/joomla/database/database/mysql.php on line 383

Warning: Invalid argument supplied for foreach() in /home/diversity/public_html/libraries/joomla/database/database/mysql.php on line 383

Warning: Invalid argument supplied for foreach() in /home/diversity/public_html/libraries/joomla/database/table.php on line 409

Конкретни чекори или конкретно решение

Македонија не доби датум за почеток на преговорите за влез во Европската Унија. Сепак, во пораките од Брисел имаше еден нов речник со кој се предлага рамка за забрзување на интеграцискиот процес. Најголемите скептици ова го сметаат за милиметарски чекор, додека, пак, за оптимистите оваа иновација од страна на ЕУ е достигнување. Како треба да се гледа последниот извештај и дали треба да се искористат препораките за еден нов момент што би донел решенија, посебно за спорот за името со Грција?

Анализа на Назим Рашиди

Еврокомесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, по пораките од Брисел во врска со Македонија во средата, на Tweeter напиша дека Скопје има реална  и остварлива перспектива да ги почне преговорите, нешто што, како што вели, не треба да се пропушти.

Но, не сите во Скопје ги прифатија препораките со ентузијазам.

Новинарката Ѓераќина Тухина која известува од Брисел, вели дека за прв пат се зборува за конкретни чекори кон решавање на проблемот со името:

„До сега, како во процесите на ЕУ, така и оние на НАТО официјално Скопје се соочуваше со еден вид на уцена. Решение за името, па потоа интеграција. Сега е оставен простор за до пролетта 2013 година, да се покаже еден вид на попуштање, еден вид на подготвеност за компромис со Грција, со цел да се отворат преговорите за членство. Тоа е малку пооптимистична околност, поприфатлива за Скопје. Зашто не се бара конкретно решение, туку конкретни чекори и отворена подготвеност за промени “, вели Тухина.

Прашањето што произлегува од овие пораки од Брисел е дали Македонија ќе почне да бара решение за прашањето за името до пролетта 2013, како што впрочем е и предложено од страна на ЕУ.

Шанса

И Лидија Димова од Центарот за европско образование вели дека одлуката од ЕУ, во средата, треба да се гледа како можност за почеток на преговорите во јуни.

Според неа, тоа е можно само ако до март се постигне одреден напредок во реформите утврдени со дијалогот на високо ниво. Во тој случај ќе започне фазата на оценување, позната како скрининг, што всушност значи и почеток на преговорите. Во втората фаза ќе треба да се развие рамка за преговорите за изнаоѓање на решение за името, односно преговори што треба да се завршат за краток период, а не решение. Ако се постигне тоа, Димова вели дека Грција веќе нема да може да стави вето.

„Ако до јуни ги направиме сите соодветни чекори, Грција во јуни нема да да може да стави вето. Што ќе биде аргументот по ваквите заклучоци од Брисел?! Тоа практично ќе значи дека во јуни може да се добие датум за почеток на преговорите. Но, јас се сомневам во желбата и капацитетот на Владата“, вели Димова.

Според неа промена на името е неопходна, а тој процес според неа, треба да го започне премиерот Никола Груевски.

Но, дали ќе се прифати промена на името? Досега Груевски се покажа многу дециден.

Време за одлуки

Според набљудувачите, веројатноста за постигнување на решение е мала. Аналитичарот Алберт Хани вели дека Премиерот, кој го носи најголемиот товар за прифаќање на компромисот, не покажува некоја голема подготвеност.

„Од очајот и од револтот на Премиерот од конечната одлука, може да се донесат одлуки што може да се базираат на емоции, што, пак, може да доведе до влошување на проблемот“, смета тој.

Што ќе се случи ако не се користи можноста за започнување на решавање на прашањето за името? Хани смета дека е време за важни одлуки.

„Едноставно треба да разбереме дека ние сме дел од Европа, каде што ние треба да живееме и треба да носиме одлуки, што понекогаш и не се толку популарни.“, вели Хани.

Лидија Димова е скептична.

„Ако и кажеме збогум на ЕУ тогаш би се направила една стратешка грешка и јас искрено би почнала да мислам како да ги тргнам моите деца од државата“, вели Димова, директор на Центарот за европско образование.

Последниот извештај од Брисел уште еднаш јасно покажа дека без затварање на билатералните прашања, на Македонија ќе и биде тешко да влезе во Европскиот клуб. Во меѓувреме, се чини дека може да се појават и други предизвици, како што е случајот со Бугарија.

Во таква констелација станува итна потребата од одлуката за тоа дали овие прашања за Македонија ќе останат да бидат третирани како од земја членка на ЕУ . Таа одлука треба да биде донесена од страна на актуелната политичка гарнитура која за тоа доби време до пролетта 2013 година. Во спротивно, како што се вели, може да се појават и нови визии.

 

 

AddThis Social Bookmark Button