Двајца притискаат, третиот во небрано

Dvajca pritiskaat, tretiot vo nebrano by Diversity Media on Mixcloud

Бугарија е незадоволна од негативната кампања што против неа се води во Македонија и негувањето на добрососедските односи го постави како услов за македонската ЕУ - интеграција. Вака во бугарските кругови се толкува неодамнешниот потег на Бугарија, кој за македонските аналитичари е сигнал дека на патот до ЕУ, Македонија ќе ја очекуваат нови и нови соседски пречки.

Анализа на Весна Коловска

Македонскиот кандидат за Оскар, филмот „Трето полувреме“ во чија приказна Бугарите ги депортираат Евреите од Македонија, во Бугарија беше оценет како врв на антибугарската кампања во Македонија. Два месеци по неговата официјална премиера, Бугарија во Европската унија добрососедството го наметна како еден од критериумите за влез на Македонија во Унијата. Според бугарскиот аналитичар и долгогодишен проследувач на македонско – бугарските односи, Николај Крастев, Бугарија е погодена од негативната кампања во Македонија.

Македонија треба да се движи кон ЕУ. Но, едноставно, критериумите на Брисел се такви што налагаат да се почитуваат добрососедските односи, да бидат намалени тензиите меѓу соседите. Тоа е задолжително. И нам многу од тоа не ни се допаѓаше, но кога човек сака да влезе во едно семејство, во една група, тој моли за тоа и тој треба да се прилагодува“.

Одредувањето рокови во кои треба да бидат решени одреден број спорови со соседите како услов за започнување на преговорите, според поранешниот македонски амбасадор во Софија, Ѓорги Спасов е дискриминаторски чин кон Македонија. Според него, се воведуваат нови критериуми кои што досега не важеле за ниту една земја-кандидат на ЕУ.

„Добрососедските односи не се нов критериум за членство. Но, зависи што ќе се бара од Македонија. Ако се бараше од Кипар да има добрососедски односи со Турција, таа  никогаш немаше да стане членка на ЕУ. Работите на Балканот се сложени и инсистирањата да се признае само вистината на еден сосед ги компликува односите и ги загрозува перспективите„.

Пиши бриши

Според Спасов, сè ќе зависи од тоа дали во Бугарија ќе надвладее ставот на поранешните претседатели на Бугарија – Жељу Желев, Георги Прванов и Петар Стојанов или ставот на Бојко Борисов и Росен Плевнелиев, кои во овој момент, пред изборите во Грција, кокетираат со бугарскиот национализам.

Бугарскиот државен врв го постави прашањето за третманот на бугарското национално малцинство во Македонија.

Николај Крастев вели дека тоа не е израз на национализам, туку обид во кој Бугарија ги штити своите национални интереси.

Секоја членка на ЕУ инсистира на заштита на своето малцинство, за разлика од Бугарија, која го занемари во изминатите 10 – 12 години. Ова решение не е само однос кон Македонија, туку и кон нашите партнери во ЕУ. Да видат дека Бугарија има позиции што не може да ги промени и сака да ги заштити своите национални малцинства. Тоа е политика на многу европски држави и Бугарија не измислува „топла вода“.

Освен тоа, бугарскиот државен врв побара повторно потпишување на договорот за билатерални односи со Македонија, бидејќи според толкувањата, од нејзиното потпишување во 1999 година досега, многу нешта се промениле. Бугарија не го признава македонскиот јазик, па за овој договор, на иницијатива на тогашниот заменик-министер за надворешни работи, Борис Трајковски, се најде компромис во потпишување на документот на двата официјални јазика на двете држави.

Крастев вели дека и сега може да се најде решение.

Нема да кажам ништо ново ако кажам дека Бугарија не го признава македонскиот јазик. Скопје не е среќно од тој факт. Но, тоа може лесно да биде надминато. Може да се искористи истата формула. Во Бугарија во моментов, никој не го поставува прашањето за македонскиот јазик“.

Лавиринт

Меѓутоа, дел од македонските интелектуалци велат дека решението речиси е невозможно кога една држава условува со идентитетски прашања на друга.

Универзитетскиот професор по историја Далибор Јовановски смета дека Бугарија може да биде крајно сериозна пречка за македонските евро-атлантски интеграции.

Бугарија влезе во игра на блокирање на Македонија. Мора да признаам дека беше очекувано, ако ги следиме нивните изјави во последните 10 – 15 години. Бугарија прва нè призна како држава, поточно како територија во нивните очи. Но, не сакаше да ја признае посебноста на македонскиот јазик и македонскиот идентитет на македонската нација“.

Тогаш, како Македонија може да излезе од лавиринтот на соседските условувања? За професор Јовановски сè би било полесно кога би биле дел од ист сојуз.

Тогаш не би се ни поставувало тоа прашање. Едноставно, би се оставило да го решаваат историчарите, етнолозите, лингвистите...би го решавале на конференции. Политичарите не би имале никакви улога. И токму поради тоа е блокирањето на Македонија од страна на двете соседни држави“.

Соговорниците на Диверзити медиа се скептици дека до напролет, до кога ЕУ даде временска рамка е невозможно да се поместат работите. Меѓутоа и потсетуваат на решението на словенечко – хрватско спор, постигнат со притисок врз двете страни.

AddThis Social Bookmark Button