Сите за еден, еден за сите

Site za eden, eden za site by Diversity Media on Mixcloud

Во предизборната атмосфера во Македонија, потенцијалната кандидатура на Абдулменаф Беџети, како кандидат на НДП за шеф на Тетово, даде нова динамика на политичката сцена во албанскиот блок. Според набљудувачите, трката ќе се заснова на длабока политичка база, имајќи ги предвид можните профили на кандидатите. Некои, пак, велат дека оваа ситуација може да влијае на квалитетот на понудите и во македонскиот политички блок

Анализа на Назим Рашиди

Можната кандидатурата на Абдулменаф Беџети за градоначалник на Тетово, создава ново тло во политичкиот натпревар со поголеми ефекти. Додека Сади Беџети, актуелен градоначалник од редовите на ДПА ќе се обиде да ја задржи позицијата, трката помеѓу нив ќе се претвори во натпревар помеѓу почитувани професионалци. Големи се шансите, сите што ќе се тркаат за прв човек на Тетово да бидат професори, ако во битката се вклучи и Теута Арифи, која не е единствениот можен кандидат од редовите на ДУИ.

Башким Бакиу, експерт во областа на децентрализацијата вели дека поради квалитетните кандидати, во партиите се создала динамика од која корист имаат самите граѓаните. Најмногу поради поквалитетните понуди.

"Ова влијае на квалитетот на дебатата за локални избори, но и на квалитетот на кандидатите понудени од политичките партии. Партиите знаат дека локалните избори имаат своја карактеристика, бидејќи често се поврзуваат со професионалните вештини на кандидатот ", вели Бакиу.

Нова динамика

Ефектите од евентуалното кандидирање на Абдулменаф Беџети, според соговорниците на Диверзити Медиа, од Тетово може да се прошират во целата земја.

Незадоволството и апатијата, кои се во пораст кај граѓаните, може да предизвикаат притисок, внатре во партиите, за тие да понудат поквалитетни кандидати. Особено во градовите, каде досегашните градоначалниците не покажале резултати.

"На овој начин, политичките субјекти ќе имаат тенденција да го зголемат нивото на политичките натпреварувачи, отворено "казнувајќи ги" тие што немале успех", вели Артан Садику од Институтот за општествени и хуманистички науки и додава:

"Една нова политичка фигура несомнено предизвикува движење во партиите, за и тие да излезат со поконкурентни кандидати. По примерот на НДП, која иако помала партија, сугерира можен успешен кандидат за Тетово и така поставува стандард што другите партии ќе се обидат да го следат ".

Дебатата само албанска

Дали повисокиот квалитет на кандидатите и дебатата во албанскиот блок може да влијае и врз македонскиот дел од политиката?

Дел од соговорниците на Диверзити Медиа велат дека ако претходно се претпоставуваше дека македонската политика претежно влијаеше врз албанската, сега можен е обратен процес.

Васко Попетрески е новинар кој со години ја следи македонската политичка сцена.

"Дебатата ќе се одвива главно на албански јазик. Голем дел од мнозинската заедница, македонската, нема да ја видат, ниту да ја чујат дебатата, па таа ќе остане локализирана", вели Попетрески.

Тој смета дека албанската средина, иако не е идеална, моментно е подемократска од македонската политичка средина.

Набљудувачите велат дека е редно политичките субјекти да донесат иновација во нивните политики, без разлика што понекогаш тоа се прави од конкуренција. Младите кадри, професионалците, не само што ќе треба да го водат општеството напред дејствувајќи со логиката на времето, туку истовремено и ќе им се доближат на гласачите.

AddThis Social Bookmark Button