Национализмот го тресе Балканот-државите го потхрануваат

Nacionalizam - mak novo by DiversityMedia

Земјите во регионот страдаат од национализам без разлика дали се кандидатки или членки на Европската Унија. Според примерот на Македонија и на Бугарија, алармантно е што национализмот го потхрануваат актуелните влади.

Пописот, барикадите на граница, кампањата за подигнување гигантски споменици, забрана на геј парада, анти-ромските протести, настани што го брануваат Балканот во последно време, имаат заедничка точка.

Кога свечено беше пуштена фонатаната под огромниот споменик „Воин на коњ“ на централниот плоштад во Скопје, присутните беа единствени во ставот дека тоа е новата македонска гордост. Но, фактот дека настанот помина без претставници на албанската- втората најголема етничка заедница во Македонија, даде друг тон.

„ Воинот на коњ“ се најде и во последниот извештај на Европската Комисија, која го оценува како дел од „активности кои би можеле негативно да влијаат врз добрососедските односи “ , (алудирајќи на Грција).

Универзитетскиот професор Нано Ружин во ваквите проекти финансирани од Владата гледа национализам потхранет од државата.

-Сите овие проекти со некои симболични значења каде што се истакнува нашиот корен, нашите антички занеси, еден вид масовен опиум на народот, а во функција на јакнење на политичкиот рејтинг на владејачката гарнитура е форма на национализам кој ги преминува границите на просечното, вели Ружин.

За македонскиот премиер Никола Груевски нема ништо спорно во проектот иако тој е критикуван од неговите политички противници и од дел од јавноста. Еве како ја објасни потребата за промена на ликот на Скопје во говорот на прославата на 8 септември годинава, по повод 20 години независност на државата.

- Тие се дела на Македонија, создадени од сите нас кои живееме тука како потврда дека не сме заборавиле кои се вредностите оставени во аманет и што за нас е над се’- слободна и независна држава Македонија, рече тогаш Груевски.

Националистички елементи во проектите на владата виде и новинарот на СиЕнЕн во прилогот со кој почна серијата за Македонија неодамна.

За едни има, за други нема траги од национализам поттикнат од државата

Што значи државна националистичка политика, се чини,  најдобро знаат граѓаните на Србија. И 12 години по крајот на владеењето на Слободан Милошевиќ, тие се уште ги чувствуваат последиците, оценува новинарката на ТВ Војводина, Даница Вучениќ. Иако генерално сликата е сменета сепак, актуелната демократска власт оди пресметано со националистички испади од поединци и групи без да ги поддржи но, и без да ги осуди, објаснува Вучениќ. Тоа, според нејзе, значи поигрување со свеста на националистички настроеното избирачко тело.

- Тоа кокетирање се покажа со откажаната геј- парада. Тоа кокетирање се гледа во односот  кон северот на Косово. Овде сите знаат дека северот на Косово мора да се реши со посредство на меѓународната заедница. А, од друга страна тие не се во состојба јасно и гласно да им дадат порака на Србите да се повлечат од барикадите затоа што постојано се плашат дека ќе бидат прогласени за предавници, смета таа.

И попис може да поттикне национализам. Таков е на пример, случајот со Албанија каде малцинските заедници како Македонците и Грците, ја бојкотираа оваа операција со објаснување дека се ограничени слободно да се изјаснат за етничката и верска припадност само во определени региони, а не на целата територија на државата. Од друга страна Крешник Спахиу, заменикот претседателот на Албанскиот виш совет за мониторинг на судството со кој раководи шефот на државата, отворено се противи на можноста за етничко изјаснување воопшто да постои.

За политикологот од Тирана, Ермал Хасимја сето ова не е алармантно.

- Заради определена зависност од другите држави особено Грција, елементите на национализмот се навистина ограничени. Во случајот со Албанија не можеме да видиме знаци на државно спонзориран национализам. Има одредни случаи но, тие не се поврзани со државата туку со поединци, посочува Хасимја.

Национализмот може да ја распадне Унијата?!

Дека и Европската Унија каде не е имуна на национализам спонзориран од државата покажува примерот на Бугарија. До неодамна министер во актуелната влада беше Бождар Димитров, гласен антимакедонист. Новинарката Аделина Марини посочува дека последна манифестација на национализам се масовните антиромски протести поттикнати од самоволието на бугарски бизнисмен етнички ром. Вината на државата е што му дозволила со години да не плаќа даноци.

- Ние имаме проблем со прекршување на законот кои пак се маскираат со објаснување за етничка нетолеранција кое води кон засилување на етничката нетолеранција. Според мене тоа е многу опасно особено сега, кога самата Европска Унија има многу сериозни проблеми, ние да создаваме нови. Тоа може да доведе дури и до распаѓање на Унијата! предупредува Марини.

Анономен дипломат од Брисел за Диверзити Медиа објаснува дека Европската Унија ги следи случувањата поврзани со национализмот во регионот. Како позитивна ја посочува одлуката на Србија да се извини за војната во Хрватска и за масакрот во Сребреница од деведесеттите години. Нашиот извор укажува дека негативно е тоа што и во некои земји-членки власта го подгрева национализмот без да биде посериозно казнета.  На пример кампањата против Ромите во Франција помина без санкции од Унијата. Од друга страна пак, во случајот со Австрија се покажа дека постојат инструменти. Во 1999 година кога таму дел од власта стана ултрадесничарот Јерг Хајдер, Унијата ги замрзна односите со оваа земја-членка, а Хајдер беше принуден да се повлече. Ова е веројатно и најдобар пример дека националистичката државна политика води кон изолација. На тоа укажува и Ружин.

- Ќе ни се случи една психолошка граница помеѓу, ние, кои што не сме членови на ЕУ и на НАТО и оние коишто се членови. И веројатно тоа ќе биде помножено со одредени негативни последици за идните генерации и за нивната неможност да се размешаат со тој развиен свет и со животниот стандард и конечно со недоволно имање солидарност во случај нешто да ни се случи како што се случува денес во Грција, вели Ружин.

Ова, се чини е најдобар пример кон што може да доведе националистичката државна политика – кон изолација. 

AddThis Social Bookmark Button