Буџет како Тантал

Budzet kako Tantal by Diversity Media on Mixcloud

По неколкудневни натегања, протести и отпор на опозицијата, собраниското мнозинство го донесе буџетот за иднатагодина. Вградени се 44 амандмани од коалицијата предводена од СДСМ но, не помина нејзиниот предлог за кратење за непродуктивни трошења од над 200 милиони евра. Експертите се поделени во ставот дали на овој начин грубо е прекршена процедурата. Аналитичари оценуваат дека овој потег на власта ќе има политички последици.  

Анализа на Душко Арсовски

Тензичната атмосфера внатре и надвор од Собранието заврши со донесен Буџет за 2013 година, без присуство на опозициските пратеници предводени од СДСМ. Откако се обидоа да не дозволат мнозинството да гласа, полициски специјалци ги исфрлија од салата, при што некои тврдеа дека се грубо влечени и повредени.

Експертската јавност има спротиставени мислења дали на овој начин е прекршена процедурата. Универзитетската професорка по уставно право Тања Каракамишева е децидна дека се’ е во рамките на Законот, а според неа, власта не е таа која претерала. Дури можела да ја искористи можноста за носење на буџетот по итна постапка.

„Опозицијата може да сугерира, може да дава мислења, ама не смее по секоја цена да инсистира да се прифатат нејзините амандмани. Тоа никаде го нема во светот. Не може опозицијата да седне во столчето на власта. Ако власта не е во право со донесување на ваков буџет, граѓаните се тие коишто ќе ја сменат власта, доколку навистина се работи за непродуктивни трошења.“

Обврски и одговорности

Но, нејзиниот колега Беким Кадриу не се согласува со ова.

“Според мене, има процедурални прекршувањапоради фактот дека не се дебатира и нема поединечна амандманска расправа на матичната комисијаа тоа се Комисијата за финасии и буџет и Законодавно-правната комисија. Ова е обврска според деловникот што мислам дека може да влијае некој, вклучувајќи ја и опозицијата да покрене иницијатива пред Уставниот суд, бидејќи одобрување на буџетот на ваков начин може да е спротивстави во однос на уставноста

Каракамишева додава дека власта можела да употреби и друг механизам и укажува дека власта не смеела да дозволи неносење на буџетот до Нова година, зашто таа ја има одговорноста.

„Што ќе се случи ако наредниот временски период во 2013 година имаме тотален колапс на државата, на стопанството и на институциите? Кој ќе биде одговорен? Буџетот не е едноставно законско решение, па да кажеме сега ќе се мислиме и ќе се препираме. Буџетот е суштина на системот и суштина на државата. “

Според Кадриу пак, начинот на кој е донесен виталниот документ ќе предизвика последици.

„Одлуките во Собранието не се носат на тој начин. Секоја таква форма на носење на каква било одлука, вклучувајќи го и буџетот, ги зголемува сомнежите, генерално за демократија, за односите власт – опозиција, за слободата на изразување“

Носењето на буџетот во независна Македонија вообичаено беше проследено без големи јавни дебати. Но, сега се чини,прв пат се издигна висoко и во медиумите.

Совест

Новинарката Ида Протугер, жесток критичар на владините економски политики, го оспорува документот усвоен на сила.

„Во крајно матна ситуација се носи буџетот и мислам дека ќе биде нелигитимен и мислам дека не е возможно да се најде низ иглени уши и преку некакви квази-законски процедури. Ова нема да биде буџет донесен на легален начин. Ќе си го тераат буџетот, меѓутоа незадоволството ќе се прелее на улица. “

Опозицијата веќе најави дека се повлекува од работата на Собранието и повика на граѓанска непослушност. Овој и претходните потези на СДСМ и на неговите партнери е перење на совеста зашто години по ред, додека беше на власт,на ист начин ја кроеше касата, оценува сопственикот на неделникот Капитал, новинарот Љупчо Зиков. Но, според него, ова не е клучниот мотив.

„Проблемот на СДСМ не е буџетски. Проблемот на СДСМ е што немаат пари во партијата. И второ, од тоа прават политички проблем бидејќи се во инфериорна позиција пред следните локални, а зошто да не и предвремени парламентарни избори. Од оваа пол-позиција, ним им треба алиби ситуација за нешто. И отворено кажуваат дека сакаат да го блокираат политичкиот процес во земјата, со краен резултат да се бојкотираат изборите“

Касата за 2013 година тежи 2,7 милијарди евра. Најголем дел од неа ќе бидат искористени за плати, за зголемување на пензиите и социјалната помош и за субвениции за земјоделците.

 

AddThis Social Bookmark Button