Со ајвар и леб нема спорт

So ajvar i leb nema sport by Diversity Media on Mixcloud

Прилеп ,некогаш најфудбалскиот град во Македонија, па и пошироко, во поранешната држава, доживеа да нема прволигашка фудбалска екипа. Ситуацијата не е ништо подобра и во останатите спортови. Со исклучок на Женскиот ракометен клуб „Жито Прилепˮ, како и неколку карате клубови , прилепските спортски екипи го имаат најтешкиот период за опстојување. Со голем ентузијазам и мала финансиска подлога некако успеваат да функционираат, сè со цел спортот да го доближат до најмладите. Градските власти имаа слух за потребите на тимовите. И во рамки на своите надлежности, први во земјава обезбедија финансиска помош за спортските колективи во општината.

Анализа на на Снежана Каратошеска од Радио Холидеј Прилеп

Прилепските љубители на спортот одамна не памтат силна навивачка атмосфера на спортските терени во градот. Некогаш најфудбалскиот град во земјата остана без големите успешни тимови и тоа во сите спортови. На градскиот стадион, во минатото и над 20.000 навивачи ги славеа успесите на Фудбалскиот клуб „Победаˮ, бројка со каква не можеа да се пофалат и далеку поголеми тимови. Доајенот на прилепското спортско новинарство Миле Талески, се сеќава дека тоа беше време кога стопанските колективи не штедеа кога вложуваа во спортот.

Прилеп беше еден од најмалите градови во Југославија, меѓутоа на фудбалски план беше наречен град на фудбалот. Бидејќи се случуваше на фудбалските натпревари да присуствуваат преку 20 илјади гледачи, што значи една четвртина од сите Прилепчани, од најмлади до најстари, доаѓале на фудбал. “

Сегашноста е застрашувачка. Само еден прволигашки тим - ЖРК „Жито Прилепˮ.

Според спортските работници во градот има успешни фирми кои можат да вложуваат во спортот, но поради непознати причини, тие не се заинтересирани. А и ако вложат, очекуваат голем бенефит од тоа, потенцира Александар Танески, тренер во РК Филип, што има повеќе од 70 членови, млади таленти.

„Во Прилеп има многу успешни фирми. Не сакам рекллама да им правам затоа што тие на моменти сакаат, на моменти не сакаат да инвестираат во спортот и јас не можам да разберам зошто. Или, пак, се надеваат дека ако дадат 10 проценти ќе им се врати 100 проценти. Имаме фирми што вртат огромни суми пари во текот на годината. Имаме информации дека дури вложуваат во други градови, на други нивоа. “

Каратето е најуспешниот спорт во моментов во Прилеп . Можеме да се пофалиме со бројни освојувачи на медали , како на домашни –така и на меѓународни натпревари. Но, и таму до спонзорства тешко се доаѓа вели Валентина Пурдеска од КК Бонсаи .

„Срамота е што само каратето функционира. Најдобро го претставуваме Прилеп ама до кога? Со ајвар и со леб не се прават резултати. Правиме навистина здрави личности, но кога ќе дојде до парите и родителот попушта а и тренерот. Имавме 5-мина што се пласираа за Балканско првенство, а заминаа само двајца чии родителите можеа да платат.“

И граѓаните, желни за големи спортски случувања, се согласуваат со фактот дека на спортот во градот му треба голема финансиска поткрепа.

Мислам дека на Прилеп последниве години му недостасува една спортска екипа која што ќе го претставува градот во светло во кое сите го знаевме до пред неколку години, преку фудбалскиот клуб Победа.“

Мало придвижување кон подобро придонесе финансиската поддршка од локалната самоуправа, која прва во земјава , во рамки на своите надлежности, изработи правилник за финансиска поддршка на спортските клубови во Прилеп. Развојот на спортот е од витално значење за општинава , пред се за правилен психофизички развој на младите поколенија истакна градоначалникот Марјан Ристески .

„Буквално сите клубови што аплицираа и што се натпреваруваат во одредени лиги и во поединечни спортови добија одредени парични средства според Правилник. Имаме и Правилник за наградување на спортисти што постигнале одредени резултати во кој било спорт.“ 

Ристески се надева дека практиката на финансирање на спортски екипи ќе ја следат и успешните фирми во општинава, а со тоа и на прилепските спортски терени повторно ќе ечи навивачка еуфорија.  

Спортски терени има доволно, велат познавачите , се градат и нови. Прилепските млади генерации активно се вклучени во аматерските спорски клубови. Единствено недостигаат големи спортски колективи што ќе го вратат спортскиот предзнак на градот. 

AddThis Social Bookmark Button