Македонија 2013 пред Скопје 2014

Makedonija 2013 pred Skopje 2014 by Diversity Media on Mixcloud

Политичкиот дијалог е мртов и затоа еврокомесарот Штефан Филе треба да заборави на својот оптимизам дека до јуни Македонија ќе добие датум за преговори. Вака оценуваат дел од домашните аналитичари. Некои од нив не очекуваат предвремени парламентарни избори. А, за локалните во март тие пргонозираат дека опозицијата предводена од СДСМ нема да ги бојкотира. Економската состојба нема драстично да се промени, споредено со лани.

Анализа на Душко Арсовски   

Говорејќи и анализирајќи го проектот „Скопје 2014“ се чини дека поминаа години во кои се заборави државата. А, требаше да биде приоритет. За ова почна да се зборува откога се случија настаните на 24 декември, лани, пред и во Собранието. Власта го донесе буџетот за 2013 година откако претходно беа отстранети опозициските пратеници. Оттогаш, коалицијата предводена од СДСМ ја бојкотира работата на Собранието, а постави и услови за да не ги бојкотира локалните избори закажани за 24 март. Меѓу другото, бара да се одржат и вонредни парламентарни избори.

Што во една ваква ситуација?

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски во наредниот период прогнозира поместување од мртва точка.

„Мислам дека опозицијата натаму ќе бара натаму како да учествува на локалните избори после она ’ултиумативно’ бојкотирање и на Парламентот и на изборите. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе во пресрет на дел од тие барања, а дел ќе ги отфрли. “

Ако му се оствари прогнозата, Кекеновски гледа две сценарија.

„Доколку СДСМ повторно ги изгуби локалните избори, очекувајте дека после летото ќе се појават на политичката сцена нови субјекти кои што би излегле од СДСМ. Доколку пак, покаже успех, не би ме изненадило тие поагресивно да ја водат оваа своја кампања за одржување на вонредни парламентарни избори“ 

СДСМ и партнерите ја продолжија кампањата со улични собири и блокади за да го свртат вниманието на јавноста кон, како што тврдат, недемократската власт. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ минатиот викенд ги отфрли барањата на опозициската коалиција, врзани за локалните избори.

Почеток на кризата, крај на оптимизмот

Од Премиерот Никола Груевски немаше тонови што ќе ги смират политичките тензии.

„Овој обид што го направи Бранко Црвенковски, практично е обид за избегнување за негово лично соочување со нов неуспех на локалните избори. Со нов пораз, ама не пораз на СДСМ, туку негов личен пораз со кој потоа нема да знае што да прави. И затоа ја втурна СДСМ во едно вакво сценарио. И за жал, ја втурна и целата држава“

Од Брисел вчера излегоа со став дека останува препораката за почеток на преговорите. Но, за Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование, нема дилема дека декемвриските настани значат крај на оптимизмот на Брисел дека тоа е можно да се случи до јуни. Овој познавач на евроинтеграциите смета дека политичкиот дијалог е мртов и со тоа не е исполнет важен услов. 

„Сѐ друго што се случило, што сме направиле, сите други критериуми што се вклучени, не се важни. Битен е овој почетен момент којшто ја расипа работата. Ако Филе е барем малку разумен човек, го заборавил оптимизмот“

ДМП: Дали тоа значи дека ако има напредок во процесот со Грција за името, Европската Комисија нема да го вреднува тоа?

„Можеби ќе го третираат како голема исполнета задача, па ќе се обидат да нѐ наградат. Меѓутоа, реално, државата не ќе може да функционира понатаму. Нема демократија онаму каде што опозицијата е надвор од Собранието. Нема демократија онаму каде што не се почитува малцинството“, коментира Стојковски.

Според универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров, политичката нестабилност ќе донесе слаба економска активност, зашто според него, странските инвеститори избегнуваат такво опкружување.

„Можеби ќе има дореализации на нешто што е веќе почнато, меѓутоа мислам дека ќе се усложнуваат состојбите со оглед на тоа што ситуацијата и на пренесување на парите или извоз на парите од Македонија од страна на оние компании коишто имаат матични седишта во други земји ќе продолжи да се зголемува. “

 

Од шупливо во празно

Шукаров предвидува дека државата ќе има проблеми и со собирање на проектираните приходи од даноци. Тогаш, на кој начин Владата ќе ја одржува економската стабилност како што се обврза при донесувањето на буџетот за оваа година?

„Тоа значи дека ќе продолжи да позајмува. А, штом ќе продолжи да позајмува каде и да ги вложува тие пари, тие пак ќе бидат вртење и претурање од ’шупливо во празно’ , затоа што банките ќе останат без доволно капитал да можат да ги пласираат парите во продуктивни инвестиции“

 

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е уверен дека ќе се достигне раст од два отсто и тоа преку градежна активност:

Почнување на изградбата на пругата кон Бугарија. Второ, ќе се гради автопатот од Демир Капија до Смоквица. Тоа е еден крупен проект во којшто верувам дека ќе има и македонски фирми како подизведувачи и дека ќе се користат македонски производи. Ќе почне изградбата на националната гасификациска мрежа“

И минатите години, на некој начин растот се одржуваше преку јавни инвестиции. Претежно со градба на објекти на државни институции, музеи и споменици.

Професор Шукаров е критичен:

„Тоа дава само еднократни ефекти. Таму нема продолжени развојни елементи коишто во натамошниот период би можеле да дадат позитивни резултати во економскиот раст

Ако се оствари макар половина од ова што го кажаа нашите соговорници, излегува дека Македонија ќе има уште една критична година. Се чини дека повторно спортистите ќе ги спасуваат среќата и оптимизмот кои македонските граѓани со години ги имаат гледајќи сапуници.

AddThis Social Bookmark Button