Македонски рулет со "Чао Бела"

Makedonski rulet so "Cao bela" by Diversity Media on Mixcloud

Одложување на локалните избори е едно од решенијата за политичката криза. Така оценуваат аналитичари. Од друга страна пак, велат, дека во исто време ќе се засилат притисоците на меѓународниот фактор за изнаожање компромис помеѓу власта и опозицијата. Во вакви услови, не може, а, да не се запрашаме, кои се потенцијалите на опозицијата за посакуваниот политички пресврт во своја корист?
 
Анализа на Весна Коловска
 
Опозицијата повика на отпор. По примерот на Србија или по „Арапската пролет“. Македонскиот отпор засега е поддржан од членството на опозициониот блок, но не и масовно од граѓаните.
 
Аналитичарот Мерсел Биљали смета дека масовноста засега е „невозможна мисија“.
 
„Луѓето не сакаат да уриваат една лоша власт за да добијат друга лоша власт. Мислам дека реформите се неопходни, првенствено во опозицијата. Најмногу што може да се направи како заслуга на луѓето што ја водат опозицијата е да изнајдат пред сѐ, кадровски решенија за да во некое догледно време со напорна работа, да се урне власта и да дојде една сосема поинаква власт“.
 
Протестите останаа делумно прифатени во и така поделеното македонско општество. На улица меѓу опозиционерите ги нема Албанците. За многумина тоа не е за изненадување, во ситуација кога политичките партии се едни од малкуте двигатели на граѓанскиот активизам, а овие протести не се поддржани од албанскиот блок.
 
Меѓутоа, според социологот Хасан Јашари има друг проблем:
 
„Тука веќе подолго време се води еден паралелен свет. Еден свет на Македонците, еден на Албанците. И тие елементи на заедништво и заеднички активизам се минимални. Во услови кога една партија се пропагира дека застанува на чело на отпорот, тоа тогаш ги лимитира учесниците“.
 
 
Меѓународниот фактор на резервна клупа
 
По „црниот понеделник за демократијата“, како што опозицијата го нарече 24 декември, изостана очекуваната драматична осуда од меѓународната заедница. Делумно поради периодот на случувањата, кога католичкиот свет го празнуваше Божиќ, па реакцијата сигна дури по неколку дена.
 
Според поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО Нано Ружин, за САД и за ЕУ најбитно е да се одржи стабилноста во земјата и да функционираат институциите. Но, најмногу од сѐ да се зачува меѓуетничкиот дијалог и мир.
 
„Да се поддржува владата, која е легитимно избрана и независно од тој инцидент, според нив, сепак, тие не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на државата, која што истовремено е земја-кандидат за членство во НАТО и држава која во секој момент го очекува датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Паралелно, оваа влада, според последните информации, има сериозни амбиции да реши едно од историските прашања, а тоа е спорот со јужниот сосед“.
 
Ружин вели дека по последните настани има синергија во ставовите меѓу САД и ЕУ. Тој не се согласува со анализите дека насред политичката криза, владејачката ВМРО-ДПМНЕ може да смета на разбирање на една од земјите фактори во регионот – Германија.
 
„Не е точно за Германија, бидејќи имам информации каква била позицијата на германскиот и францускиот амбасадор, коишто биле најкритично расположени кон тоа што го направи власта на 24 (декември). Што ако сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ е на власт во Германија, кога таа ниту во Букурешт не помогна. Според тоа, тие правила не важат, особено во настаните на Балканот. Пред сѐ, во прашање е многу покрупен политички влог во случајот - Македонија како држава која е на пат да го реши прашањето со името. И второ, држава која е во сериозна транзициска загатка, бидејќи не е во состојба
лесно да излезе од овој проблем“.
 
Во меѓувреме и власта и опозицијата ги засилуваат своите позиции. Опозицијата ги пресели протестите по градовите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ од општинските комитети побарала поголема будност за потезите на опозицијата и поголема присутност меѓу членството. И двете страни сметаат на цврста поддршка од граѓаните.
 
Слаба опозиција, јака власт
 
Но, што е тоа што го држи членството на албанскиот коалиционер во власта – ДУИ?
 
„Таа ги држи со комунизам. Тие порано биле марксисти, ленинисти и многу им е познато тоа делување кај населението. Значи, да се доближат до населението, да ги однесат активистите на ручек, да ги штитат од органите на власта за ситен шверц, да ги корумпираат, да купуваат гласови и ред други работи. А, тоа е покритие за незнаење и за неработење“, вели Хасан Јашари.
 
Во вакви околности прашањето е дали опозицијата ќе може да ги предизвика граѓаните да излезат и да покажат вистински „граѓански отпор„? Или да изнуди помош од меѓународната заедница?
 
„Додека опозицијата ја предводи Бранко Црвенковски, Никола Груевски ќе продолжи да владее. Истото важи и кај албанскиот блок. Додека Мендух Тачи е водач на опозицијата, Али Ахмети ќе продолжи да владее“, вели Биљали, кој смета дека опозицијата залудно троши енергија, а СДСМ е послаб од пред настаните од 24 декември.
 
Кризата, според Нано Ружин, опозицијата нема сама да ја реши.
 
„Ќе има помрднување, бидејќи не може да останеме во оваа „лимбо“ фаза. Но, кога тоа ќе се случи, дали тоа ќе биде следната недела или во едно недогледно време, никој не знае, бидејќи постојат повеќе можности за тоа. Од одлагање на изборите, до прифаќање на други решенија и елементи. Сѐ ќе биде израз на одредено договарање меѓу опозицијата,
власта и меѓународната заедница“.
 
Опозицијата бара политички договор со власта, како услов за враќање во Парламентот.
 

Никола Спасов, Агенција „Рејтинг“
 
И рејтинзите - партиска манипулација
 
„Секако дека ако во тој момент се објави истражување дека народот е на страна на владата и предноста е голема, тоа може да влијае и во одредена мера да ги обесхрабри оние граѓани кои сакаат да излезат на протести и да ја поддржат опозицијата. Така што од тој аспект, може да има таков ефект“, смета Спасов.

AddThis Social Bookmark Button