Прешево - нов тест за безбедноста во регионот

Дали односите меѓу Албанците и Србите одново се под тест? По отстранувањето на споменикот на ОВПМБ во Прешево од страна на српските власти, следуваше силна реакција на Албанците од целиот Баллкан. Од друга страна пак, српските власти велат дека се е во рамките на законот. 

Анализа на Назим Рашиди

Зголемените тензии меѓу Албанците од регионот и Србија се резултат на акцијата на Белград за отстранување на споменикот на ОВПМБ во Прешево. А, покрај за протести во Прешево, веќе се известува и за уништување на српски објекти што се се дел од српското минато во Косово.

Аргументот на српските власти дека се е во рамки на законот не го надминува гневот, ниту, пак, чувството дека албанското население во Прешево не е слободно.

Еден граѓанин од овој регион за медиумите изјави:

“Нам ни недостига слободата, а не асфалтот или пак градбите. Се додока немаме слобода, ние немаме ништо.”

Како него, исто толку гневни кон албанската политика во регионот се и другите граѓани, кои во понеделникот протестираа во Прешево.

Дали само албанско-српските односи или нешто повеќе?

По се изгледа дека односите меѓу Албанците и Србите повторно се ставени под тест.

Аналитичарот Сефер Тахири вели дека последната криза има две димензии, онаа меѓу два соседи, но и меѓу самите Албанци.

“Албанската политика се најде во една мат позиција. Имаше една многу бледа реакција, со изјави во медиумите и разни патриотски изјави, но не се презеде ништо конкретно за да се спречи овој настан.Другата димензија се однесува на идните односи меѓу Албанците и Србите, кои ќе бидат напнати и отежнати при што ние, Балканските народи ќе продолжиме да бидеме заложници на историјата”, вели Тахири.

Албанските политичари од целиот регион, било да се на власт или пак во опозиција, ја обвинуваат Србија дека сеуште дејствува со менталитетот на минатото. Тие велат дека Белград  не успева да изгради заеднички визии за иднината, или уште полошо, барем да го признае постоењето на повеќе реалности на Балканот.

Ккакви се, пак, реакциите од страна на Белград?

Снежана Лупевска,новинарка која известува за српските медиуми и ги следи случувањата околу безбедноста во регионот, вели дека медиумите во Белград се трудат да бидат побалансирани и дека јавноста разбира оти станува збор за провокации:

“Мислам дека се менува свеста кај интелектуалците во Белград кои знаат да оценат што е провокација и што е создавање тензии. Анализите сугерираат дека со оглед на тоа што се случува токму во пресрет на преговорите, прашање е дали некој не сака преговори, туку можеби дијалогот меѓу Приштина и Белград да заврши што е можно побрзо”, вели Лупевска.

Внимателност околу ситуацијата

Во Македонија реакции имаше главно од албанските субјекти. Од македонската страна се пренесе изјавата на Стојанче Ангелов, лидер на партијата “Достоинство” кој побара слични мерки од Премиерот на Македонија за, како што тој вели, “илегалните споменици на ОНА” во Македонија.

Колку се можни сигурносните кризи по овие настани кои би го опфатиле регионот?

И Сефер Тахири и Снежана Лупевска повикуваат за внимателност во Македонија.

“Во иднина мислам дека овие рефлексии на ситуациите во Прешево, или пак во Косово бо можело да имаат последици и врз безбедноста во Македонија. Не мислам дека може да настане отворен конфликт, но сметам дека ќе има последователни инциденти.”

“Мислам дека ситуациите и анализите треба да се прават со поголема внимателност, зашто резултатот на дијалогот меѓу Приштина и Белград ќе влијае врз целиот регион, а не само врз тој дел”, вели Лупевска.

Албанските медиуми во регионот се преполни со телевизиски дебати и статии околу ситуацијата. Со големо внимание се очекуваат случувањата во наредните денови како и најавените средби меѓу Претседателката Атифете Јахјага и Томислав Николиќ. Атмоферата и реториката, пак, потсетуваат на едно време од минатото за кое многумина мислеа дека нема да се повтори.

 

AddThis Social Bookmark Button