Пред затворање!

Pred zatvoranje! by Diversity Media on Mixcloud

Први јуни годинава е датумот кој може да биде „црн“ за многу локални телевизии. Од оваа дата сите телевизии ќе мора да работат со дигитален сигнал, кој ќе се пренесува преку оператор со дигитален мултиплекс. За емитување на програмата преку мултиплексот, локалните телевизии ќе треба да платат најмалку 20.000 евра, пари што тешко ќе ги обезбедат. Значи ли процесот на дигитализација почеток на исчезнување на локалните телевизии?

Анализа на Илија Стефановски од Радио Кочани

Првиот бран на дигитизација ќе може да го издржат само големите. Сопствениците на малите локални телевизии изјавуваат дека тешко дека ќе може да ги издвојат потребните 20 илјади евра годишно за да ˮзрачатˮ регионално. Ако во минатата година само пет национални телевизии оствариле профит, станува сосема извесно дека малите, односно локалните телевизии се први за отстрел под теретот на трошокот за дигитализација.

Столе Наумов, член на Советот за радиодифузија вели дека цените за емитување од страна на одбраниот оператор со мултиплексот, начелно се утврдени.

„Националните телевизии во текот на една година ќе треба да одвојат 150 илијади евра, а локалните во просек по околу 20 илјади евра. Дополнителните трошоци кои беа непознаница полека се расчистуваат и тие исто така ќе влијаат на интересот локалните телевизии да преминат во регионални. Засега постои извесна конфузија, која во скоро време, верувам, ќе се расчисти“.

Големи трошоци

Нема одложување на дигитализација, а роковите течат. Локалните телевизии имаат уште само пет месеци за прилагодување на дигиталниот сигнал.

Илчо Лазаровски, сопственик на локален медиум, смета дека телевизиите ниту се доволно информирани, ниту се до крај свесни што всушност ги очекува.

„Локалните телевизии не се доволно подготвени за дигитализацијата. Одевме на состаноци, разговаравме. Но, немаш кого да прашаш, ниту кој да ти даде прецизен одговор. Само се споменуваа оние 20 илјади евра, кои за големите медиуми не се ништо, но за локалните се огромна сума. Би апелирал до оние што го знаат Законот и начинот на кој ќе биде спроведен, за овие неколку месеци да излезат јавно и да им објаснат и на граѓаните и на сопствениците на медиумите што ќе се случува“, посочува Лазаревски, според кого вака, неподготвени, телевизиите или ќе бараат одложување на законот или голем број од нив ќе се откажат.

Лазо Димитров, сопственик на локална телевизија, пак вели дека трошкот за дигитализација „локалците“ не може да го издржат. Некаков излез според него е одреден вид субвенционирање или ново одложување.

„Дигитализацијата доаѓа во момент кој не е погоден за локалните телевизии. Од аспект на тоа дека во подготовка е и регионализација. Двете постапки повлекуваат големи средства, што верувам дека локалните ТВ станици не може да го поднесат соодветно. И затоа на последните состаноци во Агенцијата за електронски комуникации во во Советот за радиодифузија се бараа некакви решенија-субвенции или пролонгирање, за да се регулираат состојбите“.

Димитров е сигурен дека доколку Законот за електронски комуникации доследно се спроведе, најголем дел од локалните телевизии ќе згаснат.

„Реално, постои исплашеност и неизвесност кај сопствениците на медиумите бидејќи никој не може да предвиди како сето тоа ќе се реализира во практиката, како и колку доследно ќе се спроведуваат законските норми. Бидејќи во наши услови, ако сѐ биде според Законот, многу веројатно е дека голем број од медиумите ќе згаснат под притисокот на извонредно големите трошоци, на сѐ понамалениот пазар и на сѐ поограничените приходи“,  категоричен е Димитров.

Чистка?

Со дигитализацијата, телевизијата треба да  функционира на регионално ниво оти е премногу скап бизнис за да може да опстане локално. Тоа, според комуникологот Снежана Трпевска е нагласено во првата Стратегија за развој на радиодифузната дејност и оттаму произлегло како цел.

„Нашиот пазар и досега беше премногу заситен со голем број на медиуми. Локалните медиуми немаат доволно средства од рекламирање пред сѐ поради тоа што парите одеа во касите на медиумите на национално ниво. Затоа велам се водеше погрешна регулаторна политика која не водеше сметка да има соодветен број медиуми на македонскиот пазар кои ќе ги задоволат сите потреби на граѓаните, вклучувајќи ги и потребите за информации на локално ниво“.

Столе Наумов не верува дека сосема ќе ги снема локалните телевизии.

„Доколку бидат повеќе, од страна на АЕК ќе треба да се распише тендер за оператор кој што ќе ги опслужува, затоа што Законот не дозволува радиодифузерот истовремено да биде и оператор на мултиплекс“.

За Агенцијата за електронски комуникации јуни годинава останува термин за старт на ерата на дигитализација, што, едноставно, ќе значи исчезнување на најголем број од вкупно 49 локални телевизии. Со дигитализацијата граѓаните добиваат на квалитет, но градови од внатрешноста на Македонија може да останат без информации што се од нивно, витално значење.

AddThis Social Bookmark Button