Бугарско вето за европските пари

Bugarsko veto za evropskite pari by Diversity Media on Mixcloud

Бугарските националдемократи од Европскиот Парламент ќе бараат да се укинат европските претпристапни фондови за Македонија. Со тоа сакаат да ја казнат Македонија зашто била „лош сосед“. Граѓаните пак, сметаат дека ефектите од европските пари се благотворни за двете страни на границата. Но, каков е всушност, придонесот за граѓаните од европските пари од програмата за меѓугранична соработка?

Анализа на Весна Коловска

Почитуван Премиере, како одговорен екологист барам еколошка заштита на Охридското езеро. Предлагам одговорни проекти, кои во заштитата на езерото, ќе дадат високи еколошки резултати“. 

Вака охриѓанецот Лазо Наумоски му напиша на премиерот Никола Груевски, по одлуката сите пари од третиот повик за проекти за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Албанија да се пренаменат за реконструкција на граничните премини. Наумоски е дел од македонско – албанскиот тим, кој предлага основање на заедничко претпријатие за мониторинг на риболовот и состојбата со рибниот фонд на езерото. 

Имаше да се искористат и други средства од европските фондови. Оние коишто живеат покрај брегот на езерото, со ставање на неповратни средства од Владата на Република Македонија, на тие луѓе да им се овозможи да се занимаваат со легален бизнис, односно да не одат во нелегален риболов на рибниот фонд на Охридското езеро. Кога ќе има зближување меѓу овие два народа ќе се изнесат и еколошките проблеми на двата народа кои соработуваат“, вели Наумоски.

Иронично е што парите предвидени за зближување на два соседски народи се користат за разделување, т.е. за граница. Тоа е еден од коментарите од независните извештаи за искористеност на европските фондови во Македонија. Општини, невладини организации, универзитети и локални институции скоро две години беа во исчекување кому ќе се доделат парите. На крај, Европската Комисија пресече, според некои информации, поради слабиот административен капацитет од двете страни.  

Маани

Долгогодишниот лобист Зоран Јанакиев вели дека програмата досега регистрирала неколку слабости.

Една од слабостите е лоцирана во институционалниот капацитет на Министерството за локална самоуправа. Но, од друга страна овде недостасуваат и силни, квалитетни иницијативи од страна на актерите и секако, нивното слабо познавање за целиот процес“.

Граѓанските и општински тела парите од фондот за прекугранична соработка отсекогаш ги сметале за резервирани за свои иницијативи. И сето тоа во функција на зближување преку границата.

Оваа програма, несомнено треба да придонесе за зближување на соседите, но тука недостасува системско зближување, а не ад хок придружување по основа на одредени конкретни проекти“, вели Јанакиев.

За тоа да профункционира, општините сметаат дека е потребна помош од домашните институции. Славица Татаева од општина Валандово изјави дека со помош на европските фондови реализирале неколку проекти со бугарски партнери, како што е последниот со општината Банско. Но, искуството покажало дека тие, главно биле препуштени сами на себе.

Од влада, од министерство, од сите институции ни треба поголема поддршка. Ние се бориме сами, наоѓаме партнери, за да дојдеме до некакви средства – не само во ЕУ,  аплицираме и во Светска банка и во Европска инвестициска банка “.

Политичка поддршка доаѓа од Министерството за локална самоуправа, кое е задолжено за оваа програма.

Ние само треба да ги завршиме нашите обврски, а придобивките се за граѓаните од двете страни на границата во зависност од тоа дали програмите се со Бугарија, Грција или Албанија“, вели портпаролот на ова ресорно министерство Касам Селими.

Кој е во поголем ќар?

Преку европските проекти моторџиите од Грција и од Македонија организираа заеднички трки и релија, а мрежа од болници и универзитети почна научно истражување и конкретна медицинска помош за деца со кардиоваскуларни болести.  Ова се дел од 18 проекти со вториот повик за соработка меѓу две земји, кои меѓу себе, како пречка, сé уште го имаат нерешениот спор за името. Потрошени се околу четири милиони евра, од кои 1,2 милиони за Македонија. Меѓутоа, најплодната прекугранична соработка во делот на европските фондови Македонија ја има со соседна Бугарија.

Николај Георгиев е граѓански активист од Фондацијата за младинско претприемаштво „Каузи“ од Софија. Од 2003 година работат на програмата за прекугранична соработка. Проектот кој го спроведувале со организација од Србија, сакаат да го прошират и во Македонија. 

Ние сме блиски, навистина и секој одделен проект, секоја соработка поволно влијае врз двете страни, т.е. дознаваме за нешта кои не ни се познати. Менталитетот можеби не е така различен, но законодавствата се различни. Но, со луѓето проблеми нема“.

Но, така не мислат и политичарите. Неодамна, во еден свој телевизиски настап Капка Георгиева од бугарската Националдемократска партија најави:

Уште утре Димитар Стојанов (бугарски европратеник) до Европскиот Парламент ќе поднесе барање на Македонија да ѝ бидат сопрени претпристапните фондови, исто како што на Бугарија периодично ѝ ги замрзнуваа. Од истиот мотив со кој не ѝ дадовме датум за почеток на преговори на Македонија, а тоа се недобрососедски односи“.

Преку програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија искористени се над 15 милиони евра. Половина од парите завршиле во Бугарија. Со третиот повик, кој е во тек, треба да се доделат уште околу седум милиони евра.

AddThis Social Bookmark Button