Властопозиција

Vlastopozicija by Diversity Media on Mixcloud

Наспроти отворените несогласувања за многу прашања, власта и опозицијата се единствени во едно - да не ги почитуваат етичките правила на изборниот законик. Експерти за борба против корупцијата оценуваат дека масовната промоција на големи инфраструктурни проекти по распишувањето локални избори не е противзаконско, но, нарушува одредени правила за фер кампања. Во меѓувреме сите надлежни институции се прогласуваат за ненадлежни за реакција.

Анализа на Душко Арсовски

Локалната самоуправа во Прилеп на 17 јануари објави како ќе изгледа новиот плоштад во градот. Неколку дена подоцна градоначалникот на општина Карпош удри камен -  темелник за нов плоштад во скопската населба Влае. Неделава првиот човек на општина Центар речиси истовремено стана кандидат за нов мандат и промовираше изградба на катна гаража.

Ова се дел од активности кои се случуваат и во други градови откако беа распишани локалните избори. Законот децидно вели дека во периодот до изборите се забранети склучувања договори и инфраструктурни проекти со јавни пари, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот. Такви се претходните примери.

Слаѓана Тасева која со години се занимава со корупцијата објаснува дека Законот не е прекршен. Но, сепак, таа коментира:

„ Ако гледаме од аспект на тоа дека тие луѓе го користат службеното работно време и службените возила за да прават политичка кампања и дека сите овие проекти намерно се темпираани уште од порано за да се промовираат сега. Станува збор за едно неетичко однесување кое што е спротивно на изборните правила. И за ова треба да реагираат сите надлежни институции“

Поделеност

Антикорпуциската комисија неодамна во допис до медиумите го претстави својот оперативен план за следење на изборите. Укажа дека ќе реагира во ситуации кога со јавни пари се финансираат проекти кои може да бидат во корист на нечија изборна кампања.

Членот на Комисијата, Мирјана Димовска, во телефонски разговор за Диверзити Медиа рече дека ˮпредвременото рекламирање го следи Советот за радиодифузија, а дека тие законски немаат никаква надлежностˮ.

Димовска вели дека го засилува ставот на Слаѓана Тасева. Околу  постојаното рекламирање на проектите и за тоа дали имале преставки, таа  рече дека месечно разгледуваат и по илјадници и дека постојано имаат многу работа.

И медиумите се дел од оваа приказна. Повеќе од нив информираа за проекти на актуелни градоначалници. Советот за радиодифузија единствено опомена неколку од нив дека во овој период не смеат да рекламираат владини проекти. На последната седница на регулаторот имаше поделеност.

Членот Столе Наумов забележа:

„ Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на изборите, сѐ до денот на завршувањето на изборите, државните органи и органите на општините и на градот Скопје не смеат да објавуваат реклами финансирани од буџетот. Значи тие не смеат. Каде се тие санкционирани? “

Претседателот на Советот, Зоран Трајчевски, пак, возврати:

„ Од најголемиот дел на прекршувањата сите се од општина Карпош. Овде збор не кажавте. Кога ќе дојдеше таа точка претходниот пат, велевте дека е беспредметно да ја разгледуваме. Ако имаме ист аршин, ќе имаме ист аршин кон сите медиуми“

Плус и минус еднакво минус

Државната изборна комисија која е најдиректно врзана за изборниот процес тврди дека не е надлежна за овие случаи.

Портпаролката Билјана Јовановска кусо изјави дека работат според поднесени претставки и дека досега ниедна партија не реагирала.

А, како кога и власта и опозицијата даваат лоши примери. Во Прилеп и Центар градоначалниците се од ВМРО-ДПМНЕ, а Карпош го води кадар на СДСМ.

Портпаролката на прилепскиот градоначалник не сакаше да коментира ништо. Во Карпош не одговараа на нашите повици.

Ова за Слаѓана Тасева е јасен сигнал.

„ Кај нас во политичката сфера не постои волја за да се надмине ваквата состојба и затоа сѐ уште ќе ја гледаме и на овие, а мислам и понатаму на изборите. “

Таа тврди дека сите досегашни обиди да се смени нешто биле безуспешни.

„ Сме барале зајакнување на санкции и воведување и зајакнување на санкции од типот - да не може да се учествува на следните избори или да се прекине доколку се прекршат изборините правила но...... знаете како се спроведуваат кај нас  измените на овој Закон? Многу селективно и рестриктивно. Никој не сака ниту да го напише, ниту да го спроведе законот. “

Кога сѐ ќе собере и одземе излегува дека власта и опозицијата се препукуваат за многу прашања, но она што им е од заедничка корист, заеднички го негуваат. Во случајов лутите ривали се единствени во прекршувањето на некои норми од изборниот процес. Локалните избори се на 24 март. Опозицијата предводена од СДСМ најавува бојкот. Официјалната кампања допрва следува, Неофицијалната, во суштина, никогаш и не престана.  

AddThis Social Bookmark Button