Работници земале кредити за своите газди и сега парите си ги бараат преку суд

Vesna - krediti by DiversityMedia

Над стотина работници од две штипски компании зеле кредит по барање на своите газди и парите им ги дале ним. Кредитите делумно или целосно ги вратиле сами. Сега ги тужат газдите чии бизниси целосно пропаднаа. Овие граѓани ги чека исцрпувачка  битка на докажување, бидејќи за банките е единствено важно кој ги зел, а не кој ги потрошил парите.

Се’ почнало со повикот во директорската канцеларија пред две години. Сопственикот барал од своите работници да одат во банка и да земат кредит на нивно име, а потоа парите да му ги дадат нему. Објаснувал дека на компанијата  и оди тешко и ако работникот лично не се ангажира и не обезбеди пари преку кредит, фирмата ќе пропадне и ќе ги загуби работното место. Работниците кои не сакаат јавно да зборуваат се обратиле кај адвокатот Виолета Петкова. Таа вели дека речиси сите доаѓаат со иста приказна.  

-Работниците всушност, на почетокот не биле свесни што прават. Тоа го сфаќале како дел од обврските кои ги имаат кон работодавачот. И во таа смисла воопшто не се ни ангажирале во земањето на кредитот, туку тоа го правеле работодавачите во нивно име и тие само добивале информација кога, каде и што треба да потпишат. Средствата биле земани, вадени од трансакциската сметка и давани на работодавачот,  вели Петкова.

Во некои случаи работниците никогаш не го ни виделе купчето пари од кредитот на свое име, бидејќи парите ги земал доверлив човек кој ги носел кај сопствениците на фирмите. Работничките кредити само ја продолжиле агонијата на компаниите што пропаѓале. По некои време фабриките се затворија, а работниците останаа без работа. Но, банките не ги заборавиле долговите од кредитите. Оние работници што успеале да најдат нова работа продолжиле со враќањето на кредитот, кој често изнесувал помеѓу 2000 и 2500 евра. Кај други дошле извршители.

Во деловните банки велат дека обврска да го враќа кредитот има оној што го зел. Трошењето на парите во ваквите потрошувачки кредити банките не го следат, па не можат да знаат каде и кој ги троши парите. Од Бизнис конфедерацијата на работодавачи каде сопствениците се учат на општествена одговорност, го осудуваат однесувањето на овие компании. Севдалинка Ефтимова вели дека овие работодавачите направиле две прекршувања – на основните човекови права на работниците и на законот.

-Кај нас секогаш прво што се бара е простор со манипулација со законите. Не се почитуваат строго законите. Тоа е едната работа, а другата е дека сепак зависи од работодавачот, од неговата лична морална вредност, смета Ефтимова.

Во БиХ се вмешале полицијата и обвинителството

Во Хелсиншкиот комитет за човекови права не знаат за овој случај. Дали имало прекршување на човековите права ќе зависи од тоа дали имало принуда во земањето кредит. Во случајов, работниците чувствувале притисок и страв за работните места.

Судот засега е единствената институција кога е вмешана во спорот околу туѓите кредити. Меѓутоа, низ примерот на Босна и Херцеговина, тоа веројатно нема да биде доволно. Над илјада босански работници кои зеле кредити за своите работодавачи ќе завршеле на суд, доколу не се вмешала полицијата и обвинителството. Претседателот на Здружението на жиранти Јовица Цвјетковиќ вели дека се потврдила неморалната врска меѓу банките и сопствениците на компаниите. 

-Ниедна измама не може да се случи без знаење на банкарскиот службеник.  Не постои човек кој може да ја измами банката. Измамата преку земањето кредити од работниците е кривично дело, тоа е класичен мобинг , каде се договориле директорот и банката. За тоа да го докажат треба да отидат заедно во полиција, па кога ќе се појават 20, 50 исти изјави не можат да се оглушат, посочува Цвјетковиќ.

Македонските работници своите, сега веќе поранешни, работодавачи ги тужат за незаконско богатење и измама. Но, не така далеку од нас, во соседна Србија работодавач од Белград купил 35 куќи и 10 станови за своите работници, а на петнаесетмина им дал бескаматен станбен кредит на 100 години. Во изјава за белградските медиуми бизнисменот Слободан Јанушевиќ вели:

-Моите работници се и мои деца. Зарем да го трупам богатството и да го чувам за некои далечни генерации, кога нивните деца гладуваат?! 


Според Народна банка

Нема евиденција колку луѓе враќаат туѓи кредити

Според Народна банка на Република Македонија 78.354 домаќинства имаат земено кредит. Граѓаните на  македонските банки им должат над една милијарда и сто милиони евра. Од тоа само 400 милиони евра се потрошувачки кредити. Или во просек, секој граѓанин е задолжен со по 2.225 евра. Заедничкиот долг на граѓаните и фирмите кон банките е 3,2 милијарди евра. Во Македонија нема евиденција колку луѓе враќаат туѓи кредити. Кредитното биро по барање на банките, штедилниците и други институции изработува кредитно досие за граѓаните кои имаат кредит, хипотека или заложиле друг имот.  

AddThis Social Bookmark Button