Статус, пари и локална власт

Status, pari i lokalna vlast by Diversity Media on Mixcloud

На неколку дена пред крајниот рок за поднесување на кандидатури за локалните избори, сѐ поизвесно е дека мартовските избори ќе се случуваат без најголемата опозициска партија од македонскиот блок – СДСМ. Во вакви услови, владејачката коалиција ќе има апсолутна власт, но и апсолутна одговорност. Кој критериум ќе преовладува во кандидатските листи – социјалниот статус или квалитетот на идните носители на власт?

Анализа на Весна Коловска

Српските медиуми на долгогодишниот локален функционер и градоначалник на Јагодина, Драган Марковиќ – Палма му броеја гаф до гаф. Ама зад него стои и фактот дека кога пред десет години ја освои локалната власт, општина Јагодина имаше буџет од 4,8 милиони евра, за денес да располага со 28 милиони. Со ова, Марковиќ веројатно е вистинскиот човек за делење совети на македонските политичари во трка за освојување на власта. Во интервју за дневниот весник „Нова Македонија“ неговиот прв совет за новите македонски градоначалници и советници е да се фрлат на штедење, бидејќи по правило, нивните претходници општинската каса секогаш ја оставаат празна.

"Моја филозофија или барем онаа што ја практикуваме е на функција да се назначат оние луѓе што се бизнисмени или, кои пак, веќе се вработени во фирми или во претпријатија. Со ова се дава добар имиџ пред луѓето на општината дека ние не ги расфрламе нивните пари за хонорари. А, од друга страна и нам лично не ни требаат невработени луѓе што ќе бидат во општината само да печалат".

Во досегашните општински Совети, партиите сместуваа партиски активисти на кои требаше да им се оддолжат. Па, дури со месечни паушали и надоместоци им го решаваше социјалниот статус.  За овие избори СДСМ уште во мај лани, објави правилник за избор на советници и градоначалници, каде на цена се кандидати со највисок јавен и професионален углед, пошироко признати во средината.

Нема радикална еволуција

За градоначалникот на општина Кочани Ратко Димитровски не било пресудно социјално да се згрижат одредени членови на партија или независни кандидати, туку каков квалитет ќе даде тој советник. Во неговата партија во изборот тргнале од неколку критериуми:

Покрај тоа што е потребно да бидат партиски обоени, да имаат партиска припадност, сепак е потребно тоа да бидат видни личности, да бидат со углед, без дамки во нивната кариера – професионално и семејно. На некој начин, генерално придонесуваат за избор на целата локална власт и според мене, најголемото влијание е тука и потребно да се обезбедат квалитетни, коректни луѓе, коишто секој од гласачите ќе ги препознае како носител на локалната власт“, смета Димитровски.

А како досега се сфаќаше практикувањето на локалната власт? Советниците на општината Центар одлучија да се наградат за зголемениот обем на работа. Секој советник требаше да добие по 50.000 денари, ако не се вмешаше Државниот инспекторат за локална самоуправа. Советниците од Кисела Вода, по завршувањето на мандатот,  одбија да ги вратат службените компјутери. Градоначалникот на Гевгелија тргна во одбрана на општинскиот буџет од максималните надоместоци и други примања што заеднички ги гласаа советниците од власта и опозицијата.

Оттука, наивни ли се очекувањата дека советот за штедење така лесно ќе се прифати?

Не. Тие ќе одат на она ниво што им се нуди. Секоја партија сака да ја освои власта, а власта по дефиниција се базира на одредени привилегии. Однапред да се откажат од тие привилегии не очекувам, не наоѓам мотив за тоа. Сигурно ако има одредени ограничувања, тие мора да се држат до нив, ама секој гледа својата положба материјално добро да ја искористи“, вели Илија Тодоровски, професорот по Локална самоуправа на Правниот факултет во Кичево.

Според него, нема да има радикални промени во практикувањето на локалната власт.

Ниту фискалните, ниту кадровските можности се сега различни, па да веруваме дека по изборите или во наредниот мандат ќе биде нешто посебно значајно различно. Еволуција има, ама не би очекувал никакви радикални промени“.

Има за паркови, нема за училишта

Македонските општини добиваат по седум отсто од државниот буџет, за разлика од развиената Данска, на пример, каде дури 42 отсто одат во општинските каси. Општините кои се заангажираа да прават плоштади, паркови и споменици, немаат пари за поголема реконституција на училиштата и на здравствените домови. Само 5-6 отсто од селата во Македонија имаат канализација, а дури 50 отсто немаат водоводи.

Во западна Македонија, според Зијадин Села од ДПА, овие проблеми се уште поизразени. Но, сепак остануваат во трка за освојување на локалната власт.

Не можам, а да не споменам дека западна Македонија и градовите со мнозинство Албанци имаат недостиг на капитални инвестиции, било во патишта или инфраструктура. Над 70 отсто немаат канализација, а да не зборуваме за животната средина која секој ден е сѐ позагадена“.

На четири дена пред поднесувањето на кандидатурите, сѐ поизвесно е дека овие локални избори ќе се одржат без СДСМ, кои ги условуваат со одржување на предвремени парламентарни избори. Професорот Тодоровски вели дека најголеми губитници ќе бидат граѓаните. Според него, со неучеството на социјалдемократите, ќе биде ослабен  капацитетот на локалната власт, особено во оние успешни општини водени од кадри на СДСМ.

AddThis Social Bookmark Button