Прирачник против политичари што лажат

Prirachnik protiv politicari koi lazat by Diversity Media on Mixcloud

Се ближи официјалната кампања за локалните избори. Ќе зачестат ветувањата од кандидатите за градоначалници и за советници. Аналитичари и ескперти советуваат дека треба да се внимава на тие кои што со секое нивно појавување имаат различни ставови. Сомнителни се оние што ветуваат нешто што ги надминува можностите на сиромашната држава. Некои пак, сметаат дека не треба да им се верува на медиумите зашто нема слобода на говор, па за одредени политичари се создаваат погрешни слики.

Анализа на Душко Арсовски 

Со телевизиски спот се промовира филм за градоначалникот на Рејкјавик, главниот град на Исланд. Човекот кој стана ултрапопуларен и надвор од земјата. На уникатен начин, со шега и со пародии успеа да победи на изборите во 2010 година. Се вика Јон Гнар. Тој е актер, комичар, поранешен панк - мизичар. Во изборната програма вети дека доколку ги добие изборите, нема да исполни ниедно ветување што го дал, како на пример, бесплатни крпи на сите базени, нов Дизниленд парк, Исландски парламент без дрога до 2020, како и поларна мечка за Зоолошката градина во Рејкјавик.

„Се надевам дека луѓето повеќе ќе се смеат. Се обидувам да правам забава за луѓето да ги направам среќни. Се обидувам најдобро што можам и професионалец сум во таа работа. Можно е посетителите да ме видат со стенд ап комедија некаде низ градот“.

Неговата партија се вика Најдобра. Во основачкиот акт внесе клаузула дека формира  „политичка партија која ќе работи како отворена корумпирана заедница“ со што сакаше да ѝ обрне внимание дека сите останати партии во Исланд се скриено корумпирани.


ИСЛАНД

Револуција против политичарите лажговци

Во време на најголемата криза кога во 2008 година  банкарскиот систем пропадна, Исланѓаните ја принудија корупмираната влада да поднесе оставка. Беше формирано јавно собрание за пишување нов Устав. Банките беа национализирани, беше одлучено да не се плаќаат долговите создадени од приватни банки. Сè ова на мирен начин. Што ќе се случи ако овој пример го следат другите држави во светот?


Искреноста во Македонија, се чини, е природна реткост. Како наближуваат изборите ќе се засилува и кампањата. Политикологот Алберт Муслиу дава препорака број еден:

„Секое ветување што излегува надвор од можностите на ова, не толку богато општество треба да се зема со скептицизам и под знак прашалник. Тој политичар што ветува дека ќе направи чуда, треба да се зема со резерва за сè што ветува.“

Излог на „стоката”

Оние искусните кои веќе биле на функција можат и полесно да се прочитаат.

„Политичарите треба да ги исполнат сите ветувања, ако не ги исполнат, тогаш не треба ни да ветуваат. Се работи за намерно лажење бидејќи ако знаеш дека не може да се исполнат, тогаш зошто се бараат изговори за проекти и ветувања кои не се реализирани? Граѓаните треба да се поодговорни и сите политичари кои не ги исполнуваат ветувањата треба да ги казнат со слободно гласање

Советот број два го дава психологот Ана Чучкова. Според нејзе, треба да се даде поддршка на оној кандидат за функција којшто прифаќа директни средби.

„На јавен настап е многу полесно да се излаже затоа што денешните политичари, колку што забележувам, имаат однапред подготвени говори и ги читаат. Никој или ретко кој зборува спонтано и многу е полесно да се напише лагата, да се прочита. На трибините или на разговориочи в очи” е потешко да се контролира и телото и говорот и во ист момент да се измисли лагата“

Третиот совет, според комуникологот Климе Бабунски е да не им се верува на медиумите, зашто, како што оценува, тие во моментов не се слободни. Токму медиумите се излогот на „стоката”, која во случајот се кандидати за градоначалници и за советници.

„Ако медиумиот не сака да покаже професионалност, па да види дека некој политичар пред 3 - 4 месеци или пред една година вака зборувал, па сега вака зборува, зарем може да очекуваме дека еден обичен читател, гледач, ќе има толку моќ, време, ресурси сето тоа да го прави за да донесе соодветна одлука за кого да гласа? Не, тоа е работа на медиумите! “

 Од друга страна, вели тој, понекогаш вината е и кај обичните граѓани.

„Понекогаш и ние луѓето, односно граѓаните  и сакаме да бидеме третирани со убави зборови и речиси сакаме да бидеме излажани, сакаме да веруваме во подобро утре и ете ви начин и причина, зошто сме излажани. “

Муслиу за таквата состојба гледа и економска логика.

“Со осиромашување на нашето општество, бројот на граѓани кој е зависен од волјата на политичките партии се зголемува и за нив не е битно какви ветувања се даваат. Ова е најголемиот проблем“.

Патолошки лажговци

Проблем понекогаш прават и патолошките случаи на политичари, дополнува Чучкова.

„Ако еден политичар верува во тоа што го кажува, малку е веројатно тој да покажува знаци дека лаже, затоа што тој е уверен во својата изјава“

Колку е поголема партијата толку се поголеми и ветувањата бидејќи тие тоа го поврзуваат и со централната власт, оценува Алберт Муслиу. Локалните избори, вели, се можност за нови алтернативи.

„Локалните избори се добра шанса за промоција за независни субјекти. Ова се случувало и во други земји. Се надевам дека независните субјекти, независните кандидати ќе бидат во поголем број за да дадат импулс за департизацијата на општеството кое е поларизирано со години наназад”.

Во македонскиот плурализам се паметат неколку крупни - никогаш нереализирани проекти. Милијардата од Тајван на Васил Тупурковски, пругата кон Бугарија што ја почна и никогаш не ја заврши ниедна од владите на Бранко Црвенковски. Никола Груевски пред локалните избори во 2009 вети дека за седум години ќе инвестира осум милијарди евра во инфраструктура. Се паметат само стотината милиони потрошени на проектот Скопје 2014.

Се чини полесно и почесно ќе беше ветување за бесплатни крпи на секој базен како што тоа го направи градоначалникот на Рејкјавик. Но, далеку е Исланд, па промените бавно доаѓаат кај нас.

AddThis Social Bookmark Button